|
|
Значајни секции за зачувување на македонскиот дух (6 дел) |
ОД АКТИВНОСТИТЕ ВО МПЦ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО ТОРОНТО Во сите изминати 50 лета Господови, стотици илјади Македонци дошле на поклонение во светиот дом „Свeти Климент Охридски“. Дел од нив биле членови на управата, или, пак, членови на некоја од повеќето секции, групи, друштва, хорови, училишта, голем број гости, посетители, намерници, верници... Сите тие сложно заедно, постигнаа многу и може да бидат горди на импозантните резултати, поради што македонскиот Светиклиментов храм се издигна меѓу најуспешните и најдобро организираните духовни храмови среде мултикултурното канадско општество. Во сиот црковно-просветно-образовен живот на Светиклиментовиот храм посебно место и улога, меѓу другите, има Женската секција. Членовите на оваа секција, кои се мајки, сестри, ќерки македонски, ги носи желбата и волјата, ги грее љубовта и верата кон Бога и кон своите собраќа. Од таа голема љубов желба и припадност кон македонскиот род, вложуваат многу труд и време и прават големи дела во македонската заедница во Торонто. Затоа со право се вели дека со нив се гордее секој Македонец. Нема приредба, банкет, прослава вечер, нема акции и манифестации, а жените да не ги засукаат ракавите и да не се покажат во најубав сјај. Без неуморната работа на Женската секција не ќе се постигне големиот успех во црквата „Свети Климент Охридски“ како што беа: Интернационалниот караван на нациите, Митровденскиот и другите базари, на сите христовата вечеринкиу, на неделните средби и презентирање на кулинарските постигнувања и многу други манифестации. Активностите на Женската секција во црквата „Свети Климент Охридски“ пленат со разновидните старокрајски волшебства, со специјалитетите на вкусната македонска трпеза, со афирмирањето на македонскиот бит, вез, плетиво, кулинарство итн. Уште од 1966 година Женската секција започна да го организира „Митровденскиот базар“, на кој се презентира и се продава се’ што е типично македонско. Од самиот почеток на формирањето на црковната општина Женската секција е десна рака на Управата. Жените не се штедат себе си, за да бидат секогаш подготвени за сите активности на црквата, затоа сите членови и досегашни претседателки на управата, заслужуваат огромна почит и респект, сите тие заслужуваат најголема пофалба и комплимент. Меѓу нив ќе спомене, првата претседателка Љуба Нешевич, потоа Мери Кондов, Елеонора Томас, Хантер, Ратка Шапас, Пет Џорџ, Елка Георгиевска, Елена Стенвик, Трајанка Талевска, Цена Гивенс, Пеци Сидер и плеада други познати и признати Македонки.
Исто така треба да се нагласи дека уште во првите години од формирањето на црквата „Свети Климент Охридски“, почна да се разгранува една интересна активност на повеќе полиња, со што беа следени желбите на Македонците да се собираат, да се дружат и да покажат и да докажат дека тие во Канада имаат вистинско богатство од македонски традиции, култура, литература, фолклор... Така и се случи во првата недела од април во 1969 година во просториите на црквата се собра група момчиња и девојчиња од македонско потекло и заедно сите тие вљубеници во фолк музиката и во орото jа формираа македонска фолклорна група при храмот „Свети Климент Охридски“. Тоа беше и првпат, спонтано, а многу решително, да се поттикне идејата за формирање на еден фолклорен ансамбл, кој бара многу работа, истрајност и залагање. Секако дека големата желба беше преточена во раѓањето на новата група. Уште на самиот почеток тогашниот потпретседател на црквата Филип Ангелковски, како искусен музичар и професор, со обете раце ја поддржа оваа идеја, нагласувајќи дека еден ваков состав е добредојден и потребен. Ангелковски стана и првиот главен и одговорен уметнички раководител. На општо задоволство се прифати предлогот групата да работи аматерски, а целиот остварен приход да влегува во општинската каса, каде што младите ќе ги имаат сите услови за работа и за докажување. За главен корепетитор и кореограф беше одреден еден од втемелувачите и најверните членови, Алек Петличков. Во составот на Управата влегоа: претседателот – Владо Шуковски, неговиот заменик – Томи Папаганис, секретарот – Елизабета