|
|
На гробот на Св. Кирил Солунски во Рим |
Пишува СЛАВЕ КАТИН Македонската држава и црква му оддаваат должна почит на великиот просветител свети Кирил Солунски секоја година, токму во базиликата на црквата „Сан Клементе Римски“, каде што почиваат неговите мошти. Во текот на прославите „Македонија во чест на свети Кирил“ се одржуваат бројни средби, културни и други манифестации Македонија му оддава катагодишна должна почит на свети Кирил Солунски. Во базиликата на црквата „Сан Клементе Римски“, каде што почиваат моштите на свети Кирил, тие мајски деновимакедонската државна и црковна делегација одржа чествување, со што истовремено и официјално започна традиционалната манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“. Црквата беше исполнета. Влеговме во просторот во кој се наоѓа гробот на свети Кирил. Големо беше задоволството што ни се укажа таа ретка можност да му изразиме благодарност на свети Кирил што јазикот на старите Македонци го издигна до степен на книжевен, прифатен од целото словенство. А македонската држава и црква му оддаваат должна почит на великиот просветител свети Кирил Солунски секоја година, токму во базиликата на црквата „Сан Клементе Римски“, каде што почиваат неговите мошти. Кај нашиот народ отсекогаш било длабоко и искрено почитувањето кон свети Кирил Солунски и неговиот брат свети Методиј. Нашите предци им се обраќале молитвено за закрила и духовно, речиси, секојдневно, а не само кога бил денот на нивниот празник. Ги споменувале за да се потсетат какви светители стојат во нивното црковно и национално битие и богатство. Им се молеле за духовна поткрепа и светлина тогаш кога нивните непријатели биле жестоки и кога сопствените сили им биле при крајот, тогаш кога темнината била ужасна, а надежта на умирање. И тогаш кога ропството и гневот биле неподносливи светите браќа и нивните ученици им болскотеле во мракот и ја поткрепувале нивната вера во посветла и поубава иднина. По толку векови кога се обновени древните црковно- народни обичаи и традиции, кога е обновена Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, кога на најсвечен начин се прославуваат јубилеите на нашите црковни и народни великани, одлуката за поклонички патувања во периодот од над четириесет години, пред гробот на сесловенскиот апостол, е одлука на чувството на благодарност и пиетет кон свети Кирил, зошто тој ги посеал првите `ркулци на македонската и словенската писменост, кои станале движечка и животна сила за сите словенски народи. Светите браќа ги развиле своите духовни дарби и создале дело од непроценлива културно-уметничка вредност, што претставува голем придонес во духовната и културната ризница, не само за македонските и другите славјански народи, туку и за човештвото во целина. Делегацијата од Република Македонија ја сочинуваа архиепископот г.г. Михаил, поглавар на Македонската православна црква, митрополитот Кирил, надлежен архијереј на Полошко–кумановската епархија, бискупот на Католичката црква д-р Јоаким Хербут, ѓаконот Александар Цандовски и авторот на овие редови, како потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници на Република Македонија. Пред голем број присутни верници и бројни посетители во посланието архиепископот г.г. Михаил, меѓу другото, рече: „Словенските апостоли и учители светите браќа Кирил и Методиј кои беа основоположници на сесловенското христијанство се служеле со јазикот на македонските Словени, со македонскиот древен јазик, кој е прв книжевен словенски јазик. Така, сесловенскиот рамноапостол свети Кирил Солунски е автор и творец на сесловенската азбука и темелоположител на нашата писменост. Тие од Бога вдахновени луѓе се раководеле многу повеќе со идеите и идеалите на Светото евангелие и на Светата црква, отколку што го прават денес оние што се сметаат за продолжувачи и закрилници на Светата ортодоксија. Делото на свети Кирил го продолжија неговите ученици светите Климент и Наум Охридски, на чии изворишта низ вековите опстојуваат македонскиот народ и Црквата. Благодарение на тоа ние денеска имаме самостојна држава и автокефална црква“. Во текот на прославата „Македонија во чест на свети Кирил“ бевме примени во посебна аудиенција кај поглаварот на Католичката црква папата Јован Павле II. При средбата на верските поглавари, по упатувањето на своето апостолско писмо во кое иницира помирување меѓу католичкиот Запад и православниот Исток, посебно се интересираше за состојбите во Македонија. Особено кога се работи за духовната и културната ситуација во Македонија и за дејноста на Македонската православна црква во развивањето на христијанските вредности и евангелските начела. Притоа, беше нагласено задоволството од соработката и односите меѓу Македонската православна црква и Римокатоличката црква, бидејќи нивните претставници делат екуменски размислувања за христијанството. Папата Јован Павле II беше особено расположен и покажа интерес за нашата Црква, за нашето минато, за Охридската архиепископија, за христијанизирањето на Македонците и другите народи. Црковната делегација го посети Радио Ватикан каде се разговараше за можностите за отворање на радио час на македонски јазик, потоа го посети Хрватскиот завод „Свети Јероним“, Институтот „Русикум“ и бројни други значајни институции и културно-историски споменици на вечниот Рим. Историската вистина за прославата „Македонија во чест на свети Кирил“ започнала уште во 1970 година. Таа година со златни букви ќе остане забележана во историјата на Светикириловиот гроб во Рим, на Македонската православна црква, на македонскиот христијански народ и на Македонија. Имено, во таа година, по повод празникот на словенскиот апостол, по вторпат беше одржана поклоничка свеченост, на која присуствуваше поглаварот на Македонската православна црква Неговото Блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Доситеј, кој ја откри спомен-плочата изработена во бакар на која на македонски јазик е испишан следниот текст: „На свети Кирил Солунски, Инаку, првото чествување од смртта на свети Кирил Солунски се одржа на 14 февруари 1969 година во Рим во базиликата „Свети Петар“, со концелебрација (сослужение) во слово на просветителското дело. Чинот се одржал во таа импозантна катедрала посветена на првиот Христов апостол, кој, исто така, како и свети Кирил Солунски, дошол од Исток во илјадалетниот град, или градот на вечноста - Рим, за да го проповеда христијанското учење. Свети Кирил Солунски дошол да го брани тоа учење, да докаже дека може да се проповеда на јазикот на Словените, а не само на латински, еврејски и елински јазик, како што дотогаш се верувало. Дошол кај поглаварот на западните христијани пред единаесет векови и бил разбран, и оттогаш христијанската вера се проповеда и на словенски старомакедонски јазик. Ова чествување на гробот на свети Кирил во Рим беше едно од повеќето, а овој пат празнувањето беше збогатено со голем број државнички, културни, духовни и други средби и манифестации. Меѓу нив, секако, силен впечаток остави отворањето на македонската изложба која предизвика големо внимание кај италијанската јавност и најде свое место во италијанските медиуми. Исто така, во текот на оваа значајна манифестација, покрај одржувањето на бројни средби на државно ниво, приеми кај папата на Римокатоличката црква, секоја година во многу градови ширум Италија се одржуваат концерти, изложби, театарски претстави и други културни манифестации. Сето тоа ги потврдува високите дострели, потврди и релации од културата, религијата и општествено-политичкото живеење меѓу Италија и Република Македонија. |