|
|
Македонски селски братства и спортски асоцијации во Канада од 1940 до денес (14) |
ОД АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ НАДВОР ОД ЦРКОВНИТЕ ОПШТИНИ Во периодот од 1940 година до денес Македонците од сите делови на Македонија кои живеат во демократска Канада, формираа голем број македонските селски и околиски културно-социјални друштва и спортски асоцијации. Според делото „Македонците во САД и во Канада“ од авторот на овие редови формирани се следните друштва: СПОМАГАТЕЛНОТО ДРУШТВО “В'МБЕЛ” од селото В'мбел, Костурско било формирано во 1940 година. Од едно доста активно друштво од своето постоење, во осумдесетите години, се претворило во пасивно, со тенденција на негово изумирање. СПОМАГАТЕЛНОТО ДРУШТВО “ДРЕНОВЕНИ (КРАНИОНА)”, од селото Дреновени, Костурско, е основано во 1940 година и во него постоеле две крила: со македонска и прогрчка ориентација. ДОБРОТВОРНОТО ДРУШТВО “НЕВОЛЈАНИ (СКОПЈА)” од селото Неволјани, Леринско било формирано на 5 февруари во 1956 година. Поради зачувување на единството на жителите на селото Неволјани, друштвото го нарекле со двете имиња: македонското и грчкото. БИТОЛСКОТО ОКОЛИСКО СПОМАГАТЕЛНО-КУЛТУРНО ДРУШТВО “ПЕЛИСТЕР” било основано во 1960 година. Во својот состав ги собирало жителите од битолскиот регион. Првобитно се викало спомагателно-културно друштво “Битола”. Тоа развило бројни активности, меѓу кои и првиот пикник што го организирало во јуни 1960 година. Во 1969 година бил формиран фудбалскиот клуб “Битола”, кој постоел до 1985 година. Од таа година клубот настапувал под името “Македонија” и бил член на Македонско-канадската фудбалска лига. Во 1979 година од ова друштво се формирале четири друштва и тоа од селата: Велушина, Лажец, Граешница и Драгош. Денес овие четири друштва работат самостојно. Тие имаат свои управи и статути, но сепак настапуваат заеднички. КАНАДСКО МАКЕДОНСКАТА РЕСТОРАНСКА КОРПОРАЦИЈА била формирана во 1979 година, која имала за цел да ги собере на едно место сите Македонци, претежно од егејскиот дел на Македонија и да имаат свое здружение.
МАКЕДОНСКОТО СПОМАГАТЕЛНО ДРУШТВО “ПРЕСПА” било основано во 1961 година, кога во Торонто се зголемил бројот на доселениците од Преспа. Во 1983 година, друштвото било регистрирано пред канадските власти под името “Македонско спомагателно преспанско друштво”, со свој статут. Во статутот, пак, името на друштвото гласи: Преспанско-ресенско добротворно друштво “Преспа”. Добротворното друштво “Преспа” во своите редови ги собира Македонците кои потекнуваат од преспанскиот регион, без оглед на тоа на кој дел од Преспа му припаѓаат. КУЛТУРНО-ПРОСВЕТНОТО И СОЦИЈАЛНО ДРУШТВО “ЗДРУЖЕНИ БРАНОВИ”. Во ноември 1980 година, бил формиран привремен управен одбор кој требало да пристапи кон формирање на друштво кое ќе ги собира жителите од охридскиот регион: Охридско, Струшко, Дебарско и Кичевско. Потоа, на 7 февруари 1981 година се одржало членско собрание на кое било донесена одлука за избор на званична управа и избор на името на друштвото. Културно-просветното и социјалното друштво “Здружени бранови”, активно учествувало во животот на иселеништвото во Торонто. Меѓу другото, во 1992 година активно се вклучило во акцијата за собирање на лекови за Македонија. ПРИЛЕПСКОТО КУЛТУРНО-ПРОСВЕТНО ДРУШТВО “Прилеп” било основано во 1990 година. Друштвото соработува со повеќе друштва од Торонто, а посебно со Мариовското и со Битолското друштво. Исто така, во Торонто постојат и следните друштва: “Полог”, “Граешница”, “Обединети Мариовци”, “Скопје”, “Брајчино”, “Љубојно”, “Евла”, “Велушина”, “Драгош”, “Горничево”, “Лажец”, “Болно”, “Арменско”, “Трнава - Прасино”, “Статица”, “Зелениче” и