Михајло Идворски Пупин бил професор на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Тој бил научник кој, во текот на својата експериментална работа, го задолжил светот со своите откритија на полето на безжичната телеграфија и телефонија, како и рендгенологијата, а имал и големи заслуги за развојот на електротехниката.
За својата работа Михајло Пупин добил многу научни признанија и бил член на Американската академија на науките, Француската академија и Српската кралска академија, како и почесен доктор на 18 универзитети.
Во 1924 година, за автобиографското дело „Од емигрант до научник“, ја добил Пулицеровата награда. Бил добитник и на голем број други награди и признанија со светско значење за својата научна работа.
Иако изворите за потеклото на Михајло Пупин се скудни, според податоците и семејните преданија, тие упатуваат на неговите македонски корени. Негови родители биле Константин и Олимпијада, чие потекло се поврзува со Вевчани, Македонија. Неговиот дедо Арсение Пупин, кој живеел во Вевчани, заминал во Идвор. Се смета дека и мајката на Михајло, Олимпијада, потекнувала од Охридскиот крај.
Според потомците на родот Пупин, семејството се доселило во печалбарското Вевчани од Москополе, каде што живееле православни македонски и влашки родови. Во други податоци за семејното потекло се споменува селото Нича, во областа на Москополе, во денешна Албанија. Во потрага по подобар живот, семејството се преселило во Вевчани, а оттаму негови членови заминале во банатското село Идвор.
Вевчани е седиште на истоимената општина во западниот дел на Струшкото Поле. Неговиот атар се протега по источната страна на планината Јабланица и се издига до нејзиниот срт, каде што се допира со државната гранична линија со Албанија.
Пупинови во Вевчани изградиле куќа во месноста која денес се нарекува Пупинов Камен. По заминувањето на Арсение, во неа останал да живее неговиот брат, а нивниот род продолжил да се развива во Вевчани. Така, денес во Македонија има бројни семејства кои го носат презимето Пупин.
Михајло Идворски Пупин е роден на 9 октомври 1854 година во селото Идвор, денес во општина Ковачица, во Банат. Во времето на неговото раѓање, Идвор бил во рамките на Австриското Царство, а денес се наоѓа во Република Србија.
Основното образование Михајло Пупин го стекнал најпрво во родното место, во српско православно основно училиште, а потоа во германското основно училиште во Црепаја. Школувањето го продолжил во Панчево, каде што се истакнувал како талентиран и надарен ученик. Поради неговите активности во српското младинско движење и недоразбирањата со германската полиција, го напуштил Панчево и во 1872 година заминал во Прага на понатамошно образование.
По смртта на неговиот татко и поради финансиски тешкотии, во март 1874 година донел одлука да го напушти школувањето во Прага и да замине во САД. Како емигрант во „ветената земја“, речиси четири години работел како физички работник, а англискиот јазик го совладувал во вечерните училишта.
Потоа се запишал на колеџот Колумбија во Њујорк, каде што го завршил факултетското образование. Студиите ги продолжил на Универзитетот во Кембриџ, во Англија, и во Берлин, во Германија. По враќањето во САД, на Универзитетот Колумбија ја започнал својата педагошка и научна кариера, со која дал значаен придонес за Соединетите Американски Држави и за целиот свет.
Во Америка, Пупин го додал зборот „Идворски“ на своето име — Мајкл Идворски Пупин — нагласувајќи го потеклото од родното место. Станал знаменит научник и пронаоѓач од светски глас во областа на физиката и електротехниката, со особен придонес во телекомуникациите, радиотехниката и радиологијата.
Во историјата на науката, Михајло Пупин и Никола Тесла заземаат значајно место со своите придонеси во развојот на електротехниката и современите комуникации.

Во објави за македонските врски на двајцата научници се среќаваат и наводи за нивната преписка со роднините на македонски јазик, како и за писма, пакети и дарови што Пупин ги испраќал во Вевчани.
Внимание привлекува и фотографија објавувана како приказ на младиот Никола Тесла во македонска народна носија, датирана околу 1880 година.
Во САД, Пупин се оженил со Сара Катерина Џексон, која по неколку години починала поради болест. Во бракот со Сара се родила нивната единствена ќерка Барбара, која немала потомство.
По завршувањето на Првата светска војна, Михајло (Мајкл) Пупин, кој веќе бил познат и признат научник и близок пријател со претседателот на САД, Вудро Вилсон, учествувал во работата поврзана со Версајската мировна конференција како добар познавач на состојбите на Балканот.
Пупин се залагал сите народи на Балканот да имаат рамноправен статус, вклучувајќи и автономија за Македонија. Ваквиот став не им се допаднал на делегатите на тогашните власти на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, кои барале негово отстранување од конференцијата. Истовремено, му се припишуваат заслуги за спротивставувањето на примената на тајниот Лондонски договор меѓу сојузниците и Италија од 1915 година, со што во рамките на новата држава биле зачувани Далмација, Банат и други територии што ги побарувале соседните земји.
За нас, Македонците, значајно е да се одбележи интересирањето на Михајло Пупин за Македонија и помошта што ја давал. До 1914 година стекнал големо богатство од својата научна дејност.
Во знак на благодарност кон мајка му Олимпијада, за поддршката што му ја давала, го формирал „Фондот Олимпијада Пупин“. Средствата од фондот биле користени за стипендии за децата од Стара Србија – Македонија.
Во 1921 година, при посетата на Југославија, Михајло Пупин во Љубљана нарачал да се излие камбана тешка 2.300 килограми, која му ја подарил на градот Охрид. Камбаната, е поставена кај црквата „Света Богородица Перивлепта“, позната и како старата црква „Свети Климент Охридски“.
Михајло Пупин формирал и фонд од 100.000 динари за помош на сиромашните граѓани на Охрид. Во знак на благодарност, од 1930 година една улица во градот го носи неговото име.
Михајло Пупин починал на 12 март 1935 година во Њујорк и бил погребан на гробиштата Вудлон во Бронкс.
Денес, во Горно Маало, недалеку од центарот на убавото и карактеристично печалбарско Вевчани, познато по Василичарските празнувања, се наоѓа куќата на претците на Пупин. Таа била изградена во 1880 година, а денес е целосно обновена.
Во оваа спомен-куќа, која е и сместувачко-угостителски објект, се наоѓа интересна музејска поставка. Таа на својствен начин ги отсликува животот и делото на големиот американски научник Михајло Идворски Пупин и преданијата за неговите корени од Вевчани.