Среда, 16 Септември 2015   
Од животот на МПЦ „Свети Климент Охридски“ во Торонто

slave-nikolovski-katin-2
Пишува СЛАВЕ КАТИН

www.slavekatin.com

ОД ЦРКОВНОТО ЖИВЕЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА

Во годините што изминаа, од формирањето на МПЦ „Св. Климент Охридски“ до денес, таа стана втор дом за многу македонски доселеници. Во Црквата членуваат, помагаат и даруваат бројни ентузијасти, од кои голем дел не сакаат да им се спомене дури ни името, а работат и придонесуваат со силна љубов и жар. Тоа го прават заради вербата во она што го даваат, а тоа е за доброто на сите. кои со гордо кренати глави и полни срца, со силен восхит зборуваат и раскажуваат за патот по кој тргна Македонецот за да стаса денес до вакви национални зданија и до толку импозантни постигнувања.

Активностите на овој Божји храм се извонредни, величествени, трајни. Оваа Црква била домаќин на бројни црковно-народни собори, на добротвотни и хуманитарни акции, на средби на млади и на интернационални дружења. Во трите црковни сали се одржуваат драмски претстави, се пеат песни, се играат македонски ора, се негува мајчиниот македонски јазик, а дечињата тука ги научуваат првите букви од кирилицата, од азбуката на која пишуваат, читаат и учат Македонците во татковината и ширум светот.

Во црвката „Св. Климент Охридски“, на 1 август 1969 година е извршено востоличувањето на тогашниот викарен епископ тивериополски, г. Кирил на новоформираната Американско-канадско-австралиско-македонска епархија. Чин што е запишан со големи букви во историјата на Македонската православна црква во дијаспората. Потоа, во октомври истата година, во овој храм се одржа Првото епархиско собрание, а во септември 1975 година таа беше домаќин на првиот Црковно-народен собир на Епархијата, кој четири децении го организираат црковните општини во Канада и САД.

Со обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и со изградбата на првите македонски православни цркви во дијаспората се направи пресврт во македонското движење во Торонто. Тоа, според делото „Македонските православни црковни општини во Австралија, САД и Канада“ од авторот на овие редови, стана еден од најпознатите црковно-просветни центри на Македонците во Северна Америка.

harper
Премиерот на Канада Харпер во црквата „Св. Климент Охридски“

Затоа, со право може да се каже дека македонските православни цркви во прекуокеанските, европските и други земји се духовни, национални, културно-просветни, фолклорни, литературни и спортски центри, каде се слуша и се продолжува векот на македонскиот збор. Таму работат етнички фолклорни групи и секции кои се вистински амбасадори на богатиот македонски фолклор, а во исто време, црквите се место за собирање и другарување на младите генерации од македонско потекло од сите делови на етничка Македонија.

Денес македонските доселеници во Канада со гордост ја истакнуваат својата национална и културна македонска припадност. Уште повеќе благодарение на мултикултурната политика, тие со голем ентузијазам и полет ги негуваат своите народни традиции; го презентираат својот богат фолклор, потоа на јавни места ги пеат своите народни песни и ги играат убавите македонски ора. Всушност, Македонците во Торонто го афирмираат македонското име, културно-историското минато и сегашноста на етничка Македонија, а во исто време се дел на мултикултурното општество на Канада.

Црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто е прва македонска православна црква во Канада, која е катедрална и е една од најзначајните и најпознатите цркви и културно-просветни институции на Македонците во Северна Америка и пошироко.

Денес, црквата Св. Климент Охридски поседува убав храм, во кој има резбан иконостас, а целиот храм е исполнет со живописни фрески и икони, дело на познатиот и признат академски сликар Ѓорѓи Даневски. Има три сали за над 2.000 посетители, потоа кујна, помошни простории и паркинг. Зградата на црквата е реновирана и претставува убав прилог на канадската култура.

Во состав на црковната општината работат Играорната група  “Македонка”,  Литературното друштво “Браќа Миладиновци”, Женската секција, Драмската секција, Библиотеката, Неделното училиште, Шаховската и спортската секција, Црковниот хор и други групи. Во просториите на црквата се задоми и работи Пензионерскиот клуб “Гоце Делчев”, кој секој четврток организира ручек за пензионерите и другите Македонци на тие простори.

