|
|
Црковното живеење на македонците во Чикаго |
Пишува СЛАВЕ КАТИН (ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – САД Македонците во САД формираа македонски православни цркви, друштва, клубови и различни асоцијации, отворија радија и ТВ-програми, започнаа да печатат весници, списанија и други информативни гласила на македонски јазик. Тоа придонесува во новите средини Македонците да се претстават како засебна нација, со своја држава, со длабоки корени, со национална црква и со сите други атрибути на еден народ во светот Често пати се вели дека Америка е земјата на бизнисот и религијата. Тоа се потврдува со фактот што на тие богати простори век векуваат еден крај друг многубројни народи и нации од сите расни групи со различни религии и од сите континенти во светот. Меѓу нив, значајно место имаат и Македонците, кои ги уживаат сите права и слободи за развивање на своите национални чувства, на својата култура, религија и на сè она што ја карактеризира нивната самостојност и самобитност. Во минатото Македонците на северноамериканскиот континент биле во поподредена положба во споредба со емиграцијата на соседните земји на Балканот. Затоа биле постојана цел на туѓите пропаганди. Соседните земји, со своите освојувачки и асимилаторски апетити, настојувале со сите сили и перфидни средства, да ги придобијат и да се наметнат на неорганизираните Македонци, со цел да ја деформираат и да ја потиснат нивната национална свест. Така заразени од туѓите пропаганди, за жал, како религиозни луѓе некои се приклучиле кон (про)бугарски, (про)српски, (про)грчки православни цркви и други организации и клубови. Меѓутоа, положбата рапидно се сменила по конституирањето на Република Македонија и особено по обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Како резултат на тие придобивки, Македонците во Соединетите Американски Држави формирале многу македонски православни цркви, македонски друштва, клубови и различни асоцијации, отворија радија и ТВ-програми, започнаа да печатат весници, списанија и други информативни гласила на македонски јазик. Тоа придонело во новите средини тие да се претстават како засебна нација, со своја држава, со длабоки корени, со национална црква и со сите други атрибути на еден народ во светот. Македонските иселеници застанаа на страната на вистината, со цел да го афирмираат македонскиот народ и Република Македонија.
Ние, го почувствувавме сè повидливиот и позначаен пулсирачки залет на нашиот човек, најнапред во Канада, а потоа и во Соединетите Американски Држави. Затоа и отпатувавме од аеродромот во Торонто, кој е огромен, едноставен, практичен, со голем паркинг на катови, со безброј патокази и упатства за патникот за да може многу едноставно и лесно да се снајде кон својата дестинација. Ние се упативме кон излезот за Чикаго, каде што набрзина ја завршивме царинската и граничната процедура и се најдовме пред влезот на „Пан Американ“ авионот кој леташе од Торонто за Чикаго. И покрај тоа што летот беше од интерен карактер, авионот ДЦ-9 беше еден од најсовремените. Покрај удобноста што ја чувствувавме при патувањето, забележавме дека секое второ седиште има и телефон. Инаку во Чикаго, еден од најголемите и најконтроверзните градови во светот, слетавме на неговиот најголем аеродром, „Охеира“. Овој град е втор по големина во Соединетите Американски Држави, а најголем во државата Илиноис. Тој е распространет долж Мичигенското Езеро и достигнува десетина милиони жители со предградијата. Поради вонредно добрата геостратешка положба Чикаго е важна сообраќајна раскрсница и пристаниште. Тој е најголем пазар на жито, стока и дрва, како и најголема берза на производи. Чикаго е град со пет универзитети, високи технички школи, бројни научни институции и институти, меѓу кои најпознат е Институтот за користење на атомската енергија, како и Уметничкиот институт, а познат е и по музеите, операта, саемот… Според историскиот календар, Чикаго бил формиран во 1803 година, со што спаѓа меѓу постарите метрополи. За жал, во 1827 година бил уништен во силен пожар, а потоа бил обновен и се развил во еден од најголемите и најпознатите центри, не само во Соединетите Американски Држави, туку и во светот. Во Чикаго, од аеродромот со белата лимузина, земена под наем за оваа пригода, се упативме кон новата црква „Свети Кирил и Методиј“ во месноста Бервин. Пред црквата имаше неколку стотици Македонци. Стари и млади облечени во народни носии, со цвеќиња во рацете го исчекуваа тој миг, од значење за нив и за црков-ната општина. Секако, и за нас убавиот духовен празничен повод и свечената пригода претставуваа задоволство.
