|
|
Античката историја на Македонија и Балканот во делата на западните автори (37 дел) |
(од фалсификати до коректно презентирање) Пишува: Јанко ТОМОВ Презентирањето на античко-македонските симболи Познато е дека античките Македонци имале свои симболи, кои ги користеле за време на војна или мир. Најпознати симболи биле античко-македонското осумзрачно и шеснаесетзрачно сонце, какви што се пронајдени во гробот на Филип Втори Македонски. Овој симбол го имало и на штитовите на војниците, а истиот останал среде Македонците и во Средниот и во Новиот век, каде се среќава во многу цркви (на икони и фрески), потоа како украс на куќите, во уметноста и така натаму. За разлика од Македонците, Грците не само што воопшто не го почитувале Сонцето како симбол, туку нивен главен симбол била птицата був, која го претставува токму спротивното - ноќта! Ноќта во која нема Сонце! На најголемата хеленска држава Атина главен амблем бил токму бувот, кој долго време бил кован на нивните пари. Друг симбол на античките Македонци бил лавот, кој во антиката и навистина живеел во Македонија. Поради фактот што гробот на Филип Втори Македонски (а со тоа и потврдата за вистинските античко-македонски симболи) беше откриен во 1977 година, нормално е дека во книгите за античката историја напишани пред оваа година, не се спомнува ништо за античко-македонските симболи. Во продолжение ќе наведеме неколку примери од западни автори во врска со презентирањето на античко-македонските симболи. Во книгата на Патрик Пујсер под наслов "Античкиот Блиски Исток" (Patrick Pouysseur: "The Ancient Near East"), објавена во 1998 година, на стр. 156 објавен е астролошки календар од периодот на династијата на Селевкидите (која ја основал македонскиот генерал Селевк и која останала да владее со Азија со векови по смртта на Александар Македонски), во централниот дел јасно се гледа осумзрачното македонско сонце, за кое може да се каже дека било еден од симболите и на оваа македонска династија. Интересен случај имаме во книгата на Натаниел Харис под наслов "Историја на античка Грција" (History of Ancient Greece), објавена во 2000 година (ISBN 075370546х). На стр. 33 објавена е илустрација со вазна од периодот на "црвени фигури" во уметноста. Прикажана е борба помеѓу два војника. Авторот пишува дека тоа биле "Грк и Персијанец". Но, на штитот на "грчкиот" војник има осумзрачно сонце - исто какво што носеле античко-македонските војници. На стр. 71 од истата книга, исто така е претставена илустрација (релјеф од Локри, денешна јужна Италија), за која авторот вели дека била "грчка". И на оваа илустрација се забележуваат шеснаесетзрачното и осумзрачното македонско сонце. Има и случаи на автори (како што е авторот Дејвид Нешмут во неговата книга "Кој беше Александар Македонски Велики?"), кои, иако пишуваат за античка Македонија избегнуваат да ги прикажат нејзините симболи. (David Nasmyth: "Who was Alexander the Great?, Great Britain, 1998 - ISBN 07500 22728).). Меѓутоа, има и такви кои овие симболи коректно ги претставуваат како македонски симболи. Така, на пример, во книгата на Петер Крисп под наслов "Александар Велики Легендарниот борец и крал" (Peter Chrisp: "Alexander the Great - A Legend of a Warrior King"), објавена во Лондон (2000 год., ISBN 0751 36661) на стр. 8 објавени се илустрации со македонските сонца, под кои пишува: "симболи на Македонското царско семејство". Нашиот коментар е дека и претставувањето на античко-македонските симболи е целосно во склад со презентирањето на останатите сегменти од животот на античките Македонци, што ги наведовме во останатите поглавија од оваа книга. К р а ј
|