|
|
Егзодусот на македонците во Егејска Македонија |
ПОДЕЛЕНА МАКЕДОНИЈА – ПОДЕЛЕНА ПРЕСПА Во егејскиот дел на Македонија, а особено во Долна Преспа, грчкиот режим ја покажа својата вистинска суровост кон македонскиот народ кога испрати многу Македонци во затвор, во затворските логори на грчките острови, едноставно затоа што зборуваа на својот мајчин јазик; единствениот јазик што го познаваа. Сите тие држави - Грција, Србија, Бугарија и Албанија - се мешаа во македонските работи во Преспа и во текот на Втората светска војна и во текот на Грчката граѓанска војна. Но, конечната навреда врз македонскиот народ е зададена кога Грција, во 80-тите години на минатиот век, го воведе Законот за репатријација, кој дозволува само „Грци по раѓање“ да се вратат во своите места на потекло, односно во местата каде биле родени. Меѓутоа, во Долна Преспа постои вековно мислење дека преспанчани се Македонци затоа што тие, нивните татковци и мајки, нивните дедовци и баби и многу генерации мажи и жени пред нив, кои биле родени во Преспа, биле Македонци, бидејќи земјата на која се родени, во која тие се пораснати и во која почиваат се вика Македонија. На нив не им требаат нивните непријатели да ги дефинираат и да им кажуваат кои се тие, а кои не се. Тие се Македонци бидејќи се Македонци од Долна Преспа, од поделена Македонија, оградена со граници. Треба да се истакне дека Грција ја користи позицијата дека е мезениче на Англија и САД и продолжува да блокира, бидејќи е членка на Европската Унија. Сепак, треба да не се заборави дека таа не е национално хомогена, туку, всушност, е мултинационална држава, имајќи ги сите потенцијални политички последици. Обврзна е на Грција, а и на Бугарија, да ја прифатат европската регулатива во врска со третманот на малцинствата и заштитата на нивните човекови и културни права. Грција, за жал, е земјата од каде што, потекнува зборот "демократија". Заедно со Македонија е земја од минатото, со надеж дека ќе биде земја на иднината, и, конечно, таа е сосед на Република Македонија, кој треба да биде своевитен генератор, а не кочничар без преседан кон подоброто утре на еден Господов народ.
Треба да се истакне дека македонскиот и грчкиот народ, без оглед на нивната државна политика, соработувале во добри и лоши времиња. Ова е потврдено во последниве децении со зголемување на соработката меѓу двете земји и нивните народи на културно и друго поле. Како потврда на ова, на пример, да посочиме дека се направени бројни преводи од македонски јазик на грчки јазик и обратно, а има голема соработка помеѓу фолклорни и забавни групи, театарски и други асоцијации. Голем број на грчки интелектуалци ги осудуваат политиките и неправдите нанесени на познати и признати македонски граѓани кои потекнуваат од Егејска Македонија. Исто така, мора да се нагласи значењето на грчкиот Хелсиншки комитет и други здруженија за заштита на човековите и други права на секој граѓанин во Република Грција. Грција е потписник на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на националните малцинства во септември 1997 година, со која покажа добри знаци на постепени позитивни промени во односот кон малцинствата во таа земја. Оваа Конвенција белким ќе доведе до исчезнување на причините за грчкото негирање на името на Република Македонија и на правата на македонското и другите малцинства во Грција. Општо познато е дека македонскиот народ, според своите карактеристики и обичаи, јазично и етнички и е туѓ на Грција. Од тие причини грчката буржоазија од првиот момент од 1913 година ја проширила својата власт над Егејска Македонија, изградила политика на физичко истребување на македонскиот народ и менување на етничкиот состав во своја корист. Тоа го направи со доселувањето на православното турско населени (просвиги) во цела Егејска Македонија. Грчката буржоазија, во намера да го избрише секој белег што потсетува на македонскиот карактер на Беломорска Македонија, во ноември 1926 година донела Закон за замена на македонските топоними со грчки имиња на селата и градовите, називите на планините, полињата, реките итн. Повеќедеценискиот процес на етничко чистење, елинизација, бришење на македонската историја и нејзиното толкување според елинските големодржавни потреби е процес на бришење на македонскиот национален идентитет и постоење. Особено егзодусот на Македонците од Егејска Македонија, а со тоа и од Долна Преспа како последица од војните и од елинските (грчките) репресивни режими, спаѓа во редот на најтрагичните етнички чистења направени врз еден народ во најновата европска историја. Книгата „Населбите во Преспа“ од Владо Јовановски од Долно Дупени е опсежно изданија за вистината и историјата на Преспа и е издание на ТНИД „Ѓурѓа“ Скопје, 2005, 1-532, а монографијата „Илинден во Љубојно и Преспа“ која е на македонски и англиски јазик е огледало за историскиот развој на Љубојно и Преспа и е дело на Славе Николовски-Катин, и Бошко Рајчовски-Пелистерски, а е издание на „Македонска искра“, Скопје и на Македонското друштво „Љубојно“ од Детроит,САД, 2013, 1-320. Заради остварување на елинските мегаломански идеи, Македонците од Долна Преспа, а и од цела Беломорска Македонија, од 1913 година се изложени на физичка и духовна репресија, која низ различни форми, но со непроменети цели, трае до ден-денес. Се обезличува и деноминира македонскиот народ и неговиот национален идентитет низ перманентна елинизација. Не се дозволи враќање на илјадниците протерани македонски чеда, со цел да се прикаже македонската историја како елинска. За жал, во Долна Преспа, а и во цела Беломорска Македонија денес владее национално и политичко ропство. Таму елинските (грчките) националисти и шовинисти прават големи усилби да го обезличат македонскиот национален дух и да го уништат и длабоко да го закопаат богатото историско и културно минато на македонскиот народ, за што пишувале голем број интелектуалци и паталци. Проблемот на македонскиот егзодус ја претставува оската околу која гравитира фалсификуваната елинска историја. Егзодусот може да се проучува од историски, политички, психолошки, етички и друг аспект и како тема на најочигледен начин го изразува колективното и индивидуалното страдање на македонскиот народ од Долна Преспа. Продолжува
|