|
|
Ченто – Страдалник за Обединета Македонија |
Пишува Иван Трпоски Разговор со Душан Ристевски по повод монодрамата посветена на Методија Андонов - Ченто Австралиско македонскиот театар од Сиднеј во сабота 28 ноември со почеток во 19 часот во просториите на Hurstville Civic Theatre, MacMahon Street, Hurstville премиерно ќе се престави со најновото дело на драматургот Душан Ристевски „Ченто“. Ликот на Ченто ќе го игра Васко Србиновски, а преставата ја режира Стефо Нанцу. Што ве предизвика да напишете дело за Методија Андонов - Ченто? Како што знаете Методија Андонов - Ченто беше претседател на привремената македонска влада за време на Втората светска војна кога Македонија беше окупирана од фашистите и монархофашистите на Германија, Бугарија, Италија и Грција како и прв претседател на македонската влада после формирањето на Република Македонија во склопот на југословенската федерација. Но после овој период тој не постоеше во македонската историја, како да испари од политичката сцена без некое објаснување. Секако неговите современици мошне добро знаеја дека подло беше отстранет и затворен во самица повеќе години но за нас од помладата генерација тој беше енигма и токму поради тоа се јави љубопитост кај мене да се истражува неговото дело. Лично бев шокиран кога ги читав, во 1990 година, написите во Нова Македонија од новинарката, инаку и таа како Ченто - Прилепчанка, Фиданка Танаскова, на која иако и се претеше поради написите, херојски истапуваше пребарувајќи во забранетиот архив и разговарајќи со Чентовите другари и соборци, изнесуваше факти кои дотогаш никој од нас не ги знаеше од прости причини што истите не беа достапни до јавноста. Подоцна на една наша средба со Фиданка во Сиднеј 1991 година каде ми подари нејзина книга посветена за Ченто, ме поттикна да напишам монодрама за оваа личност за која многу малку се знаеше во македонската дијаспора. Иако текстот уште тогаш беше приготвен, услови немаше да се најде правиот актер да го одигра ликот на Ченто. Што преставува Ченто за тебе како автор и што сакаш Македонците да научат од овој драмски приказ? Да бидам искрен ова е голема обврска и предизвик не само за мене како автор туку и за актерот и режисерот правилно да се престави еден лик кој остави големо дело зад себе. За мене лично, проучувајќи го неговиот живот, сакам публиката да ја вратам во периодот кога не беше лесно да бидеш Македонец поготово кога сите соседи сакаа да грабнат делови од Македонија и да ја уништат македонската нација. Се формираше македонската државност а со тоа се работеше интензивно на македонскиот правопис, се формираа институции и установи, училишта и факултет, се воспостави правниот систем итн. итн. Токму Ченто беше на кормилото на македонската влада во која се донесуваа важни одлуки за опстанокот на македонската нација. Онака како што го разбрав неговото дело така и го преставувам, а и така би сакам да се прифати. За мене Ченто е еден идеолог за независна и обединета Македонија, идеолог за воспоставување демократска држава на Македонците кои самостално ќе ја решаваат својата иднина. Значи Ченто имаше голема визија? Точно, неговата визија делумно се оствари после повеќе од четири децении кога Република Македонија стана независна држава. Реков делумно, бидејќи тој секогаш настојуваше и се бореше за обединување на Македонија но за жал другите решаваа, а делумно и сега некои решаваат за иднината на Македонците. Верувам дека тој многу повеќе ќе постигнеше за македонската нација доколку не беше така подло отстранет токму од своите сограѓани, а секако под наредба на КП на Југославија. Неговиот живот трагично заврши но тој знаеше дека неговата борба не беше залудна. |