|
|
Македонски селски и околиски социјално-културни братства во Канада од 1905 -1935 (13) |
ОД АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ НАДВОР ОД ЦРКОВНИТЕ ОПШТИНИ Според делото „Македонците во САД и во Канада“ од авторот на овие редови, првите организирани спомагателни братства во Канада се братствата од селата од егејскиот дел на Македонија и тоа: Ошчима, Баница, Смрдеш, Д'мбени, Буф и Трсје. Овие братства биле формирани во годините 1905-1907, а по 1910 година дошло до масовно организирање на македонски селски спомагателни друштва. До Втората светска војна, основата на македонските селски друштва ја чинеле братствата од Егејска Македонија, а по шеесеттите години од минатиот век и од Република Македонија. Дејноста на македонските селски и околиски културно-социјални друштва во изминатиот период првобитно била чисто од социјален карактер, а постепено преминале во културно-просветни друштва. Тие организирале самостојна училишна дејност, со цел децата, особено новата генерација да го изучува својот мајчин јазик. По Втората светска војна децата организирано го изучувале својот македонски мајчин јазик, историја, географија и религија во рамките на црковните училишта. Исто така, селските културно-социјални друштва во својата дејност важно место му посветувале на културното издигнување на своите членови, преку организиран културно-забавен живот. Тој се одвивал преку создавањето драмски секции, постоењето на хорови и оркестри во рамките на друштвата. Во делокругот на дејноста на селските културно-социјални друштва спаѓа и спортското организирање на младите. Некои од друштвата и во минатото имале свои селски културно-уметнички групи. Повеќе друштва учествувале во деновите на Карванот на нациите во Торонто. Тоа е културна акција која ја организираат сите етнички групи што живеат во мултикултурна Канада, презентирајќи ги своите културни особености. Притоа, во склопот на друштвата влегувале и женските и младинските секции кои го организираат спортскиот и културниот живот на членовите.
Некои од културно-социјалните друштва се јавувале и како издавачи на монографии за своите села. Меѓу нив се: монографиите за селата Желево, Бапчор, Баница, Ошчима, Буф и други. Овие изданија обично се печатени по повод некои годишнини. Тие содржат разновидни трудови од историјата на селата, со посебен осврт на доселениците од тие села, придружени со слики и соодветни реклами. Во последно време многу популарни се телефонските именици со адресите на сите жители од даденото село, без оглед на местото на живеење. Телефонски именици имаат селата: Буф, Ошчима, Брајчино и други. Македонските селски и околиски културно-социјални друштва биле доста бројни и започнале со своето организирање во периодот кога Македонците, особено од Егејска Македонија дошле во Канада. Така, меѓу тие селски и околиски друштва ќе ги споменеме следните: СПОМАГАТЕЛНОТО ДРУШТВО “ОШЧИМА” од селото Ошчима, Леринско било основано во 1905 година. Тоа е едно од најстарите друштва, организирани од Македонците од Егејска Македонија во Канада. Како основна причина за организирање на ова друштво во тоа време била взаемната помош на своите членови, посебно прифаќањето на новите доселеници од селото. Друштвото “Ошчима” во минатото, па и се’ до денешно време, било и е тесно поврзано со жителите кои останале да живеат во селото, а посебно на оние кои во меѓувоениот период и по Граѓанската војна во Грција, кога селото ги претрпело најголемите несреќи. Тоа развило и издавачка дејност, во чии рамки била отпечатена и монографијата за селото, како и телефонскиот именик во кој се поместени телефонските броеви и адресите на сите жители од Ошчима, без оглед на сегашното место на живеење. СПОМАГАТЕЛНО ДРУШТВО “Д'МБЕНИ”. Првобитното друштво “Д'мбени” од селото Д'мбени, Костурско било формирано во градот Гери, Индијана, САД во 1906. Во своите редови ги собирало жителите од селото Д'мбени коишто живееле во