Свеченоста по повод осветувањето на Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ започна со отслужување доксологија (молитва за добро пристигнување), на која присуствуваа бројни иселеници, а тоа претставуваше прва архијерејска молитва. Пред црквата се вееја бројни македонски знамиња. Сè беше подготвено за свечениот момент – осветувањето на црквата, што требаше да се изврши наредниот ден. На тоа македонско место од неколку хектари е изграден еден од најубавите духовни и културни центри на американскиот континент. Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ е пространа црква, изградена од тврд материјал, на која сè уште мирисаше свежиот малтер. Во храмот има голема и убава свечена сала за околу 500 луѓе, две помали сали и други простории и голем паркинг. Во таа прекрасна оаза од зеленило што излегува на две улици е изграден дом за свештеникот и убав простор за одржување пикници и други манифестации, во што се вградени трудот, средствата и љубовта на целата управа и на сите членови на црквата. Свеченостите за евангелисувањето на црквата започнаа во претпладневните часови, кога река од луѓе и автомобили се слеваше кон новиот македонски храм. Во присуство на повеќе од илјада луѓе свечениот чин го изврши полошко-кумановскиот митрополит г. Кирил, во сослужение на македонски свештеници. Се отслужи прва архијерејска литургија, се направи опход околу црквата, потоа на англиски и на македонски јазик се читаше апостолот, а се извршија и други церемонии од архијерејската литургија. Во попладневните часови првпат во новата сала се одржа банкет на кој присуствуваа повеќе од 500 верници, за кои црквата приреди бесплатна гозба. Во атмосфера на големо расположение од значајното постигнување, осветувањето на црковниот, културно-просветниот и спортскиот дом, дарежливите Македонци на дело ја покажаа љубовта кон црквата и дедовската земја – Македонија: беа собрани околу 50.000 долари, што ќе го збогатат фондот на црквата за во иднина да биде центар за собирање на македонските доселеници од тие простори. Најголемата радост на банкетот, секако, беа четириесетината Американчиња од македонско потекло, кои пред присутните, по химната „Денес над Македонија се раѓа“, ги презентираа своите фолклорни и пејачки способности, за што беа наградени со долготрајни аплаузи.
Публикацијата „Македонските православни цркви во Австралија, САД и Канада“ од Славе Николовски-Катин е издание на НИО „Нова Македонија“, Скопје, 1991, 1-192, која беше промовирана во Ресен од академик Блаже Ристовски, а по повот 700 години од манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа Инаку, иницијативата за покренување на изградба на македонски-духовно културен дом „Свети Кирил и Методиј“ што служи на интересите на македонските доселеници од сите делови на Македонија била покрената на 21 мај 1976 година. Притоа, било одлучено да го носи името на свети Кирил и Методиј со што општината била примена како дел од Македонската православна црква со писмо на светиот архијерејски синод. Потоа, во потесното градско подрачје на Чикаго управата купува зграда на една лутеранска црква што ја преуредила и ја приспособила за вршење на православни богослужби. Потоа било купено новото место каде се поставиле темелите и бил изграден новиот храм. Во состав на црквата работи Фудбалскиот тим „Македонија“, неделно училиште, женска секција и Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“, едно од најдобрите и најуспешните македонски друштва во Соединетите Американски Држави. Во Чикаго постои и МПВ „Св. Параскева – Петка“.Основањето на оваа втора македонска православна црква на просторот на Чикаго бил актуелизиран 1992 година. Иницијативниот одбор на 15 декември 1991 извршил потребни консултации со тогашниот поглавар на МПЦ г. Гаврил, при што била донесена одлука за формирање на македонска црква што ќе го носи името „Св. Параскева – Петка“. Потоа на 24 декември 1991 година, црквата била регистрирана пред власите на државата Илиноис, а на 20 август 1993 година светиот архиерејски синод на МПЦ ја примил оваа црковна општина под јуриздикција на МПЦ. Од 9 август 1992 година богослужбите почнале да се одржуваат во објектот кој бил оспособен да служи како македонска православна црква. Притоа, особено била реновирана салата која може да прими околу 200 посетители. Во состав на црквата мошне активна е женската секција, играорната група и црковниот хор. Другиот ден го искористивме за разгледување на Чикаго и за посета на значајни места. Нашите домаќини нè однесоа во строгиот центар на градот, каде се наоѓа една од највисоките згради во светот. А центарот, или „даун таун“, како нашите го презеле зборот од англискиот јазик, навистина е, можеби, најкарактеристичен за Америка. Извишени згради со многу интересна архитектура. Секоја е целина за себе, а сите тие многукатници прават едно големо архитектонско чудо. Градот диши, пулсира многу потопло, попријатно и народски од каде било во светот со својата посебност.
Се шетавме по сите квартови во кои живеат Кинези, Италијанци, Елини (Грци), Полјаци… Според составот на населението така се нарекуваат и квартовите. Меѓутоа, центарот се чини е најпривлечен и со многу топлина. Затоа често се вели дека и Ал Капоне, не случајно го одбрал центарот на Чикаго. Домаќините ни ги покажаа и улиците од времето на Ал Капоне и од филмовите за него. Беше интересно кога слушнавме дека и еден Македонец бил дел од гангстерскиот живот во тие години.
|