Историја

Брз економски развој во Мала Преспа и голем отпор на населението против асимилацијата

Во периодот од 1926 до 1930 година во Мала Преспа бил забележан брз развој, особено во изградбата на нови куќи. Голем број луѓе кои по Грчко-турската војна заминале на печалба низ светот им испраќале значителни суми пари на своите семејства, а кога се враќале во родните села, со себе носеле и голем дел од заштедените средства.

Месото, сирењето, гравот и пченицата биле многу барани, бидејќи на грчкиот пазар овие производи недостигале во голема мера. Населението го зголемило производството и од нивната продажба остварувало високи приходи. Сето тоа, заедно со печалбарството, придонело во селата од Мала Преспа да се изградат нови и убави куќи, а целиот крај од ден на ден го менувал својот лик.

Во селата на Мала Преспа, според дамнешната традиција, се приредувале богати свадби, слави и панаѓури, кои траеле и по неколку дена. Во Герман, на Германовден, на 12 мај, бројот на свадбите достигнувал и до 25, додека во Нивици, на празникот Богородица, се одржувале и до осум свадби.

На Јованден, во месноста Горица кај Роби, во манастирот „Свети Јован Преспански“, се одржувал голем панаѓур што траел неколку дена. Слични панаѓури имало и во другите села, бидејќи секое село имало свој празник и свој ден за прослава. На овие собири се собирале стотици жители од селата во Мала Преспа. Се свирело, се пеело, се играло и народот се веселел. На сите празнични веселби се пееле македонски песни и се играле македонски ора.

Малубројните владини чиновници што управувале со населението многу брзо се приспособувале на неговите обичаи. Многумина од нив пееле македонски песни заедно со Македонците. Доселените бегалци, пак, не учествувале во овие веселби. Нивните обичаи не биле блиски ниту до македонските ниту до грчките. Тие имале свои посебни обичаи и најчесто останувале настрана.

Судијата од Герман, Џилавис, по неколку години живот меѓу луѓето од Мала Преспа, имал можност одблизу да се запознае со нивната култура. Кога ги видел богатите трпези што се поставувале на свадбите, славите и панаѓурите, ги раширил рацете и рекол:

„Господе, што е ова? Зар од овој народ треба да се плашиш и да се браниш со пушка? Вака како што одат работите, наместо ние Македонците да ги направиме Грци, самите ние станавме Македонци, затоа што со нив го зборуваме нивниот јазик, ги прифативме нивните обичаи и заедно со нив ги пееме нивните песни.“

Потоа пушката му ја предал на Стефа Четелев од Герман, кој бил ловџија, и му рекол:

„Земи ја и оди убивај мечки. Јас немам од кого да се бранам. Овие луѓе не се за убивање.“

Луѓето што заминувале на печалба и по неколку години биле отсутни од родниот крај не ја губеле љубовта кон своите обичаи и кон својот народ. Напротив, таа љубов уште повеќе се засилувала. Тие биле организирани во македонски друштва, во кои слободно ја изразувале својата огорченост кон завојувачите во родниот крај.

Кога се враќале дома, своето искуство, сознанија и подготвеност за отпор против новите жандарми, одделни владини чиновници и управители, како и против притисоците од бегалците, ги пренесувале врз месното население.

На парламентарните избори во 1926 година, во избирачкото место за Мала Преспа во Герман, победил комунистичкиот пратеник Кирјакопулос, Влав од селото Псодери, Леринско.

Во тој период десетина млади луѓе од селата се школувале во средните училишта во Лерин и во други места. Тие биле прогресивни и имале силна желба да дознаат што повеќе за својот народ, поради што сè поактивно дејствувале во таа насока.

Меѓу нив бил и мојот брат Ванчо Мундушев, тогашен ученик во Учителската школа во Лерин. Тој честопати бил затворан како комунист, а по завршувањето на школувањето не можел да добие работа како учител, поради што бил принуден да се занимава со земјоделство. Слична била судбината и на Кире Грежлов од Герман, кој завршил земјоделско училиште, но исто така бил изложен на постојани малтретирања. Ванчо починал во 1937 година, за време на диктатурата на Метаксас.

