|
|
Македонскиот црковно-национален дом „Свети Илија“ во Мисисага (2 дел) |
ОД ЦРКОВНОТО ЖИВЕЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА Мисисага е шестиот град по големина во Канада. Тоа е град кој се наоѓа во јужниот дел на Онтарио, на брегот на езерото Онтарио, западно од Торонто. Името градот го добил од индијански збор што значи „место на река“. Градот по бројот на жителите е голем како Скопје, главниот град на Македонија, меѓутоа, често пати го третираат овој град како предградие на Торонто. Првите доселеници во Мисисага биле Французите, но денес тој е град со најголем број Англичани-Канаѓани и мал број Французи, како и десетици други нации и народи. Во последните децении, градот како мултинационален центар, привлече бројно население од целиот свет. Меѓу седумстотините илјади жители, има десетина илјади Македонци од трите делови на Македонија и од Мала Преспа. Но, за жал, според пописот во 2011 година се пријавиле само 1.255 Македонци. Притоа треба да се нагласи дека покрај старите генерации, во последните дваесетина години во Мисисага се доселија голем број млади образовани генерации од Македонија, кои отворија неколку македонски училиште во состав на канадските училишта на територијата на Мисисага и играат значајна улога во севкупното живеење на овој дел на Канада. Мисисага е убав и современ град кој е сместен на западната страна од Интернационалниот аеродром „Пирсон“ од Торонто. Градот Мисисага игра значајна улога во економскиот живот, како центар на лесната индустрија и место за голем број други современи објекти. Во тој современ конгломерат Македонците нашле свое место каде ја формираа третата македонска православна црква во Канада, „Свети Пророк Илија“. Според делото „Македонските православни црковни општини во Австралија, САД и Канада“ од авторот на овие редови, втор храм во Торонто е Македонската православна црква „Свети Пророк Илија“ во Мисисага, која е дело и им служи на Македонците од западниот дел на Торонто. Инаку, ден од важните моменти за црковната општина „Свети Пророк Илија“ е, секако, 1982 година, кога беше купено земјиште од 14-тина хектари и кое беше именувано како “Македонски парк”. Земјиште е лоцирано на северозападната страда од градот, од каде посетителот е во можност да ги види сите слетувања на авионите кон аеродромот „Пирсон“ кои доаѓаат од западната страна. „Македонскиот парк“, претставува место за собирање и рекреација на голем број македонски иселеници од Канада и Соединетите Американски Држави. Тоа е природен простор низ кој поминува мала рекичка и е со бујна вегетација, каде се одржале многубројни пикници и други собирања. На просторот на „Македонскиот парк“ беше адаптиран времен македонски духовен дом именуван како црква „Свети Илија“, а денес таму е изграден мал манастир кој потврдува дека е ова свето македонско место.
Во врска со формирањето на оваа втора црковна општина во Торонто, во почетокот се појави негаторски став од извесен број членови на „Свети Климент Охридски“, кои сакаа да се има монопол и во духовното живеење, со што се створи поделба во ориентацијата и во приоритет на македонските цркви. Меѓутоа, за Македонците од Мисисага беше најзначајно да се молат на Бога на македонски и да ги зачуваат своите македонски обичаи, култура, јазик и се‘ она што денес позитивно ги поврзува сите македонски православни цркви во дијаспората и се одлучи да има две македонски православни цркви на тие демократски канадски простори. Денес, пак, за пофалба има четири македонски православни цркви во метрополата Торонто. По формирањето на црковната општина во Мисисага, веднаш беше побарано оваа втора црковна заедница во Торонто да биде примена под канонска и духовна јурисдикција на Македонската православна црква, а со тоа да стане составен дел на Американско-канадско-македонската епархија на МПЦ. Тоа се случи на на 13 септември 1979 година кога црквата "Св. Илија" беше примена под канонска и духовна јурисдикција, а актот беше проследен на 31 декември 1979 година, кога беше одобрен и Правилникот на црквата. Потоа новата црковна општина беше регистрирана кај канадските власти