|
|
Друштва и асоцијации на македонците во државите Њујорк, Охајо и Индијана (1903-1943) |
Во периодот меѓу двете светски војни најголема активност во САД и Канада покажале организациите МПО, МАНС и МКНС. Така, според пишаните документи во книгата „Македонците во САД и во Канада“ од авторт на овие редови, се вели дека во нивните ограноци членувале, главно, Македонци од егејскиот и од вардарскиот дел на Македонија. Особено организацијата МПО била присутна со свои ограноци во сите средини каде живееле македонските доселеници. Така, организациите и асоцијациите на македонските доселеници од нивното доаѓање до Втората светска војна, поединечно во секоја држава се следните: 1. ЊУЈОРК. Првите етнички организирања на Македонците во иселеништвото се регистрирани во САД во државата Њујорк. Така, најраните податоци датираат од 1899 година, кога во градот Норд Адамс, било формирано друштвото “Левски”, во кое членувале Бугари и Македонци. Друштвото имало свој статут, кој истата година бил испратен за одобрение до Врховниот македонски комитет во Софија . Друштвото “Левски” во 1903 година имало 16 секции во различни градови на САД. Тоа имало социјален карактер, чија основна цел била да им помага на своите членови во случај на болест или невработеност, да организира курсеви за изучување на англискиот јазик, да ги запознава новодојдените доселеници со особеностите на американското живеење и сл. Исто така, друштвото собирало парични средства за помош на Македонија и Одрин. По 1904 година друштвото “Левски” се распуштило.
Истата година на 27 март се формирал Бугаро-американскиот македонски комитет, односно Македонски сојуз, кој во 1905 година престанал со својата дејност. Исто така, во 1902 година во Филаделфија, во државата Пенсилванија, било формирано Бугарско заемноспомагателното друштво, кое го носело името “Другар”. Целта на ова друштво ја образложува самото име, која била концентрирана материјално да се помагаат новите доселеници, да се запознаваат со обичаите и навиките на новата татковина, да им се помага во изучувањето на англискиот јазик, до наоѓање работа и сл. Потоа, постепено на американскиот континент почнале да се формираат и повеќе друштва од социјална природа. Така, на 4 ноември 1906 година во Њујорк се организирало Бугаро-македонското друштво “Пришелец” (“Дојденец”). Доселениците од Битола, пак, населени во градот Сираќуз, во 1912 година го организирале „Битолското благотворно друштво“. Исто така, во 1917 година во Сираќуз, доселениците од селото Горничево, Леринско го создале спомагателното друштво “Орел”, со секција во поблискиот град Рочестер. Во 1932 година доселениците од Бапчор, Костурско, во Рочестер, пак, создале своја секција на друштвото “Вич” од Форт Веин.
Во почетокот на 1922 година група македонски доселеници од градот Њујорк, ја основале организацијата “Илинден”. Оваа организација донела протесна резолуција во врска со потпишувањето на договорот за пријателство меѓу Србија и Бугарија. Една од најстарите членки на организацијата МПО била македонската организација “Независна Македонија” од градот Сираќуз, основана во 1923 година. Првобитно таа го носела името “Автономна Македонија”, а подоцна се преименувала во “Независна Македонија”. Во 1928 година било формирано заемноспомагателното друштво “Преспа” како едно од најголемите македонски друштва на МПО во САД. Неговото седиште било во Лакавана, непосредно до градот Бафало. Ова друштво, покрај значајната социјална, развило и голема културна дејност меѓу македонските доселеници, организирајќи и своја драмска група, која поставила неколку драми, од кои меѓу првите била изведена драмата “Македонска крвава свадба”. Организацијата “Јордан Ѓурков” била формирана од македонските доселеници во градот Лакавана, на 26 април 1931 година. Во рамките на оваа организација била формирана женска секција, а било отворено и македонско-бугарско училиште. На 11 октомври 1933 година во градот Рочестер била формирана организацијата “Симеон Ефтимов”. Потоа, во градот Албани, на 30 јануари 1938 година била основана организацијата на МПО “Аргир Манасиев”. Во оваа мала организација членувале, главно, македонски доселеници од Гевгелиско.
2. ОХАЈО. Македонците во државата Охајо се организирале меѓу првите на етничка основа. Така, во 1917 година во Спрингфилд, доселениците од Гуменџа се обединиле во спомагателното друштво “Ѓуменџа”. Во 1918 година доселениците од селото Ајтос, Леринско, во Кливленд се обединиле во македонско-бугарското друштво “Свети Димитрија”. Во градот Дејтон, пак, на 1 март 1922 година, постоело Македонско братство. Од 1929 година братството го променило името во Македонска политичка организација “Пирин”. Потоа, во рамките на организацијата била формирана женска и младинска секција, а било отворено и училиште. Македонските доселеници од градот Спрингфилд на 22 април во 1922 година ја основале организацијата “Солун”. Првин била наречена “Маченик”, а потоа била преименувана во “Солун”. Во рамките на организацијата била формирана женска секција. Македонските доселеници од градот Кентон, пак, на 21 ноември 1923 година ја основале организацијата “Борис Сарафов”. Исто така, основачкото собрание на организацијата “Пелистер” од градот Акрон се одржало во 1923 година. Била формирана женска секција, а потоа и младинска секција. Во мај 1939 година членовите на организацијата “Пелистер” изградиле свој народен дом. Најголемиот дел од македонските доселеници од Акрон потекнувале од Леринско, Битолско, Прилепско, а мал број од Охридско и Гевгелиско.
