|
|
Академикот Антоније Шкокљев – Дончо – светска личност во науката |
Академикот проф. д-р Антоније Шкокљев - Дончо е еден од доблесните Македонци кој својот живот го посветил на науката, на здравјето на луѓето, на напредокот на новите генерации во областа на медицинските науки, на палеолингвистиката и на древните корени на народите на Балканот, со особена нагласка на македонскиот народ и Македонија. Животниот пат на. д-р. Шкокљев започнал во познатото македонско револуционерно село Д’мбени, Костурско, во егејскиот дел на Македонија, денешна Грција, на 24. 09. 1923 година. Селото во кое се родени плејада предвоени македонски борци и интелектуалци, меѓу кои, Лазар Поп Трајков, Лазо Москов, Лазо Трповски, Ташко Караџа и други кои се бореле за афирмација на македонските идеали. Во Д’мбени се родил и најголемиот донатор од македонската дијаспора, Атанас Близнаков, кој живееше во Гери, Индијана, во САД, и кој за иднината на македонската младина, за студентите, ја формира најголемата фондација во Република Македонија, Фондацијата „Близнаков“Â на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ во Скопје. Инаку, родното место на д-р Шкокљев, селото Д’мбени никогаш не го загубило македонскиот дух и белег, иако постојано потпаѓало под туѓинско ропство. Неговото население со векови го пренесувало борбениот дух, приврзаноста и љубовта кон родната земја и дедовските огништа, кои со силна моќ безгранично ги привлекувало тие намачени Македонци кои свиле гнездо насекаде по светот. Благодарение на нивните борбени традиции и дух, населението од овој крај на Егејска Македонија им остана докрај верно на борбените револуционерни и патриотски позиции. Академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо од своите родители од родното село Д’мбени, кое грчките фанатици го запалиле во 1943 година, оттаму го понел македонскиот човекољубив патриотски дух, за да го развива и шири во целиот негов живот, да го шири насекаде во светот, особено во Белград, престолнината на Балканот. Таму, во новата средина дојде до израз неговата надареност, талент, образование, големата љубов и посветеност кон медицинските науки, кон историскиот развој на народите на Балканот и нивниот придонес на светската цивилизација, посебно придонесот кон древните врски на Србија како дел од Панонија и Македонија како дел од Беломорието. Тој своетo образование го започнал токму во родното село Д’мбени, за потоа да продолжи во класичната гимназијата во Костур, каде се истакнал со својот талент. Од 1943 до крајот на 1945 година бил учесник во НОВ. Меѓутоа, судбината се поиграла со него, како што е случај и со илјадници Македонци од егејскиот дел на Македонија, да го напушти дедовското огниште. Така, Шкокљев, заедно со голем број бегалци од Егејска Македонија, патиштата го однеле најпрвин во Бугарија, каде го продолжил своето образование, а потоа, заминува засекогаш за Белград.
За академик Шкокљев Белград е градот на животот, љубовта, науката, напредокот… Таму тој го завршил Медицинскиот факултет во 1950 година со просек 9,1, потоа во 1962 година специјализирал максилофацијална и орална хирургија на Војномедицинската академија во Белград, со одличен успех. Се усовршил за орална хирургија и во Цирих, Стохолм и Лондон. Станува доктор на медицински науки, бранејќи ја познатата докторска дисертација на тема „Упростена имобилизациона метода при лечење на вилици во современа војна“. Тој е основач и организатор на Клиниката за максилофацијалната и орална хирургила на Војно Медицинската Академија (ВМА) во 1972 година. Потоа е избран за доцент во 1967 година, за вонреден професор во 1972 година, а за редовен професор во 1977 година. Како воен стручњак и професор на ВМА во Белград, добива чин, најпрвин полковник во 1967, а потоа генерал-мајор во 1984 година, за да се пензионира на 31.12.1986 година. Клиниката со која раководеше проф. Шкокљев беше позната и призната во поранешна Југославија како центар за лечење, настава и истражувачка работа. Таму Шкокљев бил претседател и член на испитните комисии за специјализација од максилофацијалната хирургија, оралната и пластично-реконструктивната хирургија, пред сè на ВМА, потоа на медицинските и стоматолошките факултети во Белград, Скопје, Нови Сад, Сараево, Приштина, Загреб и Љубљана. Како ментор, или само како член на испитните комисии учествувал во реализација на докторанти и магистри за 52 кандидати. Многумина од нив биле од Македонија, кои кон проф. Шкокљев и денес се однесуваат со голем респект и љубов како кон човек, педагог, доктор, стручњак и пријател. Тој учествувал во едукација од максилофацијалната хирургија и акупунтура на над 800 лекари на балканските простори, во странство, посебно во Индонезија.
