Ракавицата за предвремени избори од Мицкоски е фрлена, ама Венко Филипче никако да ја крене. Ја гледа, ја анализира, па ја повторува големата стратегија: „Нема да му бидеме алиби“.
Или поинаку кажано: „Почитувани граѓани, условите за нашата храброст сè уште не се исполнети“
Мицкоски порача дека ќе прифати предвремени избори ако ги побара здружената опозиција.
ДУИ и Левица се за.
Кај СДС, пак, изборната подготвеност засега се чува во соопштенијата.
Филипче уверува дека не се плаши. Подготвен бил во секој момент. Само никако да дојде моментот да побара избори.
Народски кажано: лесно е кучето да лае додека е на ланец — пушти го, па да видиме колку е храбро.
Милошоски ја посочи очигледната логика: ако му предвидувате пораз на Мицкоски, побарајте избори. Но токму тука завршуваат победничките најави и почнува приказната за алибито.
Според Филипче, избори ќе има кога ќе снема пари за „партиски тендери“.
Значи, СДС чека буџетот да ѝ го состави изборниот календар. Уште недостига известување: „Терминот за победа дополнително ќе биде соопштен“.
Во меѓувреме, продолжува внатрешната консолидација во СДС.
Државата би ја средувале, ама сопствената партија никако да ја досредат.
Легитимно е во СДС да проценат дека сега не им одговараат избори. Само нека го кажат тоа. Нема потреба одложувањето да го продаваат како храброст, а одбивањето на предизвикот како политичка мудрост.
Ракавицата останува на подот.
Филипче останува подготвен.
Само уште изборите да не му ја нарушат подготвеноста.
Или, пак, одговорот зошто ракавицата останува на подот се крие во последната анкета?