др. КАНАДСКО МАКЕДОНСКАТА БИЗНИС И ПРОФЕСИОНАЛНА АСОЦИЈАЦИЈА била формирана во 1992 година во Торонто. Таа ги собира сите бизнисмени во Торонто и пошироко кои водат потекло од цела Македонија. МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА КАНАДСКАТА МЛАДИНА, исто така била формирана во 1992 година, која имаше за цел да ги собере и обедини младите македонски генерации. МАКЕДОНСКА ФОНДАЦИЈА ЗА ПОМОШ НА ДЕЦА. Оваа хуманитарна организација е регистрирана на 6 март 2002 година во Торонто. Таа ги помага сите деца, особено децата во Македонија кои настрадале во војната. МАКЕДОНСКИ МУЗИЧКИ СОСТАВИ. Во Торонто постојат поголем број македонски музички состави. Меѓу познатите оркестри се: “Децата од Буф”, “Илинден”, “Изгрев”, “Бисер” и други. Исто така, поголемиот број играорни групи имаат свои оркестри. КАНАДСКО-МАКЕДОНСКА ФУДБАЛСКА ЛИГА. На просторот на Канада во минатото и денес постоеле и постојат повеќе македонски фудбалски клубови. Некои од нив им припаѓаат на селските спомагателни друштва, а некои на македонските црковни општини. Во повеќето случаи ваквите фудбалски клубови главно настапуваат за време на пикниците или пак на некои свечености. Во 1984 година била формирана Канадско-македонската фудбалска лига во Торонто, во чиј состав влегле следниве македонски фудбалски клубови: “Солун”, “Вардар”, “Мариово”, “Скопје”, “Победа”, “Охрид”, “Партизани”, “Брајчино”, “Здружени бранови” и “Македонија”. Во 1987 година, Канадско-македонската фудбалска лига се прошири со клубовите “Буф” и “Преспа”. Во последните неколку години фудбалските екипи на “Скопје”, “Вардар”, “Солун” и “Македонија” постигнувале добри резултати во лигите, а биле победници и на многу турнири организирани во Онтарио, како и во државата Њујорк. Оваа традиција ја продолжил и новоформираниот клуб “Македонски ѕвезди” составен од најдобрите играчи од Македонската фудбалска лига. “Македонски звезди” ги зазел првите места во лигата и во купот на лигата, а бил победник и на традиционалниот турнир во Бафало, САД. За време на илинденските прослави, во организација на “Обединети Македонци”, се одржува таканаречениот Илинденски фудбалски куп, на кој се натпреварувале сите македонски фудбалски клубови за освојување на Илинденскиот трофеј. Македонските фудбалски тимови учествувале и во натпреварите за време на одржувањето на македонските црковни собири, како и за време на пикниците, на селските и околиските друштва во Торонто. Фудбалската игра меѓу Македонците во Канада има големи традиции и е една од најпопуларните спортски игри. КАНАДСКО-МАКЕДОНСКА ХОКЕАРСКА ЛИГА. Еден од најомилените спортови меѓу младите Македонци во Канада е, секако, хокејот на мраз. Веројатно тоа е одраз на местото што хокеарскиот спорт го зазема во животот на Канаѓаните. Таму, подолго време постоела “Канадско-македонската хокеарска лига”, во чиј состав биле: “Обединети Македонци”, “Македонско сирење”, “Македонска ресторанска кооперација”, “Канадски федерии МФГ.”, “Наб хил фармс”, “Кристален мраз” и др. Притоа, Македонци - хокејари играат и во највисоките тимови на Канада. ОТВОРЕНИОТ МАКЕДОНСКИ ГОЛФ ТУРНИР во Торонто постои од 1942 година, а бил основан од Ван Петров, познат македонски иселеник и бизнисмен. На оваа спортско-рекреативна манифестација главно учествуваат канадски бизнисмени од македонско потекло, чии семејства биле дојдени во Канада пред Втората светска војна. Еден од учесниците на овој турнир неколку пати бил и авторот на овие редови. Учесниците на турнирот од организаторот добиваат награди во вид на капи, кошули со македонското знаме и др. Победникот на турнирот добива специјален пехар. Турнирот се одржува во јули секоја година. Продолжува
|