|
|
Печалбарско Љубојно и првото македонско училиште во Преспа |
Распространето на двете страни на Голема Река, односно Брајчинска Река, недалеку од питомото Преспанско Езеро, а во подножјето на гордата како орел Баба Планина, Љубојно се вбројува меѓу настарите и најубавите населби во Преспа и еден од најпечалбарските краеви во Македонија. За Љубојно се карактеристични едукативните и културолошките процеси. Тоа е село, кое отсекогаш било расадник на високообразовани кадри кои нашле свое место во македонското општество како воспитувачи, педагози, професори, писатели, новинари, доктори, инженери, правници и други професии, кои придонеле за подобро и посреќно утре. Сите тие учени кадри своето образование, најнапред го стекнале во Централното осумгодишното училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, а потоа во Македонија и на различни страни на светот. Во летописната книга на училиштето „Димитар Влахов“ од Љубојно се вели дека со доброволна работа на селаните во 1907 година, изградено е ново и просторно училиште. Тоа било на два ката со 8 училници, канцеларија и два ходника, во дворот на старото училиште, а во близина на центарот на селото. Првата настава во новото училиште започнала во 1908 година, а за први учители биле назначени: Климе, Каролина и Лена, сите Македонци по потекло од Охрид. Во текот на Првата светска војна и меѓу војните, училиштето во Љубојно имало повеќе намени. Така, по поделбата на Македонија тоа било наменето за болница за француските војски, за потоа да продефилира еден голем и различен по состав наставен кадар. Многу од нив ја спроведувале својата просветителска дожност, а некои биле само маша на буржуаскиот сталеж – го малтретирале македонското население, а децата ги учеле на туѓи јазици неразбирливи за нив. Само во текот на Втората светска војна, македонските деца во Љубојно „ги учеле“: српски, италијански, албански и бугарски учители.
Интересно е да се спомене дека во периодот од 1915 до 1930 година 13 љубанци завршиле гимназиско образование во Битола, а од нив петмина го продолжиле образованието надвор од Македонија и тоа: Михајло Попов, завршил медицина во Стразбур, Франција, во 1926 година; Владо Туџаров, завршил медицина во Женева, Швајцарија, во 1930 година; Васил Јанкуловски, студирал агрономија во Прага, Чешка; Стево Џајковски, завршил право во Белград; Стево Туџаровски, економија во Загреб, додека десетина љубанци во тоа време учеле гимназија во Битола. Сите страдања, бруталности и непедагошки односи кон македонското население и невините Македончиња се окончале на 5 ноември 1944 година, со ослободувањето на Преспа од окупаторската чизма. Престанале асимилатор-ските односи кон македонскиот народ од овој крај на Преспа, кон народот кој со векови трпел ропство, понижувања ... Но, тој народ го зачувал македонскиот јазик, културата, обичаите, верата и македонскиот дух. По ослободувањето на 14 ноември, 1944 година, во Љубојно се отвори училиште на мајчин македонски народ. Тоа е првото училиште на македонски јазик во Преспа, гордост на плеада интелектуалци кои го започнаа своето школување на мајчин јазик, меѓу кои беше и авторот на овие редови. Првите македонски учители во Љубојно беа: Методија Јовковски, Богоја Ничевски и Јосив Кондовски од Љубојно, Филип Поповски од Долно Дупени, Фанија Чемчева од Воден, Егејска Македонија, Александар Хаџиевски од Ресен, Марика Манева од Битола и други.
Во учебната 1945/46 година, кога училиштето во Љубојно го доби името на македонскиот публицист и револуционер Димитар Влахов истото прерасна во петтолетка и претставувало пресвртница во образованието за Долна Преспа. Тогаш во Љубојно се отвори интернат за децата од Сливница, Крани, Штрбово, Наколец, Брајчино и Долно Дупени кои ќе го продолжат своето образование на свој мајчин македонски јазик. Во учебната 1947/48 училиштето прерасна во седмолетка, кога и излезе првата генерација полуматуранти. Таа година се отвориле и аналфабетски курсеви за описменување на возрасното население. До учебната 1971/72 година, училиштето во Љубојно работеше како осмолетка во старата училишна зграда, а оттогаш до денес работи во новата училишна зграда во Чифлиг. Тоа полни 70 години од своето постоење и развој под истото име „Димитар Влахов“. Во него раководеле и предавале повеќе од десет директори, а наставата ја воделе стотина учители, наставници и професори.. Интересно е да се спомене дека од Љубојно потекнуваат околу 150 академски граѓани, од кои околу 50 се лекари, потоа има голем број професори, правници, инженери, писатели, новинари, агрономи, културолози и со други професии, меѓу кои и авторот на овој текст. Затоа, често се вели дека Љубојно е расадник на интелектуалци. Има голем број љубанци кои заради своите постигнувања на национално и општествено поле, потоа во политиката, образованието, науката, дипломатијата, културата, публицистиката, спортот и други гранки имаат пошироки општествени и други заслуги.
