|
|
Капернаум – втор дом на христијанството |
Во Израел постојат над 10.000 Свети места, кадениз вековите се градени прекрасни базилики какоспомен на библиските праданија од Новиот завет. Да се посети Светата земја – Израел, во вистинска смисла на зборот претставува остварување на еден сон. Таа е земјата на Аврам и на неговите следбеници што Господ им ја ветил како наследство во кое децата на Израел биле водени од Мојсие по егзодусот во Египет. Таа е земјата што секој, без разлика од која религија треба да ја посети и да го доживее чувството што го нуди Светата земја, каде што не може да се почувствува на друго место тоа што се нуди на овие простори. Таа е земјата на постојаната младост дарувана преку спасението на витлеемскиот Богомладенец. Според некои неофицијални податоци, во Израел постојат над 10.000 свети места каде низ вековите се градени прекрасни базилики како спомен на библиските преданија од Новиот завет. Не е мал бројот и на културно - историските споменици што ја презентираат еврејската историја од Стариот завет, чии ѕидишта говорат за времето на Саул, Давид и Соломон, за вавилонското и персиското владеење, за периодот од пет вековното османлиско ропство, за европскиот ариејски период итн. Речиси секој посетител и турист што доаѓа во оваа земја не може, а да не го посети Капернаум, зошто, според библиските преданија тој е вториот дом на христијанството. Авторот на овие редови ќе забележи дека да се патува по Светата земја е голем предизвик, зашто таквото патување е повеќе од секое друго; таму се патува низ библиската земја, во земјата на пророците и патријарсите, низ земјата на царевите, земјата на апостолите… Да се чекори по земјата на Христовото детство, по бреговите на реката Јордан, на Галилејкото Езеро и на Мртвото Море, по земјата осветена од Исуса Христа е ретко доживување за секој христијанин, за секој човек без разлика на неговите религиски убедувања и верувања. При нашата посета на Светата земја – Израел, се запознавме со библиските преданија на голем број свети места, меѓу кои ќе ги споменеме неколку од нив. Имено, височинката Тавор или Табор, што се наоѓа југозападно од Галилејското Езеро на надморска височина од 588 метри, северно од рамнината Језраил е значајно, историско и религиозно место. Тавор кој благо се вишнее над Језраелската долина, во регионот каде секој камен е исполнет со дел од историското и религиозно минато. Името на висорамнината Тавор се јавува и во Библијата, која ја означува древната граница меѓу племињата на Нефталим, Зевулон и Исахар. На нејзиниот врв Варак ги собрал Зевулон и Нефталим во борба против Сисар и го поразил. Според библиските преданија таму било и светилиштето на Исахар и Зевулон, тоа истото што денес се слави како преобразување на Исус Христос. Но, најважно е тоа што на Тавор, според преданијата се случи чудото на преобразувањето на Исус Христос. Таму, на врвот Тавор се наоѓа црквата “Свето Преображение”, последната религиозна зграда, која како резултат на војната била уништена во 19. век. Таа е повторно изградена во 1923 година и претставува значајно религиозно место кое го посетуваат голем број верници од целиот свет. Со својата убавина, со локацијата и со богатството на библиските преданија посебно внимание заслужува светото место Капернаум. Оваа локација се смета како втор дом на Исус Христос и е едно од главните места на христијанството. Често пати христијаните го нарекуваат Капернаум крстосница на религиите. Капернаум е местото каде Исус Христос заминал да живее откако го напуштил Назарет. Капернаум (Кафарнаум) е сместен на северниот брег на Галилејското Езеро во непосредна близина на древниот пат “Виа Марис”, што води кон Сирија. Неговото име значи “Наумово село”. Тој бил римски воен логор и центар на римската власт. Исус Христос проповедал во синагогата и тука излечил многу народ. Најверојатно во древните времиња тука постоел град, за што сведочат ископините на синагогата. Еден дел од Капернаум припаѓа на Католичката црква, која уште на влезот од древниот град поставила споменик на Свети Петар, еден од тројцата омилени Христови ученици. Инаку, Свети Петар е познат како Симон Петар, Шимон и Кифа. Тој потекнува од рибарското село Витсаида што се наоѓа на брегот на Галилејското Езеро, а со брат му Андреј биле рибари. Името Петар или Кифа значи камен, карпа и тоа му го дал Исус Христос со зборовите: “Ти си Петар (Кифа) и на тој камен ќе изградам црквата Своја”. Запишано е дека Петар ги предводел апостолите и прв проповедал меѓу паганите. Се одрекол од Христа три пати пред распнувањето, а по воскреснувањето, Петар три пати му ја посветил љубовта на Исус.