Организацијата “Тодор Александров” била основана во 1923 година, во градот Кингстаун, по распаѓањето на македоно-бугарското друштво “Прилеп”. Оваа организација развила голема хуманитарна дејност, така што од своите членови собрала и испратила поголема сума пари за македонските бегалци во Бугарија. Во овој град македонските доселеници потекнувале, главно, од Прилепско, Кривопаланечко, Битолско, Преспанско и Леринско. Македонската организација “Александар Велики” била основана во градот Лореин, во 1924 година. Потоа, во Лореин во март се одржало јавно собрание, а во јуни 1924 година биле поставени основите на организацијата “Александар Велики”. Најголемиот дел од членовите на организацијата потекнувале од Долна Преспа и Ресенско. Исто така, на 13 мај 1924 година, во градот Лореин било организирано едно од најголемите друштва и бугаро-македонското заемноспомагателното друштво “Пелистер”. На 10 февруари 1926 година во градот Кливленд, пак, била основана организацијата “Вардар”. Во нејзините рамки била формирана женска секција, а работела и младинска секција. Потоа, на 6 август 1926 година, македонските доселеници од градот Менсфилд, ја основале организацијата “Охрид”, во 1929 година била формирана нејзината женска секција, а во 1928 година во градот Синсинати била основана организацијата “Бистрица”. Таа имала свое училиште и драмска група која ја прикажала “Македонска крвава свадба”. Организацијата “Христо Матов” како огранок на МПО била формирана во градот Маслон, на 2 јуни 1931 година. Мнозинството од членовите на организацијата од Маслон биле по потекло од Преспанско, Леринско, и Костурско. Во Колумбос, пак, на 18 јули 1939 година била формирана Македонската политичка организација “Слобода”. Исто така, во составот на МПО членувала и организацијата “Васил Чакаларов” од Толидо, која била една од членките меѓу 34-те македонски етнички организации во САД, како и двете во Канада и трите во Австралија.
3. ИНДИЈАНА. Индустриските центри во државата Индијана биле места каде што се доселиле голем број Македонци од егејскиот дел на Македонија, организирајќи се во свои етнички организации. Така, во 1911 година во Гранит Сити доселениците од Пателе, Леринско, се обединиле околу друштвото “Орел”, со свои секции во Индијанополис, Индијана и Дејтон, Охајо. Истата година доселениците од селото Вишени, Костурско, кои живееле во Форт Вејн, го формирале спомагателното друштво “Напредок”. Таму, во 1912 година, доселениците од селото Черешница, Костурско, го формирале спомагателното друштво “Свети Ѓорѓи”. Исто така, во Форт Вејн, доселениците од селото Бапчор, Костурско се обединиле во спомагателното друштво “Вич”, како едно од најмоќните македонски селски друштва во САД. Во 1917 година се организирале повеќе спомагателни друштва, меѓу кои во градот Гери, од доселениците од селото Куратица, Охридско е основано просветно-благотворното друштво “Напредок”. Потоа, во 1918 година во Гери доселениците од селото Велгошти, Охридско, се организирале во заемноспомагателното друштво “Прогрес”. Во 1918 година во Форт Вејн, пак, доселениците од селото Тиолишта, Костурско, го формирале благотворното друштво “Заштита”. Во 1924 година во Индијанополис, бил основан бугаро-македонскиот просветен курс, со нагласен социјално-просветен карактер. Првовремено ова друштво го носело името “Лајонс клуб”, а во 1930 година името му е променето.
Монографијата „Андреа Бранов“ од Мелбурн, Австралија, (на македонски и англиски јазик), Скопје, 2001, 1-222 и делото „Печалбарски копнеж“ и двете се со авторки потпис на Славе Николовски-Катин, а во издание на „Македонска искра“, Скопје, 1993, 1-156 Друштвото “Александар Велики” во Гери е формирано во 1927 година. Тоа ги обединувало македонските доселеници од овој град и соседните населби во државата Индијана. Според уставот на друштвото “Александар Велики”, во него членувале само лица од македонско потекло и нивните ќерки и синови во САД. Една од посилните македонски организации во рамките на МПО била организацијата “Костур”, од градот Форт Вејн, основана на 21 ноември 1921 година. Во организација на огранокот “Костур” се одржал првиот конгрес на МПО, на први октомври 1922 година. Во состав на огранокот била формирана женска и младинска секција. Денес Централниот комитет на МПО за САД и Канада се наоѓа во Форд Вајн.
Македонската организација “Даме Груев”, од градот Индијанополис, била една од најстарите членки на МПО. Таа била основана во 1922 година, која до 1923 година била позната под името “Леринско братство”. Во рамките на организацијата постоеле женска и младинска секција. Сите членови на организацијата “Даме Груев” членувале во црковната општина и ја одржувале црквата „Свети Стефан“. Организацијата располагала со свој народен дом, кој собирал околу 300 лица, а во нејзините рамки дејствувале женска и младинска секција. Меѓу другите етнички организации во државата Индијана била “Родина” (“Татковина”) која македонските доселеници од градот Гери ја формирале на 14 декември 1930 година.
|