во Мисисага како рамноправна црквовна општина во која членовите можат да се молам на Бога на својот мајчин македонски јазик. Во влезот на “Македонскиот парк” , на 29 јули 1990 година беа поставени темели за изградба на храм и голем културно-просветен центар. Од повеќе објективни и други причини оваа желба на Македонците од Мисисага и пошироко остана нереализирана. Затоа црковниот одбор и членството се одлучија да го купат постојниот објект на Католичката црква кој беше изграден уште пред 130 години. Македонците ја купија оваа црква во 1996 година. Во овој објект беше извршено преуредување; црквата беше оспособена за вршење света богослужба на македонски јазик и на 6 април 1997 година беше ослужена првата света литургија, а осветувањето е извршено на 11 мај истата година. Чинот на осветувањето го изврши поглаварот на МПЦ г.г. Михаил, во сослужение на бројни свежтеници и посетители. На тој ден, по завршувањето на светата богослужба беше извршена светата тајна – Венчавање на 24 брачни двојки, кои во минатото, од различни причини, останале не венчани. За жал, на најголемиот христијански празник – Велигден во 2000 година неодговорни тинејџери подметнале пожар во храмот. Во стихијата изгореја поголем број икони во олтарот и во црквата, со што беш направена голема материјална штета. Потоа храмот беше срушен и на негово место на 7 септември 2002 година беше поставен камен-темелник за нова црква. Осветувањето на црквата се изврши на 14 МАЈ 2006 година. Чинот на осветувањето овој пат го изврши новиот поглавар на МПЦ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Публикацијата „Македонските православни цркви во Австралија, САД и Канада“ од Славе Николовски-Катин е издание на НИО „Нова Македонија“, Скопје, 1991, 1-192,а публикацијата „Семејството Јановски од Торонто“, од истиот автор е издание на „Македонска искра“, Скопје, 2002, 1-226, (на македонски и англиски јазик). Во текот на изминатите 35 години во црквата „Свети Илија се одвивале голем број активности на културно-просветен, национален и духовен карактер. Притоа, носител на забавниот живот била фолклорната група „Илинден“, чиј членови биле вистински амбасадори на богатиот македонски фолклор, песната и обичаите. Групата е формирана во 1980 година, а во неја досега членувале неколку десетици Канаѓани од македонско потекло, кои настапиле на бројни фестивали и други манифестации. Голем успех оваа група постигна на „Илинденските денови“ во Битола и во други градови ширум Република Македонија. Таа била учесник на сите народни собири што Американско-канадско-македонската епархија ги организирала во Канада и Соединетите Американски Држави. Исто така, Литературното друштво “Кочо Рацин”. и неделното дополнително училиште, кое го посетуваат голем број ученици, претставува важен фактор во севкупното живеење на општината. Црковниот храм е дом во кој се негува македонскиот јазик, националната историја, географија и веронаука. Исто така, фудбалскиот клуб „Илинден“ се нтпреварувал во единствената Македонска лига во Канад, постигнувајќи забележителни резултати. За одбележување е и тоа што во 1989 година почна да излегува Билтенот на МПЦ „Свети Илија“ што го уредуваше свештеникот Илија Донев. Меѓутоа, носител на најголемиот број активности во оваа македонска општина се црковните управи и женските секции. Уште од почетокот активностите ги започнаа голем број активисти, меѓу кои, заради просторот ќе ги споменеме првите активисти и помагатели: Џорџ (Ѓорѓи) Каркински, Џо (Јоле) Наумовски, Никола Каранфиловски, Сенди Терзиовски, Боне Добрушевски, Владо Мачковски, Наум Наумовски, Лилјана Дафовска, Гоце Димовски, Драгица Димовска, Македонка Солаковска, Димитар Јанчевски, Гоце Наумовски, неуморниот свештеникот Илија Донев и плеада други познати и признати македонски ентузијасти, од почетокот до денешни дни. Сите тие, се разбора со црковните управи, бројни членови на црквата, организирале голем број манифестации што придонеле достоинствено да се афирмира македонската нација, јазик, култура и традиции пред канадското општество и да бидат мост меѓу Канада и Република Македонија. Продолжува
|