|
|
Чувари на македонскиот јазик и црковното пеење (7) |
ОД АКТИВНОСТИТЕ ВО МПЦ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО ТОРОНТО Во една од салите на црквата „Свет Климент Охридски“ во Торонто, во приквечерните часови на 6 март 1987 година, се одржа состанок на истомисленици кои истакнаа дека од пресудно значење и повеќе од потреба е да се формира литературно друштво во македонската иселеничка средина во Канада. Записничарот ќе забележи дека на тој состанок биле присутни: Вера Петревска, Стефан Букчев, Драгица Белчевска, Никола Белчевски, Благица Дафовска, Ристо Милјановски, Алексо Лозановски, Танас Јовановски, Перса Гиневска, Петар Гиневски, Драгица Димовска, Ратка Шапас, Тони Марковски и Михајло Дафовски. Поминаа само десетина дена и на 16 март беше избран првиот Управен одбор на друштвото, во состав: Благица Дафовска, претседател, Никола Белчевски, потпретседател, Драгица Димовска, секретар, Ратка Шапас, благајник и Вера Петревска, координатор, кои раководеа со активностите две години. Во 1989 година е времето кога членството на друштвото значително се зголемува, па според податоците во списанието „Литературна мисла“, год. 2, бр. 3, септември 1990 година, неговиот број изнесува 46 редовни и 10 почесни членови. Бројки за почит и за респект. Инаку, во август 1989 година излезе првиот број на списанието „Литературна мисла“. Посебно треба да се одбележи податокот дека од мај 1990 година Друштвото е организатор и домаќин на манифестацијата „Денови на македонската култура“, која стана традиционална форма и содржина во неговата работа и дејствување. Не ретко, нивни гости и соработници биле писатели, културни и научни работници од републиката, а станале и почесни членови, меѓу кои: Анте Поповски, Орде Ивановски, Божин Павловски, Блаже Ристовски, Мето Јовановски, Јордан Плевнеш, Вера Стојчевска-Антиќ, Коле Мангов, Славе Николовски-Катин, Љубиша Георгиевски, Петар Темелковски, Петре М. Андреевски, Вангел Божиновски, Ката Мисиркова-Руменова, Илинден Спасе, Раде Силјан и други.
Нема приредба, одбележување на значајни настани и личности од македонската историја и култура во кои не учествуваат и овие творци и вљубеници во пишаниот збор, а кои се одржуваат во Канада или, пак, во Соединетите Американски Држави. Нераскинлива, и за нив најзначајна, е врската со Татковината. Остварена е соработка со Друштвото на писателите на Македонија, традиционалното учество на Струшките вечери на поезијата, на Рациновите средби, објавени се прилози на страниците на македонските весници, списанија и книжевна периодика, а се преземени и други активности. Спомените од детството, немерливата љубов кон родната грутка – се најлични цветови што никогаш не свенуваат во човековата душа и во неа се носат трајно како пресувани во хербариум. Оттука, носталгијата се напластува на сè и таа станува сино небо со илјадници трепкави и светли ѕвезди во кои и спие човековиот поглед. Се множат најубавите соништа и од далечните и студени северни краишта летнуваат бели гулаби, симболи на сите копнежи и стремежи, мечти и соништа, летнуваат кон југ како ненапишано писмо, како единствена можност да се биде свој и среќен. Четириесетината членови на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ се работници, интелектуалци, ученици, студенти, пензионери... Тоа се чета избраници кои со силата и со моќта на македонскиот збор војуваат и опстојуваат; патем, да забележиме дека неколкумина од нив пишуваат на англиски јазик и во светот ја шират вистината за Македонија. Нивното творештво, и во минатото како и денес, претставува потребна и суштинска активност на сопственото истрајување во историјата на светот. А нивното главно оружје е мајчиниот збор, македонскиот литературен јазик кој денес има изборено свое место во ризницата на светските јазици и култури, јазик што се изучува во светот, а со кој непомирливо се војува против сите негирања и присвојувања, особено од соседните земји. Затоа со право се вели дека дел од македонската историја и иднина, огледало на реалноста и сегашноста, претставуваат Македонците и нивната работа и активност во Канада.
Исто така, во оваа пригода треба да се истакне дека побогати се богослужбите и поубави се прославите во црквата „Свети Климент Охридски“ кога на нив доаѓа и учествува и Црковниот хор. Неговите членови пеат од срце, пеат со многу љубов и желба и за велигденските и за божиќните празници, за патронатот на црквата, а и за време на одржувањето на други настани и приредби. Доброволно, искрено и секогаш се подготвени за да приредат најубави мигови и даваат сè од себе така да биде и да ѝ се допаднат на публиката и на присутните. Формирањето на црковниот хор потекнува уште од годините на изградбата на црквата „Свети Климент Охридски“. Меѓутоа, повеќе од 40 години хорот работи во поширок состав и во него членуваат повеќе хористи кои се аматери и волонтерски, кој ја вршат таа работа, а сепак, нивното пеење е професионално. Големи заслуги за формирањето на црковниот хор има Евгенија Кордиќ, долгогодишен диригент и раководител. Меѓутоа, повеќе години хорот го води професорот по музика Филип Ангеловски, роден во селото Д’мбени. Костурско. Во него, меѓу другите биле членови: Елка Георгиевска, Менка Гаџовска, Цена Гивенс, Сандра Стојковска, Драги и Вера Чумандра, Љубица Кожовска, Јосиф Ничевски, Љуба Терзиева, Спиро Мангов, како и познатите интерпретатори на народната песна – Фана Шомова, Славка Младеновска и Мирјана Златкова. Благодарение на упорноста на бројните членови во минатото и сегашноста, на чело со диригентот Филип Ангелковски досега хорот постигнал многу значајни резултати. Во последно време, хористите продолжија уште позасилено да подготвуваат нови дела и нова програма, со што се очекува нивната улога да биде поголема, а успесите позабележителни. Продолжува
|