Македонски легенди

Оскар Давичо – писателот што со перо сведочеше за борбата на партизаните на Маркос

Оскар Давичо е роден на 18 јануари 1909 година во Шабац, во еврејско семејство, а починал на 30 септември 1989 година во Белград. Бил истакнат српски и југословенски писател, поет, есеист, преведувач, новинар, револуционер и учесник во антифашистичката борба.

Оскар Давичо потекнувал од сефардско еврејско семејство. Детството го минал во Шабац, а образованието го продолжил во Белград. Уште како гимназијалец почнал да пишува поезија и да го покажува својот бунтовен дух и неподготвеноста да се помири со општествените неправди.

За време на Втората светска војна се приклучил кон партизанското движење и учествувал во антифашистичката борба. По војната работел како новинар во Танјуг, „Борба“ и „Глас“, а како известувач го следел и Нирнбершкиот процес, на кој им било судено на водечките претставници на нацистичкиот режим.

„Меѓу партизаните на Маркос“

Посебно место во неговото творештво има книгата „Меѓу партизаните на Маркос“, објавена на српски јазик во Белград во 1947 година. Делото има исклучително значење и за македонските читатели бидејќи содржи непосредни сведоштва за Граѓанската војна во Грција и за страдањето на Македонците во Егејскиот дел на Македонија.

Во 1947 година, во екот на војната, Давичо го посетил овој дел од Македонија и престојувал меѓу борците на Демократската армија на Грција, предводена од генерал Маркос Вафијадис. Тој не пишувал од безбедна далечина, туку непосредно го следел животот на борците, нивното движење низ планините, воените судири, жртвите и страдањата на цивилното население.

Своите доживувања и записи ги објавил во обемна книга од близу 400 страници. Покрај описите на градовите и селата и животот на населението, во неа се содржани интервјуа со команданти и борци на Демократската армија на Грција, како и потресни сведоштва за теророт што го претрпувале Македонците.

Особено значајно е интервјуто со генерал Маркос од 1947 година, во кое тој зборува за Македонците како посебен народ и за нивното право слободно да го употребуваат својот јазик. Во книгата се пренесени и сведоштва на припадници на ДАГ кои отворено се изјаснувале како Македонци.

Генерал Маркос, зборувајќи за краткиот период на власта на ЕАМ во 1944 година, посочил дека Македонците слободно зборувале на својот јазик, печателе весници и отворале училишта во кои се изучувала нивната историја. Ова сведоштво има голема вредност за расветлување на положбата на македонскиот народ во Егејскиот дел на Македонија.

Книгата била повлечена од јавноста по судирот меѓу Југославија и Советскиот Сојуз во 1948 година и поради политичките околности поврзани со генерал Маркос. Со децении таа останала речиси заборавена и недостапна за пошироката македонска јавност.

Сведоштва за суровиот терор

Давичо запишал и потресни сведоштва за тортурата, убиствата и прогоните врз населението. Едно од нив е изјавата на припадникот на ДАГ, Ламбринас, кој пред присутните новинари раскажал за мачењата и убиствата на луѓе осомничени дека ја поддржуваат антифашистичката и партизанската борба.

Во неговото сведоштво се споменуваат жени кои биле мачени за да ја откријат локацијата на илегална печатница, силувани и убиени активистки на ЕАМ, како и работници и членови на нивните семејства кои биле сурово ликвидирани.

Овие записи не се само сведоштва за едно сурово време. Тие претставуваат историски документи за страдањето, отпорот и опстојувањето на Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Преку нив Давичо зачувал дел од вистината за војната во која македонскиот народ платил огромна човечка цена.

Книгата повторно пред македонските читатели

Благодарение на македонскиот историчар и писател Александар Донски, книгата била пронајдена и од неа првпат на македонски јазик бил објавен избор од стотина најзначајни страници. Вредните историски податоци биле преведени и на англиски јазик за да бидат доставувани до странски институции, организации и истражувачи.

Книгата била преведена и на грчки јазик од соработник на Донски од Солун, со цел нејзината содржина да стане достапна и за Македонците во Егејскиот дел на Македонија кои го зборуваат македонскиот јазик, но најчесто читаат на грчки.

Покровител на објавувањето е Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, предводено од Душан Ристевски, во соработка со Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип, предводено од Стојан Димков.

Преводите ги помогнале Трајче Т. Трајкоски од Перт, Александра и Горан Серафимовски од Австралија, како и „Македон преведувачи и издавачи“ од Сиднеј. Поради недостиг од средства, трите јазични изданија засега се објавени само во електронски формат.

Оскар Давичо напишал дека Егејскиот дел на Македонија го носел во своето срце. За време на престојот меѓу партизаните и неговиот живот бил изложен на опасност, но тој не се откажал од својата новинарска и човечка должност да сведочи.

Давичо починал во Белград во 1989 година, оставајќи богато книжевно наследство. Неговото дело продолжува да сведочи за бурниот XX век и за писателот кој не се задоволувал само да го опишува светот, туку настојувал со своето перо да се бори за вистината и за неговото менување.

Поради неговата храброст и сведоштвата што ги оставил за Македонците, заслужува неговото име да биде зачувано и во Македонија. Именувањето улица по Оскар Давичо би претставувало достоинствено оддолжување кон писателот и новинарот кој во еден од најтешките периоди ја запишал вистината за страдањата и борбата на македонскиот народ.

 

Најново од: Македонски легенди

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Најнови вести

To top