Во текот на својата плодна работа и живот, професорот Шкокљев објавил над 260 трудови од медицината и стоматологијата, како и 10 книги во Србија, 3 во Македонија и по една во Германија и во Грција, а е и автор на три научни филмови во издание на „Застава филм“. На стручно, научно и образовно поле пронаоѓач е на десет иновации-патенти. Во неговото долгогодишно работење имал многу плодна соработка со бројни стоматолошки и медицински факултети, а посебна со Медицинскиот факултет во Скопје. Ценејќи ја неговата афирмација, Светската здравствена организација на Обединетите нации (ОН), во 1986 година го избрала за признат експерт од максилофацијалната и оралната хирургија за Далечниот исток, каде бил ангажиран во Индија и Кореја. Тој е човекот кој ги лечел, меѓу другите и претседателите Кенет Каунда и Моамер ел Гадафи. Aкадемик проф. д-р. Антоније Шкокљев-Дончо е експерт на светската здравствена организација, член е на Македонската академија на науките и уметностите, член е на Академијата за медицински науки на Српското лекарско друштво во Белград, член е на Американскиот меѓународен колеџ за акупунтура и електротерапија во Њу Јорк. После специјализацијата во НР Кина, во 1989 година е директор на „Меѓународната постипломска школа за традиционална медицина“ при Европскиот центар за мир и развој, како и е член на бројни домашни и странски редакции на списанија од медицинските науки. Заради неговите постигнувања во областа на медицинските и други науки, тој е добитник на многубројни домашни и меѓународни награди и признанија. Антоније Шкокљев присилно ја напуштил својата родна земја – Македонија, а спомените, мислата, љубовта, тагата и патриотскиот дух кон татковината и својот македонски народ не го напуштиле. Проникнувањето на овие хоризонтали во животот на aкадемик проф. д-р. Антоније Шкокљев-Дончо, ја откриваат сликата за библиската природа на земјата на неговото потекло, сместена на балканските простори. Затоа, покрај неколкуте стотини стручни и научни истражувачки трудови, десетте стручни и други книги, уште како млад научник, започнува да се занимава со палеолингвистички истражувања за Балканот. Со голема љубов и познавање на повеќе светски јазици навлегува длабоко во историското минато на Балканот, особено на Македонија, со цел да даде свој придонес за вистината на Македонија и македонскиот народ во античкиот период. Уште од млади години кај академикот Шкокљев се раѓа посебен интерест за древниот антички свет на Балканот и пошироко. Тоа било пред сè што го познава старогрчкиот и грчкиот јазик кои ги научил уште во класичната гимназија во Костур. Тоа го мотивирало триесетина години да се занимава и со лингвистички истражувања на Балканот, посебно за Србија и Македонија. Поаѓајќи од сопствените, оригинални претпоставки дека во врска со една од најстарата докажана цивилизација во Европа, како што е Лепенски Вир, постој и јазик кој одговарал од тоа време, за што се публикувани многу интересни оригинални пронајдоци, смета дека таков јазик постоел и во другите древни културни цивилизациски центри во Македонија и пошироко на Балканот. Како резултат на неговото упорно истражување во палеолошките и другите испитувања, заедно со неговиот син Иван Шкокљев, редовен професор на Електро-техничкиот факултет, се роди делото од оваа област на српски јазик под провокативниот наслов "Боговите на Олимп од Србија" (Богови Олимпа из Србије) (Београд, Наука,1998), Во неа се дадени голем број податоци за археолошките пронајдоци од времето на неолитската култура на Балканот и Егејот, до текстови со податоци за населението, меѓу другото за големите преселби на народите во Македонија и други податоци. Со доаѓањето на проф. д-р Шкокљев-Дончо, пак, во Р. Македонија во 1998 година, дојде до посети на голем број значајни археолошки и други локалитети. Тогаш тој се запозна со голем број преводи за античка Македонија на македонски јазик, меѓу кои и со преводот на авторот на овие редови, романот "Александар Македонски" од Урлих Вилкен. Со тоа дојде до дружба и се зголеми заедничкиот интерест за Античка Македонија, а со тоа се збогати нашата соработка на полето на проучувањето на документите за вистината за Македонија. Така, од нашата повеќегодишната соработка, во 2004 година, во издание на "Македонска искра" од Скопје излезе од печат на македонски јазик, нашето заедничко дело "Придонесот на Македонија во светската цивилизација". Ова дело се занимава со придонесот што Македонија го дала на светот во период од десетина века, почнувајќи од шестиот век пред Христа, периодот на големото Македонско царство-времето на Филип и Александар Македонски, до Цар Самоил. Во 2007 година излезе од печат нашето второ дело на македонски јазик нсловено "Од Панонија до Егеј", во кое се претставени голем број податоци за вистината на дел од Балканот во античкиот период, со особена нагласка за древна Македонија и Србија, Како резултат на плодната соработка со академик проф. д-р Шкокљев и придонесот со Ристо Стефов (Chris Stefou) од Торонто, во 2010 година излезе од печат на англиски јазик нашата заедничка публикација насловена „Македонија во античкиот период“. Ристо Стефов е познат и признат Македонец по потекло од с. Ошчима, Леринско, Егејска Македонија, кој постојано живее во Канада, а кој, меѓу десетината публикации на англиски јазик е автор на четири дела за античка Македонија, Ова заедничко дело е печатено на англиски јазик под наслов "Macedonia in Ancient Times",. Тоа претставува приказ и слика за древна Македонија кое по електронски пат го добиле голем број видни личности и институции ширум светот. Тоа е дело во кое е дадена посебна нагласка дека Македонците го употребувале своето име ’Македонци‘ само во античка Македонија и денес во Република Македонија. Животот и делото на академик проф. д-р Антоније Шкокљев-Дончо е тесно поврзан со научната и со публицистичка мисла на македонскиот и на српскиот народ. Тој ја потврди желбата на секој Македонец, без разлика од кој дел на Македонија припаѓа да го промовира својот национален идентитет и земјата на своите претци. Неговите научни, едукативни, историски, културни и други активности, оставаат длабоки траги и значаен придонес во неговите две татковини, Р. Македонија и Р. Србија, со што се потврди за светска личност во науката. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |