Во август 1932 година, во Детроит, излегол 15. број на „Балканско сдружение“ („Balkan Unification“), месечното гласило на Македонскиот народен сојуз во Америка. Во приложениот исечок од тој број, полемиката за насилствата во Петричкиот крај завршува со повик за слободна и независна Македонија во рамките на балканска федерација.
Во написот, авторот ги обвинува четите на Ванчо Михајлов за насилствата и ги поврзува нивните дејства со бугарската политика на насилна асимилација на македонскиот народ.
Според авторот, михајловистите се обидуваат вината за убиствата да ја префрлат врз самите жртви, а весникот „Македонска трибуна“ се обидува да ги оправда тие злосторства.
Авторот им порачува на михајловистите дека залудно се обидуваат да ги оправдаат своите крвави дела. Македонскиот народ, пишува тој, ја разбрал нивната улога и ќе ги изведе пред народниот суд за да одговараат за раните што му ги нанеле.
Во завршниот дел од написот е изразен стремежот за слободна и независна Македонија во рамките на идна балканска федерација.
„Патот по кој македонскиот народ ја води и ќе ја води ослободителната борба е зацртан од ВМРО (Обединета). И самите услови ни го посочуваат тој пат. Тоа е патот на масовната револуционерна борба, рамо до рамо со сите национално и социјално потиснати народи на Балканот. Само по тој пат ќе се оствари петвековниот копнеж на поробениот македонски народ – слободна и независна Македонија во рамките на Балканската федерација на слободните народни републики.“
„Балканско сдружение“ било месечно гласило на Македонскиот народен сојуз во Америка и дел од печатот на македонското иселеништво во Соединетите Американски Држави.
„Балканско сдружение“, год. II, бр. 15, август 1932 година, стр. 6.