|
|
Европа и Кадмо во македонската митологија (6) |
ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА Европа и нејзиниот брат Кадмо тесно се поврзани со македонската митологија. Спрема најстарото предание (Хомер, XIV, 321), Европа била љубовница на Зевс и ќерка на Феникс, митскиот предок на Фениќаните, кој бил син на Агенор, крал на Тир или на Сидон и Телефас. Други автори проповедаат дека Европа била ќерка на Агенор, сестра на Феникс, Килик и Кадмо. Етимолошки името Европа припаѓа на палеоглосологијата на Балканот и се состои од кованиците: широк, широка, пространа и зборот опс, опосналик, лице, односно широко лице. Во митот, Европа е преубава девојка, облечена во пурпурно здолниште проткаено со злато. Често си играла со другарките на брегот на морето крај Сидон. Еден убав сончев ден, додека берела цвеќе и весело играла оро, му го привлекла вниманието на Зевс, кој страсно се вљубил на прв поглед и за да ѝ се приближи, се претворил во бел бик, со златни рогови и мирисал со мирис на ружа и шафран. Европа без страв му се приближила на убавото животно, почнала нежно да го милува, а потоа со златната кошница за цвеќе во рацете, се качила на грбот на мирното животно. Ненадејно бикот јурнал со својот плен како ветер во морето и брзо како делфин, во придружба на богот Посејдон, Нереј и нимфите, ја пренел Европа на островот Крит. Тука Зевс се споил со својата миленица, која му родила три сина, Миној, Радамант и Сарпедон. Славата на овие моќни и мудри синови на Зевс се пренела низ целиот свет и биле судии на подземниот свет. На Крит Европа се омажила со кралот Астерион, кој ги усвоил нејзините синови од Зевс. По смртта на Астерион, крал на Крит станал Миној кој бил славен и праведен владетел, законодавец и судија. Живеел во „херојското време” и владеел со Крит три генерации, пред почетокот на Тројанската војна (Диодор Сиц. IV, 60, 2 и XXXIII, 10). Кога кралот Агенор дознал за грабнувањето на неговата единствена ќерка , ги пратил своите синови да трагаат по неа, заканувајќи им се со смрт ако се вратат без сестра им. Феникс отпатувал на запад, дошол до денешен Тунис и таму го основал градот Картагина, но по извесно време се вратил во Сидон и станал митски предок на Фениќаните. Килик отишол на југ на Мала Азија и таму го основал своето кралство Киликија и останал во него. Кадмо со мајка си Телефас запловил во правец на островите Род, Тер и Тас стасале во земјата на Едоњаните во Источна Македонија, меѓу реките Струма и Места, каде Телефас умрела. По нејзиниот погреб, Кадмо со својата придружба, пеш преку Македонија се упатил во Делфиското пророштво да се информира каде да ја најде сестра си Европа. Питија го советувал да се откаже од трагањето и наместо тоа, да појде со една крава и да изгради град каде што таа ќе падне од замор. Тргнувајќи од Делфе, по патот кој водел од Фокида кон исток, Кадмо купил крава од кралот Пелагон, која слободно се упатила кон Беотија и тука, на местото каде племенитото животно паднало од замор, сега се наоѓа градот Теба. Кадмо го жртвувал животното на божицата Атена и го изградил утврдувањето Кадмеј и градот Теба. Станал крал на Теба и Беотија и се оженил со Хармонија, со помош на богот Зевс. Сопружниците живееле среќно и добиле пет деца. Во длабока старост ја напуштиле Теба. Престолот му го препуштил на внукот Пентиј, а потоа на воловска кола, претворени во змии, преку Македонија отишле во земјата на Енхелејците (Јагулари). Тие живееле како староседелци во сливот на реката Дрим, од Струга до Бока Которска. Енхелејците го барале Кадмо зашто би-ле смртно загрозени од Илирите. Кадмо