|
|
Откривањето на новиот континент од Џејмс Кук (2) |
ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ Во текот на нашиот престој во Сиднеј бевме информирани дека еден од најсмелите морепловци во Тихиот Океан бил холандскиот капетан Абел Тасман, кој, пловејќи, ги заобиколил, Австралија и Тасманија. Во првата половина на XVIII век, пак, почнало истражувањето на океанот од Русите. Беринг го препловил северниот дел на Тихиот Океан, којшто сега се вика Берингово Море и ја открил Алјаска. Меѓутоа, сите откритија на овие први тихоокеански морепловци биле непознати во споредба со големината на самиот океан. Во обемната англиска литература забележано е дека во втората половина на XVIII век европските морепловци извршиле низа смели пловидби. Благодарејќи на нив, човештвото дознало за многу непознати земји. Многу херои се удавиле, други загинале во битките, а само малкумина умреле дома, во својата татковина. Но, светот нема никогаш да го заборави бестрашниот морепловец Џејмс Кук, кој мечтаел да открива нови земји во Тихиот Океан, во тој огромен непознат простор за Европејците, кој, во исто време бил мамка за храбрите. Со започнувањето на војната меѓу Англија и Франција во 1755 година, Џејмс Кук како офицер на воената морнарица извесно време бил во Канада, каде што ја проучувал реката Сеинт Лоренц и бреговите на Њу Фаундленд. Затоа, Лондонското географско друштво го примило за свој член. Друштвото во 1769 година испратило научна експедиција на Тахити во Тихиот Океан, за на 3 јуни да се следи необичната астрономска појава кога Земјата, Венера и Сонцето се нашле на една права линија, а самата Венера била видена на Сончевиот диск. На чело на експедицијата бил Џејмс Кук кому на располагање му бил ставен малиот, но одлично граден воен брод „Истрајност“. По успешно извршената задача, експедицијата тргнала на југозапад и по долго патување пристигнала до бреговите на Нов Зеланд. Прочитавме многу легенди и се запознавме со различни вистински стории за славниот морепловец Џејмс Кук. Така, во англиската литературата се вели дека Кук го продолжил својот пат кон запад за да го проучи источното крајбрежје на Австралија. Во тоа време за јужниот и западниот брег нешто веќе се знаело, благодарение на Тасман и некои други холандски морепловци. Меѓутоа, за Кук на хоризонтот се појавило австралиското копно токму на 19 април 1770 година. Ниските планини што го затскривале видикот кон внатрешноста на континентот Австралија го потсетувале Кук на Јужен Велс, па затоа целиот тој простор го нарекол Нов Јужен Велс. Овде Кук бил преокупиран со правење точна карта, во која го внесувал секој р‘т, залив, остров… Пловејќи кон север го минал Екваторот и се пробил меѓу многубројните острови на Големиот корален гребен, не насетувајќи каква голема опасност ги демне членовите на експедицијата. Имено, се случил бродолом на 25 мај 1770 година. Сите топови биле фрлени во морето, а ја истуриле и водата за пиење. По едно деноноќие непрекината работа во црпење на водата што навлегувала на бродот, со следниот највисок прилив бродот се ослободил од подводните карпи и запловил кон брегот. Бидејки не биле сигурни на австралискиот брег од непријателски расположените домородци, се упатиле на островот Јава во градот Батавија - холандска колонија, поминувајќи низ протокот меѓу Нова Гвинеја и Австралија. Патем, многу од патниците умреле од скорбут и маларија. Откако бродот бил оспособен за пловидба, останатите го продолжиле патот по веќе добро познатите мориња. Заобиколувајќи го ’ртот Добра Надеж на југот на Африка, тие запловиле во водите на Атлантскиот Океан и, речиси, по тригодишно отсуство се вратиле во Англија на 12 јуни 1771 година. Името на Џејмс Кук се прочуло во цела Англија. За него пишувале сите весници. Книгите во кои се опишувало неговото патување веднаш се распродавале, а се преведувале и на многу јазици. Целиот учен свет бил возбуден особено: астрономите, ботаничарите, зоолозите, геолозите, новинарите и другите научници, но најмногу географичарите кои многу одамна немале добиено толку скапоцени податоци. Точно определените брегови на Австралија и Нов Зеланд ја исполниле огромната бела површина на сите мапи и географски атласи. Во 1770 година, Џемјс Кук подробно ја испитал и ја прогласил Австралија за англиски посед. Во тоа време во Австралија живееле неколку стотици илјади домородно население кое било изолирано од цивилизацијата со илјадници години и со крајно низок степен на развиток. Осум години потоа, во 1778 година бил испратен првиот конвој од транспортни и товарни бродови со 717 затвореници под командата на капетанот Филип, со што почнала колонизацијата на таа нова земја - Австралија. Прва европеизирана област била Порт Џексон, формирана во 1778 година од англиски затвореници, а на крајот од XVIII век и почетокот на XIX век се доселиле многу колонисти од Европа, особено од Англија и во тоа време се формираат самоуправни колонии како: Нов Јужен Велс (1788), Тасманија (1825), Западна Австралија (1829), Јужна Австралија (1835 - 37), Викторија (1851), Квинсленд (1859) и Северната Територија во 1863 - 64 година. Почнувајќи од 1855 година колониите стекнувале толкава самостојност, што во секоја од нив постепено се формирала уставна влада со парламент. Во 1901 година сите колонии го формираа Австралискиот сојуз, освен Северната Територија, која се приклучила 10 години подоцна. Тогаш Австралија доби статус на британски доминион. Продолжува
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|