Во 1930 година во Герман било изградено големо училиште, при што било предвидено еден негов дел да прерасне во средно училиште, односно гимназија. Меѓутоа, владините управители во Лерин, врз основа на искуството со македонските младинци што веќе се школувале, сметале дека би било погрешно да се дозволи отворање средно училиште во Мала Преспа.

Иако постоеле сите потребни услови, не било дозволено отворање гимназија, па училиштето и понатаму останало само основно. Таквата одлука била уште еден обид да се спречи образовниот и националниот развој на македонското население во Мала Преспа.

 

 

 

Најново од: Историја

Почеток на битките на Александар Македонски во Мала Азија

Почеток на битките на Александар Македонски во Мала Азија Дел од романот „Александар Велики (Македонски)“ од Улрих Вилкен, во превод и приспособување на Славе Николовски-Катин – I дел Несомнено, како генерал на Лигата, првата должност на Александар Македонски била да ги ослободи античките грчки градови во Мала Азија од персискиот јарем. Меѓутоа, сè што било […]

Мајскиот манифест од 1924 година – повик за обединување и независна Македонија

Мајскиот манифест од 1924 година претставува еден од најзначајните политички документи во историјата на македонското ослободително движење. Во него јасно била поставена целта за обединување на распарчените делови на Македонија и создавање независна и самостојна македонска држава во нејзините природни, географски и етнографски граници. По Балканските војни и Букурешкиот договор од 1913 година, Македонија била […]

Државните граници на Грција и Југославија – „status quo“

Воспоставена власта во Грција и поставена „железната завеса“ на границата кон север По завршувањето на Втората светска војна, 1945 година е карактеристична по многу настани што се случиле во Грција. Особено значајно било потпишувањето на Договорот од Варкиза и преземањето на власта од страна на десницата. Според грчката историографија, 1945 година, особено зимските и пролетните […]

ВМРО-СДРМА – Самостојна Демократска Република Македонија под протекторат на Америка.

ВМРО-СДРМА и идејата Македонија да стане ѕвезда на американското знаме Во годините непосредно по Втората светска војна, група млади Македонци одбила да се помири со поделбата на Македонија и со неостварениот идеал за самостојна и обединета македонска држава. Во Прилеп се појавила ВМРО-СДРМА – организација која излезот го гледала во создавање Самостојна Демократска Република Македонија […]

Македонски историски календар: 9 септември 1944 година

9 септември 1944 – Политички пресврт со значајни последици за Македонците во Пиринска Македонија Во последните месеци од Втората светска војна дошло до големи промени на Балканот. На 5 септември 1944 година Советскиот Сојуз ѝ објавил војна на Бугарија, а советската армија започнала да навлегува на нејзината територија. Во ноќта меѓу 8 и 9 септември, […]

Граник – првата битка на Александар Македонски против војската на Дариј во Персија

Кога командниот брод на Александар Македонски се приближил до тројанскиот брег, тој во средината на Дарданелите им принел жртви на морските божества Посејдон, Амфитрита и Нереидите. Кога дошол блиску до брегот, скокнал во водата со целиот оклоп, го забодел копјето во песочната плажа и извикал дека од боговите ја добил Азија како „земја освоена со […]

Македонија и решенијата на Санстефанскиот договор и Берлинскиот конгрес

Санстефанскиот договор и решенијата на Берлинскиот конгрес од 1878 година не донеле ослободување за Македонија. Напротив, тие ја претвориле во предмет на судир меѓу големите сили и соседните балкански држави, чии владејачки кругови настојувале да ги остварат своите територијални претензии на сметка на македонскиот народ. Може да се каже дека оружените акции на српските и […]

Преспа по поделбата

Првата балканска војна и поделбата на Македонија Првата балканска војна се приближувала кон својот крај. Српската војска се наоѓала во Битола, а грчката пред Лерин. На 27 октомври 1912 година српски артилериски гранати експлодирале над Ѓавато, еден од главните премини за повлекување на турскиот аскер од Битола кон Албанија. Турската војска веќе се повлекувала од […]

To top