Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев.
Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците.
Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање на Дебарската епархија, сопствените истражувања и сведоштвата што ги собирал од населението.
Посебно место ќе им биде отстапено и на настаните поврзани со Илинденското востание и учеството на монасите во Бигорскиот манастир во подготовките за Востанието. Во 1903 година манастирот им овозможувал засолниште на револуционерните дејци, а во неговите простории бил уреден и склад за оружје. По иницијатива на игуменот, еромонахот Партениј, монасите Гаврил Карапела и Гаврил Руснак, со помош на Никола и кираџијата Секула, изработиле две црешови топчиња,…
Напомена за книгата
„Книга за Мијаците“ првично била напишана така што Георги Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашните власти во Бугарија во 1941 година не дозволиле книгата да биде отпечатена во нејзината изворна форма.
Како услов за објавување било поставено барањето секаде каде што во ракописот пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.
Принуден од околностите, но решен по секоја цена да го објави своето истражување и да ги зачува собраните сведоштва за Мијаците, Трајчев го прифатил поставениот услов.
Поради тоа, при читањето на книгата треба да се имаат предвид политичките околности во кои била објавена, како и притисоците под кои авторот морал да го приспособи својот ракопис.
Почнувајќи од наредната среда, „Македонска нација“ во рубриката „Фелтон“ ќе објавува продолженија од „Книга за Мијаците“ на Георги Трајчев – значајно сведоштво за еден од највпечатливите и најсамобитни предели на Македонија.