САД и Канада. Тогаш друштвото го добило името на познатиот борец против турското ропство од ова село, Лазар Поп Трајков. Во 1940 година членовите на друштвото што живееле во Торонто се издвоиле и организирале свое друштво именувајќи го “Д'мбенско селско спомагателно друштво - Лазар Поп Трајков”. Друштвото “Д'мбени” е регистрирано и работи врз основа на статутот. Меѓу доселениците друштвото е познато по хуманитарните активности. Тоа располага со сопствена фарма, која се вика “Д'мбенско Село”. БЛАГОТВОРНОТО БРАТСТВО “ЖЕЛЕВО” од селото Желево, Леринско било формирано во 1907 година, а сегашното спомагателно братство “Желево” било формирано на 1 октомври 1921 година. Тоа развило голем број активности, меѓу кои, во 1928 година била иницирана изградбата на познатиот Желевски дом. Во 1929 било создадено младинското друштво под име “Родина”. „Желевскиот дом“ бил повторно инициран во 1946 година и на 26 август истата година купиле место. Домот официјално е отворен на 10 јули 1948 година. Домот е сопственик на места за викендички, на голф игралишта и друг имот. Во „Желевскиот дом“ се одржал состанокот за изградба на МПЦ „Свети Климент Охридски“ во Торонто. СПОМАГАТЕЛНОТО ДРУШТВО “ГАБРЕШ” било формирано на 1 март 1911 година во Торонто. Првобитното друштво имало спомагателен карактер, во прв ред да им се помогне на новодојдените доселеници од селото, а исто така да им се излезе во пресрет на оние кои сакале да се вратат во Македонија, односно во родното село. Друштвото било официјално регистрирано и има свој статут. Во него членуваат околу 250 души, кои секоја година организираат пикник, заедно со друштвото од селото Дреновени. СПОМАГАТЕЛНОТО ДРУШТВО “БАНИЦА” од селото Баница, Леринско било основано на 26 јуни 1911 година, во Торонто. Денес постојат две друштва кои ги собираат жителите од селото Баница. Првото друштво “Баница” кое е и најбројното е со чиста македонска ориентација. Второто друштво било формирано во 1929 година. Тоа го носи името “Веви” по грчкото име на селото и е со прогрчка ориентација. СПОМАГАТЕЛНОТО ДРУШТВО “БЕСВИНА” од селото Бесвина, Костурско е едно од најстарите македонски селски друштва основани во Канада. Тоа е организирано во 1916 година. Првобитно се викало спомагателно друштво “Два врвови”, а потоа го сменило името на сегашното. Друштвото било регистрирано и работи според одредбите на својот статут.
Монографијата „Атанас Близнаков“ од Д’мбени, чиј абтор е Славе Николовски-Катин е издание на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Скопје, 2000, 1-336; на монографијата „Андреа Бранов“ од Биф, автор е исто така Славе Катин, а е издание на „Македонска искра“, Скопје, 2001, 1-222, додека на монографијата „Селото Неволјани, Леринско“, автор е Ристо Кирјазов, во превод на англиски јазик на Славе Катин, тоа е приватно издание, Торонто, 1986, 1-64. КУЛТУРНО-ОБРАЗОВНО ДРУШТВО “БУФ”. Првото спомагателно друштво “Буф” од селото Буф, Леринско, било основано во 1919 година во Детроит, САД. Во 1959 година и во Торонто било организирано друштво со тоа име. Првобитно бувчани од Торонто членувале во друштвото во Виндзор, кое било познато по своите активности. Членовите на друштвото “Буф” активно учествувале во изградбата на македонските православни цркви. Друштвата “Буф”одржувале добри односи со своето село Буф, а и сите три друштва одржуваат меѓусебни пријателски односи. Тие се канат на своите пикници, на игранките и веселбите. ТРСЈАНСКОТО СПОМАГАТЕЛНО ДРУШТВО “ОТЕЦ ГЕРАСИМ”, најверојатно било најстарото друштво на Македонците во Торонто. Неофицијално тоа работело од 1890 година, а официјално било регистрирано во 1933, кога знатно се зголемил бројот на доселениците од селото Трсје, Леринско. Тоа било познато по својата културна дејност меѓу своите членови и кај целокупното македонско иселеништво во Торонто. Друштвото располага со свој парк, во кој има изградено мало манастирче, кое го носи името “Отец Герасим”. Продолжува
|