станал нивни крал, зашто им било претскажано дека ќе победат ако за свои водачи ги изберат Кадмо и Хармонија. Сопружниците ја предводеле енхелејската војска, а кога извојувале победа, се населиле во Енхелија, во соседство на Македонците. Тука Хармонија го родила синот Илириј, од зборот ило-од сонце опален), по кого подоцна е наречена земјата. Неговите синови станале епонимни херои на разни илирски племиња. Во Илирија, Кадмо и Хармонија дочекале длабока старост и погребани се кај Дирахион, денешен Драч. Спротивно на ова тврдење за азиското потекло на Европа, Хесод (Тх. 133 и 357) изнесува дека таа потекнува од палеобалканска легенда. Според него, Европа е ќерка на титанот Океан и Тетида, сестра на Тракија, Азија и Африка, т.е. самостоен континент, и поголем и поширок од другите. Европа е сестра на Евриномина. Ономастиката европа никнал во Македонија, каде уште во антиката, а и сега, постои град по име Европа, на десниот брег на Вардар, околу Кукуш, познат и на историчарот Тукидид. Друг град под име Европ бил во областа Алмопија. Потоа, постоеле и етникони (племиња), европајос и европајои македони, т.е. европски Македонци (Папазоглу, 1957, 134). Хидроним под името Европ го носи река во југозападниот дел на Македонија, денешната клисура Сарандапоро. Како и кога дошло до поистоветување на називите на континентите со личното име на љубимицата на Зевс, не е познато. За тоа Херодот (IV, 45) вели: „За Европа (континентот) никој не знае кој ѝ го дал името и по кого. Единствено можеме да претпоставиме дека оваа земја го добила името по Европа од Тир, додека претходно воопшто немала никакво име, како и останатите земји. Очигледно е дека оваа жена дошла од Азија, но не дошла на копно кое денес се вика Европа, туку само од Феникија на Крит. Во една друга творба, Херодот (IV, 42) објаснува: „Се чудам на оние кои ги опишувале и објаснувале Либија (Африка), Азија и Европа, зашто не е мала разликата меѓу нив. Во должина, Европа се простира колку тие две заедно, а во поглед на ширината таа според мое мислење не може ни да се спореди со нив”. Значи, ономастиката на континентот каде припаѓал и Балканскиот Полуостров, потекнува од неговата географска димензија за тогашните знаења, зашто и градот Европа во Македонија се наоѓал во најголемата рамнина, Солунското Поле. До персонификација на хоронимот Европа со антропонимот Европа, убавата ќерка на титанот Океан и Тетида, како и сестра на Евринома, доаѓа во период кога од балканското копно од Македонија и Панонија се шири култот на богот Зевс на Крит, Епир, Пелопонез и континентална Елада. Првобитната грчка религија, како и во Македонија многу пред тоа, била некролатрија, Црна магија, чиј претставник подоцна била божицата Хеката и имала тотемска основа (Томсон, 1954, 79). Тотемите (змии, мравки, глувци, волови, коњи и слично) биле и племенски симболи. Во архаичниот историски период, под влијание на Хомеровите книжевни творби, доаѓа до прифаќање на една антропоморфна теогонија. Првобитно таа се развивала во централниот дел на Балканот во хидролошкиот систем на Дунав. Од Панонија, неолитските племиња на Македонија и Еолија (Минијци, Лапити, Тирои и други), ја сместиле на снежните врвови на Олимп. Во тој религиски систем на дванаесет богови, нивниот првобитен бог Пан (Панонија) од козмогонијата ја губи пантократската улога и на негово место доаѓа Зевс-Диос, Дан, Дану, т.