Со порака дека светот влегува во период на длабоки геополитички, технолошки и економски промени, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати пред 81. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, ставајќи ги во центарот на својот говор положбата на малите држави, довербата во меѓународниот поредок и европската иднина на Македонија.
Мицкоски предупреди дека човештвото никогаш немало толкави научни и технолошки можности, а истовремено милиони луѓе живеат во војна или под закана од војна, повеќе од 100 милиони се присилно раселени, а стотици милиони деца и млади не посетуваат училиште.
Според него, токму во тој парадокс се наоѓа едно од најголемите прашања на современиот свет – дали технолошкиот напредок ќе биде проследен и со доволно политичка мудрост.
„Вистинското прашање е каков меѓународен поредок ќе ѝ оставиме на генерацијата што денес тргнува на училиште. За мала земја како мојата, ова не е академско прашање. Ова е прашање на опстанок“, порача Мицкоски.
Тој потсети дека Македонија пред повеќе од три децении, во период кога во непосредното соседство беснееле војни по распадот на Југославија, го избрала мирот и стабилноста. Токму на македонска територија, нагласи, Обединетите нации ја воспоставија првата превентивна мировна мисија во историјата на организацијата.
Од тоа искуство, рече премиерот, произлегува и една од најважните лекции за малите држави:
„Мирот не започнува кога војната ќе заврши. Мирот започнува кога политиката е доволно мудра да спречи војната воопшто да не започне.“
Довербата не може бесконечно да биде еднострана
Еден од централните делови од обраќањето беше посветен на односот меѓу силата и правилата во меѓународната политика.
Мицкоски посочи дека големите сили можат да си дозволат стратешки пресврти, но за една мала држава погрешна геополитичка проценка може да значи изгубена деценија. Затоа, како што нагласи, малите држави не можат да бидат рамнодушни кон меѓународните правила – но не можат ниту да прифатат тие правила да важат селективно.
Осврнувајќи се на поновата македонска историја, премиерот рече дека земјата повеќепати правела тешки компромиси и отстапки во име на мирот, соработката и интеграцијата, „често по цена на нашето најосновно чувство за достоинство и правда“.
Оттука ја испрати и една од најдиректните пораки од говорот:
„Довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска.“
„Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Ако од кандидатите за членство во една организација се бара да исполнат одредени критериуми, тогаш исполнувањето на овие критериуми мора да води кон напредок“, рече Мицкоски.
Тој предупреди дека довербата во меѓународните институции се нарушува кога граѓаните гледаат дека критериумите можат да се менуваат додека процесот трае или кога од едни се бара доследност што другите не ја бараат од себеси.
„Не можеме да ги убедиме дека компромисот е доблест ако секој компромис носи ново барање“, порача премиерот.
Македонија останува на европскиот пат
Мицкоски истовремено недвосмислено ја повтори геополитичката ориентација на државата – членството во НАТО, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и полноправното членство во Европската Унија како стратешка определба.
„Во време на неизвесност нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност“, рече тој.
Но најдиректната порака кон Европската Унија дојде во делот во кој зборуваше за условите на европската интеграција.
Мицкоски нагласи дека Македонија нема да се откаже од европската идеја и дека ЕУ останува нејзиниот „природен политички, економски и институционален дом“. Во исто време, рече дека државата е свесна и за сопствените обврски – владеењето на правото, поефикасните институции, поконкурентната економија и враќањето на довербата на граѓаните.
Но, паралелно со тоа, од Европската Унија очекува процесот на интеграција да остане заснован врз заслуги и мерливи критериуми, а не билатералните прашања постојано да ја поместуваат целта.
„Ние не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди, бараме стандардите да останат стандарди“, порача Мицкоски.
„Држава доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет“
Во завршницата на говорот премиерот ја дефинираше амбицијата што, според него, Македонија треба да ја има во свет што брзо се менува.
„Ние сме мала земја. Но ја отфрламе големината на нашата територија да го одредува размерот на нашата амбиција“, рече Мицкоски.
Таа амбиција, како што ја опиша, е Македонија да биде сериозна држава на која сојузниците можат да ѝ веруваат, држава во која младите можат да ја планираат својата иднина и држава која ги почитува различностите и мултикултурниот карактер на општеството.
Особено ја нагласи и врската меѓу националниот идентитет и почитувањето на другите:
„Држава доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет, без да го негира идентитетот на другите. Држава која ја знае својата историја, но не е заробена во неа.“
Говорот го заврши со порака дека Македонија е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста во меѓународниот поредок, но и со став дека светот во кој правилата целосно би ѝ отстапиле место на силата би бил особено опасен токму за малите држави.
Во време на војни, промена на центрите на моќ, вештачка интелигенција, енергетски и безбедносни предизвици, пораката од Њујорк беше поставена околу една основна теза: правилата имаат смисла само ако важат за сите, а довербата може да опстои само ако обврските се почитуваат од двете страни.