Од истакнати општествено-политички, научни работници, дипломати и други видни граѓани од Љубојно треба да се споменат следните личности: Јовко Јовковски, познат македонски политичар, општественик и борец од 1941 година. Тој бил на високи функции во политичкото живеење во Македонија, особено во Ресен, Охрид, Скопје и Белград. Меѓу другото, бил на функција претседател на Сојузот на борците на поранешна Југославија. Потоа,Проф. Божин (Божо) Шерденковски, дипломиран градежен инжинер беше првиот универзитетски професор од Љубојно уште од 1963 година. Славе Николовски – Катин е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите педесет публикации и бројните научни трудови кои се посветени, главно на животот на Македонците во светот. Во 1991 година, од Собранието на самостојна Република Македонија тој беше именуван на функцијата потпретседател на Републичката комисија за односи со верските заедници. Тој беше член на “Академијата за слобода на религијата” во Вашингтон, САД, секретар на друштвото “Македонија-Канада”, секретар на Здружението на новинарите на Македонија, беше акредитиран новинар за гласила во Австралија и Белград. Наум Начевски бил дипломат од постарата генерација во поранешна Југославија. Ја продолжил дипломатската работа во Генералниот конзулат на Република Македонија во Торонто. Исто така, Наум Начевски бил новинар, уредник и акредитиран дописник на весникот „Нова Македонија“ од Атина. Костадин Дораковски беше професионален дипомат вработен во Министерството за надворешни работи. Бил државен советник и министер–советник во Амбасадата на Република Македонија во Отава, Канада, конзул во Генералниот конзулат на поранешна Југославија во Чикаго, прв македонски дипломат во Торонто, Канада и во Канбера, Австралија.Андрија Секуловски во Љубојно го формира земјоделското здружение „Преспа фрут“ и беше претседател на здружението „Развој на алтернативен туризам – Љубојно“. Беше претседател на „Федерација на фармери на Република Македонија.
Бројот на литературните дејци од Љубојно кои објавиле свои дела, исто така, е голем, меѓу нив познати се следните љубанци: Богоја Ничевски, Наум Манивиловски–Преспански, Методија Фотев, Стојан Лембо, Славе Николовски-Катин, Јосиф Грежловски-Гандето, Константин Дораковски, Бошко Рајчовски-Пелистерски, Цвета Карапашовска - Толовска, Спасе Јовковски, Љуба Димовска, Лилјана Оливеро, Жаклина Петревска- Робертс, Бранко Ристовски, Слободан Рајчовски и други. Доктори на науки, пак, родени или водат потелко од Љубојно се: птоф.д-р. Васил Граматниковски, кој е прв доктор на науки, а докторирал во 1974 година на Географскиот институт во Скопје; проф. д-р Лазар Србиновски беше доктор на науки и еден од основачите на Клиниката за кардиологија при Медицинскиот факултет во Скопје и доајен на македонската кардиологија.
Проф. .д-р. Никола Јанкуловски денес ја обавува функцијата декан на Медицинскиот факултет во Скопје; проф. д-р Спасе Јовковски е шеф на Одделот за неврохирургија на Клиничкиот центар; проф. д-р. Цвета Карапашовска–Толевска, проф. д-р Бисерка Јовковска-Ќаева, проф. д-р Елизабета Србиновска-Костовска и проф. д-р Кристина Василевска се на Медицинскиот факултет во Скопје. Д-р Меланија Шерденковска, е на Градежниот факултет. Проф. д-р Сашко Граматниковски одбранил тема за туризмот на Преспанското Езеро, а д-р Тони Паспаловски е инженер во РЕК Битола. Исто така, проф. д-р Мајкл Симов и д-р Дијана Костов-Шерденковска, чии корени им се од Љубојно, се познати доктори на науки во болницата „Форд“ во Детроит. Исто така, одреден број љубанци имале значајни естрадни и други активности, меѓу нив посебно место има пејачката ѕвезда на Македонија Ламбе Алабаковски. Многу љубојнчани го напуштија родното огниште и заминаа ширум Македонија и во многу земји во светот, но нив не ги напушта носталгијата. Така, голем број се враќаат на родната грутка за да изградат нови, убави куќи, да ги реновираат старите македонски цркви, да ги асфалтираат улиците, да постават водовод - со еден збор, да го разубават Љубојно кое е убаво, пријатно и погодно катче за живеење, одмор и рекреација. Се чини дека преродбата на Љубојно започнал од 1975 година . Тогаш се пушти асфалтниот пат Макази-Љубојно, а една година подоцна беше пуштена водоводната мрежа. Со тоа Љубојно доби обележја и услови на градска населба.
Публикацијата „Во чест на светите Кирил и Методиј“, пак, е дело на проф. Вера Стојчевска – Антиќ и Славе Николовски –Катин, е во исдание на „Матица македонска“ Скопје, 1994, 1-212, а речникот во слики „Ајде да учиме англиски и француски“, чиј автор е Славе Николовски-Катин е издание на „Македонска искра“, Скопје, 1997, 1-140. Во последните години, кога животот во селото, пак, се врати; се враќаат печалбарите од сите континенти, се враќаат на својата родна грутка, а носителот на сите акции што се преземаат е Месната заедница. Со вредните раце и дарежливоста на селаните се изгради водовод, се изгради асфалтен пат до Љубојно и, исто така, селото се поврза со новиот пат за Долна Преспа. Тие асфалтираа многу улици, исто така, придонесоа за завршување и изградба на педесетина нови куќи и на други комунални објекти што значат преродба на Љубојно. Продолжува
|