е. Дунав, од нивната прататковина. Преку еолските иселеници од Тесалија, Атика и Пелопонез, новата религија преминува во малоазиските Еолија, Јонија, Карија и Лувија, а оттаму на Крит во вид на бик. Зевс-Диас е прифатен во облик на бик, зашто симбол на минијската религија бил бик, односно неговите рогови со секира со две сечива, која била религиски култ при жртвувањата на животните. Токму затоа, што првобитните жители на Крит биле Карите, Лелезите и Лувијците, доселеници од Мала Азија, а не Елините. Општественото уредување им било матријархат во ликот на Европа, како и на север на Балканот. Доаѓањето на Зевс во митот, заедно со Хера и Аполон, го симболизира преминот во патријархат, т.е. од еден во друг општествен систем. Вонбрачните деца на Европа, Миној, Радамант и Сарпедон, добиле боговско потекло од Зевс, со што се вклопиле во единствениот религиски систем на Балканот. Во митологијата, понатамошната судбина на бикот на кој Европа дошла на Крит, е следната. По налог на кралот Евристеј од Пелопонез, тогашниот јунак Херакле требало да го донесе разбеснетиот бик во Микена. Тој тоа го сторил успешно, а кралот го пуштил бикот да шета слободно по Пелопонез. Во една прилика бикот ја прокрстарил Арголида, ја минал Превлака (Истам) и запрел на Маратонското Поле. Ова огромно чудовиште сторило многу зла, но никој не можел да го совлада. На крајот тоа го сторил Тезеј, син на атинскиот крал Егеј. Бикот бил пренесен во Атина за да се жртвува за богот Аполон. Во Атика на Пелопонез, олимписките богови, а пред сè Посејдон, ги вовеле Лапитите и Тироите, доселеници од Еолија (Тесалија), а во Беотија тоа го сториле Минијците. Во Епир, Зевс го вовела Европа, преку својот син со Зевс, Додон, кој истовремено станал епонимен херој на градот Додон. Доаѓајќи на тие простори, Зевс ја повел со себе и сопругата Хера, која го добила името Диони или Диа, што е женски род од Диос, а индоевропскиот назив е Дјевс (Аристотел, Метеор., I, 14). На овој простор главно живеело пелагиско племе под етнонимот Теспроти). Нивната земја се викала Теспротија. Етнонимот и хоронимот го добиле по тоа што први во Елада ја прифатиле религијата на олимписките богови. Во Додона, југоисточно од градот Јанина денес, се наоѓало пророштвото на Зевс, над реката Додон. Пророштвата се давани по шумењето на светиот даб или по летот на светиот гулаб (персонификација на божицата Евринома). Бидејќи пророштвата биле добивани од богот Зевс, власта и моќта на тие пророштва биле толку големи што подоцнешните освојувачи на Балканот тежнееле најпрво да го зграпчат светилиштето и да постават свои свештеници или да ги задржат истите но под своја служба. За свештеници биле земани жителите од Додона. Тие биле од Македонија, под името Сели, од југоисточните падини на планината Вермион (Каракамен). Овие свештеници живееле припросто и спиејќи на земја очекувале пророчки сништа. Ова најубаво го опишува Хомер (II, XVI, 233-235), кога Ахил им се моли на боговите неговиот пријател Патрокло да се врати жив и здрав од борбата против Тројанците: „Зевсе, о кралу Пелашки и Додонски кој далеку во Додона владееш во студенило, Сели гатачите кои нозе не мијат, земјолежат, се со тебе”. Топонимите на племето Сали се сочувале и во подоцнешните векови. Со доаѓањето на Словените на Балканот во VI век, племињата Драговити и Језерити ги населиле овие области. На североисточните падини на планината Каракамен, на надморска височина од околу 1000м оснивале село под името Горен Шел, додека на источните краеви Долен Шел. Двете села биле уништени за време на Негушкото востание против Турците, во 1822 година, а жителите биле протерани (Симовски, 1978, 259). Денес постои село под името Сели, меѓу градовите Бер и Негуш, кое е познат скијачки центар Пишуваат:
Академик Антоније Шкокљев-Дончо
|