Постојат моменти кога секој од нас треба да застане пред сопствената совест и да се запраша: каква Македонија ќе им оставиме на нашите деца и внуци? Држава во која ќе сакаат да живеат, да создаваат и да растат нивните деца, или роден крај во кој ќе се враќаат само за празници, со куфер во раката и со тага во срцето?
Тоа прашање денес треба да нè собере на иста маса.
Во свет исполнет со геополитички превирања, пред соседските оспорувања и негирања, пред долгото чекање на европскиот праг, Македонија има потреба од разум, одговорност и обединување. Потребни ни се државничка мудрост и свест дека од нашите денешни постапки зависи животот на поколенијата што доаѓаат.
Имаме татковина со која треба да се гордееме и наследство што сме должни да го чуваме.
Македонија има славна и богата историја. Од античка Македонија на Филип и Александар Македонски, преку цар Самуил и неговото царство, до Илинден и АСНОМ — нејзиното минато носи сведоштва за државност, стремеж кон слобода, жртви и истрајност.
Ги имаме светите Кирил и Методиј, свети Климент и свети Наум, чиј просветителски и духовен завет ги надминува границите на Македонија. Ја имаме Македонската православна црква – Охридска архиепископија, нашите цркви и манастири, нивните камбани, икони, фрески и ракописи. Во нив се вградени молитвите, надежите и маката на многу поколенија.
Ги имаме Плаошник, Бигорскиот манастир, Лесново, Трескавец и толку други духовни светилишта. Ги имаме Стоби, Хераклеја и античките локалитети што сведочат за богатите цивилизациски слоеви на македонската земја.
Го имаме Охрид — бисерот на Балканот, градот во кој каменот, езерото и духовноста зборуваат со ист глас.
Кога човек ќе застане крај Охридското Езеро, пред Свети Јован Канео или пред Самуиловата тврдина, чувствува колкава одговорност носи припадноста кон оваа земја. Таквата убавина и таквото наследство бараат грижа, знаење и љубов што се покажува со дела.
Ги имаме Шарената џамија во Тетово, Мустафа-пашината, Султан Муратовата и Јахја-пашината џамија во Скопје. Со својата архитектура, украси и духовна традиција, тие се значаен дел од културното наследство на Македонија.
Ја имаме Шар Планина, ги имаме Пелистер, Галичица, нашите езера, реки, села и градови. Ги имаме македонската песна, јазикот, ората и обичаите. Ги имаме спомените на нашите родители и дедовци, нивните испукани раце и нивната надеж дека нивните потомци ќе живеат послободно и подобро.
Ги имаме и нашите корени во Пиринска и Егејска Македонија, во Мала Преспа и Гора. Таму живеат наши сонародници, таму се селата на нашите предци, семејните огништа и спомените што се пренесуваат од поколение на поколение. Со нив нè поврзуваат македонскиот збор и чувството на припадност. Наша обврска е да ги негуваме тие врски, да го почитуваме достоинството на нашите сонародници и да го поддржуваме нивното право слободно да го изразуваат и да го зачуваат својот македонски идентитет.
Ги имаме и нашите браќа и сестри во дијаспората — нераскинлив дел од македонскиот народ, кои и далеку од родниот крај ја носат Македонија во срцето. Од Европа до Америка, Канада и Австралија, тие го чуваат македонското име и културното наследство и им ги пренесуваат на своите деца и внуци. Со труд, знаење, помош и пожртвуваност остануваат поврзани со татковината и придонесуваат за неа.
Таа врска треба заеднички да ја негуваме. Нивните деца и внуци треба да чувствуваат дека во Македонија имаат свој дом, свој корен и отворена врата. Каде и да живееме, нè поврзува истата љубов кон Македонија.
Толку многу сме наследиле. Нашата обврска е тоа богатство да го сочуваме и да му дадеме иднина.
Мора да научиме да се почитуваме едни со други и да ја чуваме сопствената држава.
Демократијата живее од различни мислења. Нека има политички натпревар, критика и жестока расправа. Но секој јавен збор носи одговорност. Кога навредата го заменува аргументот, кога партиската или националната припадност станува поважна од човечкото достоинство, кога во неуспехот на државата некој гледа можност за сопствена победа — тогаш сите губиме.
Нашите деца и внуци заслужуваат повеќе од наследени поделби. Заслужуваат училишта што ќе им дадат знаење, институции во кои ќе имаат доверба, можност чесно да работат и слобода да сонуваат. Заслужуваат да растат со чувството дека овде има место за нив и дека во Македонија можат да ја градат својата иднина.
Затоа обединувањето мора да добие конкретна содржина. Да изградиме државни позиции што ќе ги застапуваме достоинствено и одговорно. Да ги чуваме културното наследство и природните убавини. Да ја поврземе дијаспората со татковината преку нејзиното знаење, искуство и љубов кон Македонија.
Во тој заеднички напор има место за секој граѓанин што ѝ посакува добро на Македонија, без оглед на неговата етничка или верска припадност. Заедничкиот дом се чува со еднаква одговорност и со еднакво право на достоинствен живот.
Нашата желба за европска иднина е врзана со надежта за сигурност, правда и подобар живот. Во таа иднина сакаме да влеземе со својот македонски јазик, со својата култура и со достоинството на народ што знае кој е. Истовремено, секој ден треба да работиме тие вредности да се чувствуваат овде — во судницата, во болницата, во училиштето и во односот на институциите кон човекот.
На Македонија ѝ се потребни испружени раце меѓу сопствените граѓани.
Некој мора прв да ја намали жестината на зборовите. Некој мора прв да го слушне соговорникот докрај. Секој од нас може да направи нешто што ќе ја врати довербата дека сме способни за заедничка иднина.
Еден ден нашите внуци ќе нè прашаат што сме направиле кога било тешко. Дали сме ги продлабочувале поделбите или сме помогнале да се надминат? Дали сме го чувале наследеното? Дали сме мислеле и на нивниот живот?
Да се потрудиме одговорот да можеме да им го дадеме гледајќи ги право во очи.
Македонија ни е наследство од предците и одговорност пред потомците. Нејзината славна историја нè обврзува да создадеме иднина достојна за нашите деца и внуци.
Да се обединиме околу таа света обврска која сме ја наследиле како аманет!