|
|
Македонските организации од крајот на 19 и почетокот на 20 век (4 дел) |
Јанко Томов, Бризбен, Австралија Извадок од книгата: Откритија за важни настани во македонската историја- Дипломатска акција со помош на нови археолошки пронајдоци, кои потврдуваат дека Европската цивилизација не започнува со Грците, туку со Македонците. Ставре Џиков вели дека во тие времиња, во некои политички кругови, било избегнувано спомнувањето на името Македонија и истото било заменувано со терминот “Европска Турција” или “Румелија” (Ставре Џиков: “Македонија во комунистичкиот триаголник”, стр. 8). Ова било со цел да се запостави етно-географското име на нашата земја и истата да се прикаже како регион на некоја од соседните завојувачки земји. Но, Ставре Џиков заклучува дека “Уште тогаш беше многу познато и јасно дека членот 23 од Берлинскиот договор, пред се се однесува на Македонија. Со ваквиот акт прашањето за автономија на Македонија има свој меѓународно правен акт.” Веќе рековме дека во тоа време (крајот на 19 и почетокот на 20 век), Македонците кренале неколку поголеми или помали буни и востанија со цел сопствено ослободување, кои завршиле без успех, најмногу заради слабата вооруженост на востаниците и заради недостигот од меѓународна поддршка, каква што имале останатите балкански народи кога создавале свои држави. Македонците учествувале и во туѓи војни и преврати, надвајќи се дека на таков начин ќе добијат полза за себе. Така, на пример, мнозина Македонци активно ја поддржале Младотурската револуција од 1908 година, со која бил отфрлен султанот и била прогласена република, т.е. феудализмот бил заменет со капитализам. Иако водачите на оваа револуција им ветиле автономија на Македонците, тие подоцна се откажале од тоа. Македонците учествувале во обете Балкански војни (1912 и 1913 година), кога балканските држави заедно објавиле војна на Турција и ја избркале од Балканот. Тоа било во Првата балканска војна. Македонците, организрани од ВМРО, зеле активно учество во борбите против Турција, но на крајот биле измамени и останале без сопствена држава. Дури и полошо од тоа. Македонија била поделена и окупирана од Србија, Грција и Бугарија, а за Македонците настапило уште полошо тројно ропство. Македонците учествувале и во Првата светска војна, главно на страна на Централните сили затоа што се надевале дека ќе извојуваат самостојност. Но и овојпат биле измамени. Подоцна во Бугарија, ВМРО воспоставила еден вид автономија. Во врска со ова во книгата на Синадиновски (стр. 141), читаме: “Во Пиринска Македонија ВМРО вовела и свој даночен и судски систем, контролирајќи го целосно економско-политичкиот и културниот живот во земјата, така што оваа територија се оформила и почнала да функционира како “држава во држава”. За кусо време ВМРО успеала да расчисти со разбојничките банди, со доушниците и корумпираните службеници и да ги згрижи бегалците. Колку Тодоралександровата организација била моќна, можеби најдобро зборуваат информациите на југословенската известителна служба, според кои, во текот на 1923 година ВМРО располагало со 1675 активни четници определени за акции во вардарска Македонија, од кои, 925 требало да дејствуваат на левата, а 750 на десната страна од Вардар. Во струмичката околија имало 160 души под раководство на В'ндев, во малешевската - 60 души на чело со војводата Кушев, царевоселска - 50 души, штипска - 250 души, радовишка - 50 души, кочанска - 180 души, тиквешка - 80 души, гевгелиска - 50 души и во дојранска - 45 души, а свои чети организацијата имала и во Егејска Македонија: Кукушко, Ениџевардарско, Костурско и Поројско. Покрај ваквата активна вооружена сила, ВМРО располагала и со народна милиција составена од селаните, која само во Пиринска Македонија броела 9100 души и тоа во Петричка околија 2100 души, Неврокопска 1800 души, Џумајска 3000 души, Мелничка 1000 души и други.” Во врска со организираноста на ВМРО во Пиринска Македонија, македонскиот историчар д-р Зоран Тодоровски во својата книга “Внатрешната Македонска Револуционерна Организација” пишува: “Било забрането секакво агитирање и создавање на бугарски политички партии и истакнувања на нивни кандидати на општинските и парламентарните избори”. Ова посебно било во времето на Ванчо Михајлов, кој дошол на власт на десното крило на ВМРО по убиството на Тодор Александров, организирано од бугарската влада. Михајлов им се заканувал и на бугарските министри со убиства доколку превземат мерки против ваквата автономија на Македонците во Пиринска Македонија. Ова било заради тоа што ВМРО истакнувале дека “...Пиринскиот дел на Македонија е македонски, а не бугарски”. Тодоровски пишува дека во ВМРО истакнувале дека “...нема да признаваат никакви бугарски закони и бугарски влади.” Во истата книга на стр. 191 Зоран Тодоровски пишува: “Во училиштата во пиринскиот дел на Македонија бил воведен посебен предмет македонска историја, а учениците биле воспитувани дека македонскиот народ е нешто сосема одделно од бугарскиот, додека учителите по бугарски јазик и литература ги толерирале и ги поттикнувале учениците да учат, пишуваат и говорат на македонски дијалект.” Во продолжение читаме дека и свештениците во црквите се служеле со терминот “македонски народ”, а не “бугарски народ”. Зоран Тодоровски пишува дека голем македонски собор бил одржан во Горна Џумаја од 12 до 14 февруари 1933 година и дека со таквата политика Ванчо Михајлов ги погодил “...најдлабоките чувства кај македонските емигрантски бегалски маси и ја поттикнувал нивната мечта за ослободување на татковината и враќање во неа.” Но, во 1934 година во Бугарија на власт доаѓа нова бугарска влада, која ја забранува ВМРО. Пред тоа балканските држави Романија, Бугарија, Југославија и Турција склучиле Балкански пакт. Како ракција на тоа ВМРО се откажало од идејата за автономна Македонија и се застапило за обединета и независна македонска држава. Тоа резултирало со забрана на ВМРО на територијата на Бугарија и до апсење и затворање на нејзините членови. Михајлов одвај успеал да побегне од Бугарија во Турција. Во врска со ова Зоран Тодоровски во својата книга пишува: “... Новата бугарска влада со посебна наредба од 14 јуни 1934 гдина ги забранила сите политички партии и организации во државата, меѓу кои и ВМРО... Таа била разочарана од промената на лозунгот на Михајловистичката ВМРО односно отрфлањето на барањето за автономна Македонија со прокламирање на идејата за целосна и независна Македонија.” Подоцна, слично се случило и во 1948 година, кога Бугарската комунистичка влада, иако прво дозволила културна автономија на Македонците, подоцна на исто таков груб начин, ја укинала истата. Еден вид наследник на ВМРО на Ванчо Михајлов е организацијата МПО која главно дејствува во САД. |