Пиљурева и благајникот – Дајана Ману. Тоа беше на почетокот на создавањето на фолклорната група. А на 25 октомври 1969 година, во големата сала на храмот „Свети Климент Охридски“ фолклорната група првпат ѝ се претстави на публиката и таа вечер собра многу аплаузи и комплименти од присутните. Играорната група „Македонка“ го избра најубавото име и во сиве овие 55 години постигна огромни резултати, а низ нејзините ансамбли поминаа стотици момчиња и девојки Македонци, македонски синови и ќерки, кои најдостојно ги афирмираа орото, песната, културата и името македонско. Од многуте гостувања во Канада, Македонија, Америка и Австралија и други места, тие се вратија со највисоки признанија, освоени први места и со скапоцени трофеи. Водени од мудрата рака на кореографот и учител Александар (Алек) Петличков, членовите на „Македонка“ насекаде ги освоија срцата - и кога играа, и кога пееја; првпат во 1971 година на концерти во татковината, во 1982 година пред публиката во Порторико, на многубројни концерти, собири, фестивали и на карваните во Торонто, Отава, Скопје, Битола, Кливленд, Охрид, Детроит, Њу Џерси, Виндзор, Бафало, Колумбос, Мелбурн и каде сè не на други места. Исто така, во 1992 година, како млада група при соборниот храм „Свети Климент Охридски“, се формираше Играорната група „Солунски бисери“. Чувствувајќи ги потребите, Црковната управа донесе решение во нејзиниот состав да постојат две играорни групи – „Македонка“ и „Солунски бисери“, со цел да ги задоволуваат потребите и барањата на бројните играорци за збогатување на овој вид македонска уметност. Новоформираната група беше под раководство на уметничката рака на Зоран Зафировски, а во неа членуваа околу стотина млади Канаѓани од македонско потекло.. Покрај фолклорот треба да се потенцира дека македонскиот јазик има своја долга историја. Тој не само што се употребува во Македонија, туку тој претставува и средство за комуницирање и среде македонското иселеништво. Во црквата „Свети Климент Охридски“ во Торонто, особено во дополнителното училиште на македонски јазик, се продолжуваат традициите за негување на мајчиниот јазик. Затоа грижата за најмладата генерација, за малите деца, е дел од работата на управите на црковната општина. Посебно не се штедат силите и времето кога е во прашање долгот што го имаат сите, а тоа е македонската младост да го учи, да го научи и да зборува, да пишува и да чита на мајчиниот македонски јазик. Тие навистина го научуваат и го паметат јазикот на своите татковци, мајки и дедовци, донесен во новата средина. На тој начин, дечињата ги паметат и се гордеат со своето потекло, со своите корени и секогаш се блиску и најблиску до татковата Македонија, учејќи ја историјата, учејќи ја географијата, дознавајќи повеќе за македонските револуционери, востанија, борби, за македонските реки, езера, планини, села и градови. Така, ќе научат, ќе дознаат и ќе запаметат многу повеќе за својот род. Ќе знаат колку е скапа слободата, колку беше исчекувана и со каква радост беше дочекана денешната самостојна држава Република Македонија.
Децата се голема радост, гордост, надеж, постоење и иднина. И сите досегашни учители со огромен жар и љубов работеа, ги учеа, ги воспитуваа и ги образуваа најмладите. Повеќето од тие што работеа во училиштето навистина направија, речиси, пионерски, восхитувачки резултати, меѓу кои посебно место има наставничката Благица Дафовска, која од почетокот до денес е со децата. Кога излегуваат од училишните клупи, дечињата знаат за македонското име, постоење, култура, обичаи. Знаат за сè она што е Македонија како заедничка татковина. Пресреќни и презадоволни, дечињата велат дека во своите срца ја носат Македонија, неизмерно ја љубат и најубавите песни ѝ ги пеат. Досегашните учители во неделното училиште при црквата „Свети Климент Охридски“ биле: попадијата Тодорка Попова, Љупчо Спасевски, Благица Дафовска, Алеко Стојановски, Никола Стојановски, Бисера Микаровска, Фана Плетерска, Невена Аџиевска, Менка Кринчевска, Славка Хофман, Стефан Крушевски, Марија Цонева и други, на кои треба да им се испрати голема благодарност за нивната љубов кон младите генерации, кон македонскиот јазик и кон Македонија. Продолжува
|