Македонски легенди

Богоја Фотев од Герман голем револуционер и страдалник

Славе Катин

Славе Катин

Богоја Фотев од Герман голем револуционер и страдалник

 (14 август 1900 – 27 јануари 1993) –

Посебно место меѓу истакнатите Македонци од Долна Преспа зазема Богоја Фотев од Герман – македонски револуционер, државник и претседател на Президиумот на Народното собрание на Македонија.

Роден е на 14 август 1900 година во селото Герман, во егејскиот дел на Македонија, а починал на 27 јануари 1993 година во Бистрица, Битолско. Бил носител на „Партизанска споменица 1941“ и учесник во создавањето на македонската држава на АСНОМ. По Резолуцијата на Информбирото бил прогласен за политички неподобен и отстранет од сите функции.

Богоја Фотев потекнувал од револуционерно семејство. Неговиот татко, преспанскиот војвода Наум Фотев Геровски, бил член на ТМОРО и учесник во Илинденското востание. Затоа Богоја уште од детството растел со идеите за слобода и самостојност на Македонија. Се школувал во родното место, а потоа во Битола и во Охрид. Во 1924 година неговото семејство се преселило во битолското село Бистрица, каде што подоцна го поминал најголемиот дел од животот и каде што се наоѓа неговото вечно почивалиште.

Истата година, притиснат од тешката економска состојба во поделена Македонија, Фотев заминал на печалба во Соединетите Американски Држави. По двомесечно патување преку Австрија, Швајцарија и Канада, работел во Илиноис, Мичиген, Охајо и Пенсилванија. Во фабриките го почувствувал тешкиот работнички живот, што уште повеќе го доближило до револуционерното и работничкото движење.

Во есента 1926 година се вратил во Македонија и активно се вклучил во општествено-политичкиот живот. На општинските избори во 1933 година во Буково настапил со сопствена кандидатска листа, но власта го спречила неговиот избор. Во 1936 година се приклучил на Македонскиот народен покрет (МАНАПО), создаден по иницијатива на македонските студенти во Загреб и во Белград. Подоцна ѝ пристапил на Комунистичката партија на Југославија и го основал Месниот комитет на КПЈ за Битола.

По провалата во битолската партиска организација во 1940 година, Фотев бил уапсен и осуден на пет години затвор во Сремска Митровица. На 22 август 1941 година, заедно со Орце Николов, Бане Андреев и други затвореници, избегал и му се приклучил на Фрушкогорскиот партизански одред. При обидот да се врати во Македонија бил фатен од бугарската полиција, но поради недостиг од докази бил ослободен во јули 1942 година. Во 1943 година повторно бил затворен и интерниран во Бугарија. Кон крајот на годината се вратил во Македонија, заминал во партизани и ѝ пристапил на Првата македонско-косовска ударна бригада.

Како истакнат борец, Богоја Фотев бил предложен за делегат на АСНОМ од Битолскиот и Мариовскиот Регион. По десетдневно патување, главно ноќе, со група делегати пристигнал во манастирот „Свети Прохор Пчињски“. На Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, бил избран за член на Президиумот, а потоа станал повереник за финансии и секретар на Президиумот на АСНОМ.

Како „чувар на трезорот“, се грижел за првата македонска државна каса – зародишот на Народната банка на Македонија. Под негов надзор се чувале парите преземени од филијалите на Бугарската народна банка. Заедно со Киро Глигоров ја разгледувал можноста левот и лекот да бидат заменети со бонови, но тоа не било спроведено. Фотев го издал и првиот налог за контрола на работењето на скопската филијала на Бугарската народна банка, со што биле поставени основите на финансискиот и банкарскиот систем на Македонија.

На Второто заседание на АСНОМ, одржано од 28 до 30 декември 1944 година, бил избран за повереник за земјоделство и се ангажирал за успешна пролетна сеидба. На Третото заседание на АСНОМ, во април 1945 година, станал член на Народното собрание на Македонија. По оставката на Методија Андонов-Ченто, во пролетта 1946 година ја презел функцијата претседател на Президиумот на Народното собрание на Македонија.

Родното село на Фотев, Герман, е едно од најголемите населени места во Преспа и е поврзано со бројни преданија. Според една стара легенда, пред доаѓањето на Римјаните жителите имале населба на брегот на Преспанското Езеро, во близина на денешниот премин Маркова Нога. Во Герман во 1888 година била пронајдена надгробна плоча посветена на комитата Никола, неговата сопруга Рипсимија и нивниот син Давид. Плочата, поставена од цар Самуил, денес се наоѓа во музеј во Софија.

Со Самуиловото време е поврзан и островот Свети Ахил во Долна Преспа, каде што сѐ уште живеат малкумина Македонци што ги чуваат спомените и традициите на своите предци. Се смета дека околу 970 година Самуил престојувал на островот и таму изградил голем манастир и црква посветена на светецот Ахил, чии мошти ги донел од Лариса. Остатоците од оваа црква и денес сведочат за богатото историско и духовно наследство на Преспа.

Богоја Фотев останал на високата државна функција до декември 1950 година. По судирот меѓу Југославија и Советскиот Сојуз и Резолуцијата на Информбирото, се нашол пред тешка политичка и лична дилема. Партиското раководство, предводено од Лазар Колишевски, го принудило да поднесе оставка од сите функции и да се пензионира. Изложен на силен притисок, кој го погодувал и неговото семејство, западнал во длабока депресија и се обидел да си го одземе животот.

На почетокот на 1951 година со сопругата се вратил во Бистрица. Во годините на информбировските прогони биле казнети и неговите најблиски: синот Јонче, братот Геро, шурата Илија Шмакевски и првиот братучед Методија Стојчевски биле испратени во логор, а неговата сестра Вида и внукот Никола биле исклучени од Партијата.

Дури во 1990 година, на својот 90-ти роденден, Фотев ја прифатил партиската рехабилитација и станал член на СКМ–ПДП. Починал на 27 јануари 1993 година во Бистрица, Битолско.

Животот на Богоја Фотев останува сведоштво за една бурна епоха – од борбата за национална и социјална слобода, преку создавањето на македонската држава, до политичките прогони што ги погодија и нејзините најзаслужни борци. Неговото име заслужува трајно место во македонската историска меморија.

Најново од: Македонски легенди

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Најнови вести

To top