|
|
Во Лерин заврши конференцијата за Македонците |
Во Лерин заврши конференцијата за Македонците, Панмакедоники не успеа да го попречи научниот собирОва е големо достигнување на Македонците во Грција! Вака организаторите на научната конференција „Македонија – на маргините на европската современост“ го оценија овој мултидисциплинарен настан што се одржа во Лерин, Грција. Од 16 до 19 јули се одржа научна конференција во Лерин во организација на „Австралиско-македонскиот комитет за човекови права, ОМО Илинден-Пирин, Европската слободна алијанса (ЕФА) и домаќините „Виножито“. И покрај тоа што организаторите очекуваа помали проблеми во однос на реализацијата на конференцијата (проблеми на граница, вадење на црните листи за поединци Македонци од Канада, Австралија, САД..., административни пречки...), овојпат, главно, сè поминало во најдобар ред. Првиот ден петнаесетина членови на националистичката организација Панмакедоники влегле на конференцијата, поставиле неколку прашања, добиле одговор, се обиделе да испровоцираат заминале. Посериозни инциденти немало. Освен тоа, дел грчките медиуми биле заинтересирани за конференцијата, па некои од локалните ТВ-станици имале и интервјуа со организаторите. По завршувањето на конференцијата, сите учесници присуствуваа на традиционалниот собир на Македонците во Овчарани. Тука, вчера илјадници Македонци, со македонски ора и песни го прославија празникот Свети Илија. „Исклучителен настан што ја покажува и докажува политичката борба на Македонците“, напиша на својот фејсбук-профил еден од учесниците. Во Лерин водечките македонисти од цел свет три дена расправаа за македонското прашање. Овој настан се смета за историски затоа што првпат во поновата историја за македонското прашање на научно ниво беше дискутирано на тлото на соседна Грција, каде што е и најпроблематизирано. Учесници на конференцијата беа Виктор Фридман од Универзитетот на Чикаго (САД), Грејс Филдер од Универзитетот на Аризона (САД), Ендру Росос од Универзитетот на Торонто (Канада), Акис Гаврилидис од Универзитетот на Солун (Грција), Џорџ Влахов од „Ла троб универзитетот” (Австралија), Васко Настевски од Универизтетот на Мелбурн (Австралија), Катерина Колозова од Институтот за социјални и хуманистички науки, Марија Пандевска и Македонка Митрева од Институтот за национална историја при УКИМ (Македонија). Целта на овој мултидисциплинарен настан беше да даде суштински придонес кон разбирањето на современата македонска национална историја од различни академски перспективи, вклучувајќи социолошки, лингвистички, антрополошки и политички аспект. Конференцијата во Лерин, Грција беше е втора од ваков тип, по научниот собир кој беше одржан во 2013 година, на Универзитетот „Монаш” во Мелбурн, Австралија, а со кој беше одбележана 100-годишнината од крајот на Втората Балканска војна и поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор. Како резултат на конференцијата во Мелбурн, неодамна, од страна на реномираната германска академска издавачка куќа „Верлаг Ото Сагнер” (Verlag Otto Sagner) беше издадена книга „За македонските работи: од поделбата на Македонија до денес”. И од оваа конференција се очекува истата академска куќа од Германија да издаде книга со научните трудови од конференцијата во Лерин. А.Д. Фото: Џон Видович МКД |