Покрај ансамлот „Македонка“, на чие чело е Алек Петличков цели 55 години, во состав на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ со успех работи Македонското неделно училиште, коее место каде се продолжуваат традициите и се негува мајчиниот македонски јазик. Тоа постои од самото формирање на црквата до денес. Во него се школувале голем број ученици и предавале бројни наставници, меѓу кои најдолго биле Никола Стојановски и Блага Дафовска, кои заедно со бројнинаставници и ентузијасти придонеле во процесот на образованието, културата и религијата.

Исто така и Литературното друштво “Браќа Миладиновци“ работи во состав на црковната општина „Св. Климент Охридски“ во Торонто. Тоа е формирано на 6 март 1987 година. Првата литературна вечер, ја одржа во мај 1987 година по повод 126-годишнината од излегувањето на познатиот Зборник на браќата Миладиновци и во чест на формирањето на друштвото. Тогаш, за прв пат пред македонската заедница во Торонто членовите се преставија со свои литературни творби.

Потоа на 1 јули 1989 година Друштвото ја печатеше првата публикација “Литературна мисла”. Во првиот број на ова списание се застапени сите членови на друштвото со по една песна. Вториот број на “Литературна мисла” излегзе од печат следната година, а во него членовите на друштвото се застапени  со по неколку песни. Третиот број се појави во 1990 година, а во септември 1991 година, четвртиот број. Истата година излезе од печат книгата поезија на членовите на ова литературно друштво под наслов “Траги во времето”, а во 1993 година делото под наслов “Глас од далечината”. Во 2001 година излезе од печат стихозбирката “Мостови”, во која сите членови се застапени со повеќе песни.

Литературното друштво “Браќа Миладиновци” од 1989 година се јавува и како организатор на “Деновите на македонската култура и литература” во Торонто. Оваа манифестација се одржува во мај секоја година,  на која учествуваат  и гости од Македонија.

Драмската секцијапри црковната општина „Св. Климент Охридски“, пак, започна да работи во 1984 година. Во текот на своето постоење се појави со шест драмски претстави. Таа своите претстави, главно, ги изведуваше во просториите на црквата „Св. Климент Охридски“. Настапила и во некои театри во градот, како и на приредбата “Оро македонско”, во организација на Македонско-канадската федерација. Настапила во градот Виндзор и во Република Македонија, на театарските денови “Војдан Чернодрински” во Прилеп и на други места.

crkoven-hor-toronto
Црковниот хот

Црковниот хор при Македонската православна црквата „Св. Климент Охридски беше  формиран во осумдесеттите години во помал состав и со скромни обиди. Денес тој претставува значаен фактор во црковното живеење и, под раководство на професорот по музика Филип Ангелковски е еден од најдобрите македонски црковни хорови. Главно настапува за време на одржувањето на светите богослужби секоја недела и на големите христијански празници, а настапува и надвор од црквата на други манифестации. Во хорот членуваат дваесеттина љубители на македонското црковно пеење од различна возраст по потекло од етничка Македонија.

Шаховскиот клуб во „Св. Климент Охридски“, пак,  е една од помладите но активна секции на црквата. Во последно време постигнува забележливи резултати, под раководство на Страшо Мојсовски. Членовите на овој клуб редовно се натпреваруваат во Онтарио на повеќе важни турнири. Во просториите на клубот, во црквата „Св. Климент Охридски“ во 1992 година, за прв пат беше одржан шаховски турнир на кој зедоја учество околу 240 шахисти од провинцијата Онтарио.

Друштвото на пензионерите „Гоце Делчев“, пак, како гранка на црковната општина „Св. Климент Охридски“ беше основано во 1990 година. Тоа е официјално регистрирано и е во состав на организацијата “Обединетите пензионери на Онтарио”. Во него можат да членуваат лица со надминати 55 години. Друштвото во просториите на црквата „Св. Климент Охридски“ има свој клуб, кој работи од понеделник до петок. Тоа е од отворен тип и во него можат да членуваат и припадници на други етнички групи. Секој четврток пензионерите организираат заеднички ручек.

Затоа со право се вели дека денес во црковниот храмот „Св. Климент Охридски“ доаѓаат Македонци од сите делови на Торонто за да се помолат пред олтарот на Господ за здравје и живот, за успех и среќа. Богослужбите се следат секогаш од многу народ, а венчавките и крштевките ги облагодаруваат душите на Македонците, а црковните секции се собиралишта за сите доселеници. Тие се најдобриот показател дека македонската етничка заедница има напредок и дека се шири, се развива и мултиплицира. Ако македонскиот народ во татковината е распарчен на повеќе страни, ако судбината сакала тој да се расели на многу меридијани, тука, во Торонто, на едно место е заедно, како да е во Македонија.

Продолжува

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.