Исто така, во Капернаум ја видовме древната синагога, една од најстарите и најзначајните синагоги во Галилеја. Но таа не е онаа синагога во која Исус Христос проповедал, туку таа е изградена во 9. век. Таму во православниот дел од Капернаум ја посетивме црквата “Архангел Михаил”, која ете, и таа е под управа на Грчката православна црква. За жал, домаќинот, грчкиот свештеник се однесуваше како Господ да е “Грк или од грчко потекло”, што остава дамка кај христијаните, особено на оние од Македонија кои доаѓаат и со голема љубов и почит кон религијата ги посетуваат светите места во Израел. Исус Христос во Галилеја дошол откако разбрал дека Јован Крстител е предаден. Тогаш го напуштил Капернаум и се искачил на ридот Бјатитудс (светите Блаженства), место кое го добило името од Христовата проповед при давањето благослов. Штом го видел насобраниот народ го одржал познатиот говор, изрекувајќи ги зборовите “блажен осум пати”. Инаку, највисока Христова заповед е: “… љубите ги непријателите свои и благословувајте ги оние што ве колнат…”. Тука, под огромните фикусови дрва и ние од Македонија, од Новиот завет на македонски јазик ги прочитавме благословите што Исус Христос ги изрекол пред собраниот народ. Бидејќи и Македонецот е библиски човек, сметавме дека со тоа ќе се почувствува македонскиот дух и оттука ќе се прошири насекаде ширум светот, да се чуе и дознае дека Македонија и Македонците се библиски и вечни.. Според библиските преданија, овде на ридот Бјатитудс доаѓале да го слушаат говорот на Исуса Христа и по 10 до 15 илјади луѓе. Денес, како спомен на ова свето место за христијаните е изграден новиот храм “Црквата на Блаженствата”. Таа е конструирана со успешни креации од библиските преданија што претставуваат симбол на светото христијанско место. Храмот е со осум ѕидови, со осум прозорци, со осум витражи во внатрешноста, со осум кругови, со осум мозаици и со осум видови овошје. Градбата е во христијански стил, чии први темели се поставени уште многу одамна, но најновата зграда на црквата по проектот на архитектот Антонио Барлузи од 1937 година е дел на католичките мисионери. И денес црквата ја чуваат католички сестри, а ја посетуваат илјадници христијани од целиот свет. Северно од долината Гиносар на самиот брег на Галилејското Езеро е светото место Тагба. Тагба е арапски збор што значи “место на седум извори”. Денес тука се откриени и постојат само пет извори низ кои протекува солена вода. Затоа, на овој регион не постоело населено место. Според библиските преданија, Исус Христос во Тагба нахранил 5. 000 луѓе со две риби и пет леба. Затоа во сеќавање на извонредниот настан, во 9. век била изградена базиликата “Умножени лебови”, со многу живописни мозаици на кои се прикажани животни и растенија во композиција со различни бои. Тиверијада не е само град на дијамантите, туку тој е познат и како град на туризмот. Распространет на живописните предели на Галилејското Езеро и со зелени површини, овој град привлекува голем број посетители. Хотелските објекти се преполни во текот на целата туристичка сезона, која овде започнува од февруари. Тиверијада своето име го добила од римскиот император Тивериј, што значи град постар од 2.000 години. Со мноштво споменици, тврдини и други религиозни историски згради и локации, Тиверијада е едно од четирите свети места за Евреите, заедно со Ерусалим, Хеброн и Сафат. Меѓу другото, овој град е место на познатите просветители и рабини кои имаат значајно место во историјата на еврејскиот народ.
Посебна привлечност се и топлите бањи, зградите и другите остатоци од римското време, како и ископините од времето на христијанството. Покрај целиот брег што Тиверијада го зафаќа долж Галилејското Езеро, се лоцирани високите хотелски згради кои со својата архитектура мошне успешно се вклопуваат во целокупниот амбиент и го претставуваат древниот град. Од 1948 година, тој е еврејски град и се развива како значајно туристичко место на Галилејското Езеро. Тој е втор по значај во туризмот по градот Еилат. Инаку, Еилат е најужното место на Израел кое лежи во пустинскиот дел на бреговите на Црвено Море. Тоа е атрактивно летувалиште во кое доаѓа до израз и се промовира туризмот, бизнисот и претставува место со големи перспективи. Еилат е, всушност “прозорец” кон источните простори и излез на Израел на Индискиот и Пацифичкиот Океан. На север од градот Тиверијада се простира висорамнината Голан. Таму таа се наметнува со сета своја убавина, големина, богатство и значај за опстанокот на државата Израел. Таму е тромеѓето меѓу Израел, Сирија и Јордан. Долу во подножјето, пак, се топлите извори во Хамад Гадер, на реката Јермук, каде некогаш во времето на својата болест, доаѓал и проповедникот Јов. Тука се и остатоците на некогашната огромна римска бања и денешните резервати за одгледување крокодили. Тука е местото Магдал кое претежно е земјоделско подрачје и се наоѓа во јужниот дел на долината Гиносар. Тоа е древен град што бил познат како родно место на Марија од Магдала (Света Марија Магдалена), која подоцна била и една од најверните следбеници на Исус Христос. Како спомен на библиските преданија и библиското време овде има ископини од тој период, кој се доста важни за христијанството. Сепак, Гиносар како и Магдала, така и целиот регион од Голан, за Израел претставува едно од најзначајните земјоделски региони и простор во чии предели се чуваат и спомените од библиското време.
Останавме на брегот на Галилејското Езеро да се насладуваме на се она што Господ ја дарувал овдешната природа. Таму го почувствувавме и вкусот на езерската реткост – рибата “Свети Петар”. Потоа, и ние како аџии се упативме кон јужната страна на Галилејското Езеро, во месноста Јарденит, каде истекува реката Јордан. Тоа е местото на кое Спасителот Исус Христос бил крстен од Свети Јован Крстител. Во минатото, ова место немало голема економска важност за древните времиња. Меѓутоа, денес овој предел заедно со реката Јордан има многустрано религиозно и симболично значење. Така, реката Јордан ја означува границата на Ветената земја; низ неа поминуваат водите кои Мозес не смеел да ги премине, а Јарденит означува многу значаен христијански чин. Имено, според Новиот завет на брегот на реката Јордан проповедал Свети Јован Крстител, и според традициите тој таму го крстил Исуса Христоса. Денешниот центар на крштевањето е наречен “Јарденит”. Тој е изграден од членовите на блискиот кибуц Кинерет, со цел да се привлечи најголемиот број аџии кои доаѓаат да ги посетат светите места во Израел. И ние во толпата аџии стасавме до водите на Јордан, навлеговме боси во нив, а потоа го следевме потопувањето и покрстувањето на неколку христијани од САД. Тоа навистина беше доживување и возбуда, а во исто време враќање на сликите од времето кога Свети Јован Крстител го покрстил Исус Христос. Тоа беше нашето второ крштевање, но најзначајно бидејќи беше извршено во водите на Исус Христос.
|