|
|
Од патувањата по светот – Индија (5) |
(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) СВЕЧЕН ПОГРЕБ ЗА ГОЛЕМАТА МИСИОНЕРКАТАЛегендарната мисионерка Мајка Тереза е добитник на Нобеловата награда за мир, на наградата УНЕСКО за придонес во образованието, на индиската награда „Џавахарлал Нехру“, на наградата „Универзална мајка“ и на многу други награди и признанија. Меѓутоа, за Мајка Тереза најголема награда и признание претставуваше моментот кога некому даваше помош. Таа беше една од оние кои се борат да се надмине сиромаштијата и бедата што му се заканува на човештвото. Затоа, ја заслужи почитта за нејзината хумана истрајност, за да стане легендарна мисионерка. Погребот на Мајка Тереза се изврши во Калкута, каде по богослужбата во црквата „Свети Томас“, всушност, започна погребната церемонија. Имено, колата со ковчегот на Мајка Тереза влезе во преполнетиот затворен стадион Нетаџи, кој, иако преполн со илјадници лица и високи државни функционери, кралски и дипломатски претставници, за момент се исполни со тишина, како израз на исклучителниот респект кон животот и делото на големиот хуманист кој целиот свој живот го посвети на сиромашните, на кои им подари добрина и љубов. Свечената церемонија се одликуваше со одлична организација на индиските власти, кои на Мајка Тереза £ приредија државен погреб, со исклучителна љубов. Бе-лите букети цвеќе, аранжирани ненаметливо, едноставно, а сепак доминантно, каков што беше и животот на легендарната мисионерка. Меѓу многуте светски делегации се наоѓаа премиерот и претседателот на Индија, првата дама на САД, Хилари Клинтон, кралицата Нор од Јордан, првата дама на Франција, леди Бернадет Ширак, сопругата на премиерот на Канада, Алин Кретјен, Соња Ганди, војвотката од Кент, претседателот на Албанија, претседателот на Гана, повеќе министерски делегации, поранешната кралица на Белгија и др..
Свечената церемонија на која присуствувавме заврши по 3,5 часа кога македонската делегација во името на целиот македонски народ и на државата - Република Македонија положи венец во знак на почит од македонските граѓани, а особено на скопјани, чија сограѓанка беше Мајка Тереза. Последен поздрав на благодарност од сите присутни и од сите оние кои ја сакаа и £ оддадоа признание, упати нејзината наследничка сестра Нирмала. Таа, меѓу другото, нагласи дека животот на Мајка Тереза претставувал „жртва, молитва и љубов за сите, особено за најсиромашните од сиромашните“. На крајот свечената церемонија заврши со молитвени песни кои ги пееја хорот на мисионерките од нејзиниот ред, а потоа телото на Мајка Тереза беше однесено до нејзината Куќа на милосрдието во центарот на Калкута. Во овој десетмилионски град подолго време се чувствуваше присуството на Мајка Тереза, нејзините слики, нејзините молитви, нејзиното дело… Во текот на престојот, делегацијата од Република Македонија имаше одвоени средби со министерот за правосудство и законодавство на Западен Бенгал и со градоначалникот на Калкута. На двете средби се разговараше за можностите за развој на соработката меѓу Република Македонија и Индија, како и на градовите Скопје и Калкута. Притоа, беше истакната потребата од обновување на некогашните врски, контакти и можности за вклучување на Република Македонија за посматрач на Движењето на неврзаните. Исто така, беше покрената и иницијатива за збратимување на градовите Скопје и Калкута и за поставување спомен-плоча на гробот на Мајка Тереза во Калкута, на која би било одбележано дека таа е скопјанка од Република Македонија, на која граѓаните од Скопје и‘ изразуваат почит кон нејзиното големо дело што таа го направи, а светот тоа знаеше да го цени и почитува. Инаку, оваа исклучителна жена, која беше прогласена за најголема хуманистка на XX век, припаѓаше на Скопје, Калкута и на целиот свет. Но, за време на една од неколкуте посети на Скопје во 1980 година, запрашана дали по националност е Македонка, Влаинка, Албанка, Србинка или нешто друго, изјавила на начин типичен за нејзиниот животен стил: „Се чувствувам како граѓанка на Скопје, мојот роден град, но му припаѓам на светот, во исто време“. Бевме исполнети со задоволство од посетата на Индија, но бевме тажни зошто таму отидовме поради тажниотнастан. Задоволството беше големо кога слетавме на аеродромот „Хитроу“ во Лондон, а оттаму се упативме кон Македонија за да го заокружиме нашето патешествие по еден голем дел од светот, од Калкута преку Лондон до Скопје. Слично патување имала и Мајка Тереза која засекогаш заминала во спротивна насока, од Скопје преку Ирска до Калкута, а оттаму во вечноста.
Крај
|