|
|
Продолжување на старомакедонските традиции и обичаи во Канада (8) |
ОД АКТИВНОСТИТЕ ВО МПЦ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО ТОРОНТО Уште во 1968 година, во метрополата Торонто, започна да се организира една интересна манифестација под името „Карван на нациите“, на која, пред сè, со свои национални вредности се претставуваа десетици нации што живеат на тие простори. На самиот почеток, македонската заедница влезе во натпреварувачкиот дел со павилјонот „Скопје - Солун“, кој постојано место имаше во просториите на храмот „Свети Климент Охридски“. Оваа значајна манифестација обично се одржувала во текот на јуни и траела десетина дена. Освен декорот со фолклорни мотиви, атмосферата во павилјоните ја сочинувале и други национални достоинства, меѓу кои и сценска уметност. Се чини дека одличната кујна и вонредните настапи на македонските фолклорни групи придонесоа македонскиот павилјон „Скопје - Солун“ да биде многу посетуван. Во тоа македонско катче се продавале многу вкусни национални кулинарски специјалитети и пијалаци што ги подготвувале и ги сервирале вредните раце на Македонките, нашироко познати со своите пити, погачи, зелници, печива, па вкусното тавче-гравче, ајварите, пинџурите и другите деликатесни јадења, кои со задоволство ги консумираа посетителите. Во 1993 година се прослави 25-годишниот јубилеј на манифестацијата „Карван на нациите“. За претседател на павилјонот „Скопје 1993“ беше избрана Вера Јанкулова, а во одборот беа Јане Берибаковски, Сашко Поповски, Дана Скотланд и убавицата на павилјонот, Весна Крклински. Тие, заедно со членовите на Управата и на Женската секција при црквата „Свети Климент Охридски“, а посебно со настапите на Ансамблот „Македонка“ и на Играорната група „Солунски бисери“, беа вистински амбасадори и афирматори на македонската старокрајска кујна, на националните и на културните вредности донесени од Македонија во Канада.
Голем и прекрасен еднонеделен празник беше тоа на македонските богати обичаи, традиции и толку богати трпези преполни со роднокрајни специјалитети. „Карванот на нациите“ беше навистина карван што тече како река. Илјадници љубопитливци, намерници, пријатели, Македонци од сите деклови на етничка Македонија, луѓе од сите бои и нации дефилираа во тие дни низ павилјонот „Скопје-Солун“ и во Македонската национална црква „Свети Климент Охридски“ вриеше како во кошница. На „Карванот на нациите“ се гледаше една цела галерија ликови и личности од сите бои и вери како доаѓаат во македонскиот храм и како со задоволство ги пробуваат македонските специјалитети. Вредните раце на Македонките кои се неуморни прават чуда и ги освојуваат пребирливите реки луѓе што беа најубаво угостени и удостоени со љубезноста на домаќините во храмот „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Нивните впечатоци беа чудесни. Тие изрекуваа најубави комплименти на адреса на македонската гостопримливост. Уште кога ќе се додаде и тоа дека ваквите прекрасни денови беа дополнети со настапите на македонските играорци и песнопојци, со општото расположение на Македонците, тогаш нема дилеми дека „Карванот на нациите“ беше една навистина лична карта на македонската заедница. И не случајно, многу пати Карванот се нашол на самиот врв и како еден од најдобрите организатори ги освојувал највисоките први и втори места, прогласуван од страна на организаторот на етничките заедници во Онтарио. Митровденскиот базар, пак, е едно прекрасно дружење и интересно славје на македонските верници и на сите оние што ќе посакаат, ќе имаат време и желба да дојдат во својот Светиклиментов храм. Тогаш, во тоа свето македонско место врие од народ. Врие од млади, од постари и најстари, кои сакаат да дојдат, да бидат тука заедно, да ја споделат убавата атмосфера што владее во сите простории на црквата. Одличната декорација, богатата програма и толку разновидната македонска трпеза го прават овој Митровденски базар навистина да биде оригинален и невообичаен за останатите заедници во Торонто. Горди се Македонците што и на тој ден можат да се видат и чујат, да се дружат и да уживаат во богатството од роднокрајни обичаи и традиции донесени од сите делови на родната Македонија. Исто така треба да се нагласи младинските секции, бидејќи младоста, разбирливо, отсекогаш пленувала со својата енергија, ентузијазам и со своите идеи. Таа давала сè од себе за што поуспешно да ги организира многуте собири, дружења и други културно-просветни и забавно-рекреативни активности. Во изминатите години, Македончињата организирале толку многу игранки, рецитали и натпревари, што во најубава светлина се претставиле и пред македонската публика, а и пред канадската јавност. Генерациите млади Македонци биле и остануваат македонска гордост и вчера и дене и утре. Затоа, и во младинската секција и во играорните, драмските, литературните, спортските и другите секции и групи, тие се големата иднина. На најстарите Македонци, пак, и на многу почитуваните членови, активисти и пријатели, оние што придонесуваат и што дадоа многу време, пари и труд, тие што неуморно работеа во црквата и во секциите, а и оние коишто се само пензионери – Македонци, во знак на почит и благодарност широко им се отворени вратите на црквата „Свети Климент Охридски“. Така, во рамките на црквата, со успех работи Пензионерскиот клуб „Гоце Делчев“ во една од салите, од понеделник до петок, од девет часот наутро до пет часот попладне. Пензионерите доаѓаат во салата и другаруваат и клубот е прилика да се оживуваат спомените од минатото, да се раскажуваат сеќавањата за стариот крај или да се гледаат филмови и телевизија, да се слуша музика и да разговараат колку што им е волја. Секој четврток клубот организира заеднички македонски ручек, а во салата може да се добие кафе, чај и друго. Во Пензионерскиот клуб „Гоце Делчев“ членуваат голем број Македонци од сите делови на Македонија, кои навистина се трудат да создадат услови и амбиент за една посреќна и подолга старост. Исто така, значајна е Библиотеката во црквата „Свети Климент Охридски“ која е отворена во 1974 година, од тогашниот претседател на Матицата на иселениците од Македонија, Живко Василевски. Таа содржи повеќе илјади книги – подарок од поединци и од бројни институции од Македонија.
За сите оние Македонци кои ја сакаат книгата и убавиот мајчин македонски јазик отворени се вратите на Библиотеката. Во ова вистинско богатство од најразлични книги може да се ужива и седејќи во читалната, па така оние што имаат желба да читаат, да научат и да се запознаат со националната и со црковната историја на својот народ и на својата земја Македонија, која е толку богата и разновидна, имаат одлична можност за тоа. Читателите може да се запознаат со македонскиот литературен јазик, со современата македонска литература и со сè она што беше и е минато и сегашност на нивната татковина Македонија. Една од значајните секции во црквата „Свети Климент Охридски“ е и Социјално-спомагателната секција. Во неа членуваат поголем број македонски иселеници кои прават добрини на овие на коишто хуманоста и помошта им е неопходна. Оваа секција има организирано бројни хуманитарни акции, меѓу кои, помош на граѓани во македонската заедница и во Република Македонија. Оваа секција во целина има значајно место во хуманитарните активности меѓу македонската колонија во Торонто. Продолжува
|