|
|
„Света Богородица“ во Њукастел – една од значајните македонски православни цркви во Австралија (13) |
Њукастел, или „Новиот дворец“ е градското подрачје кое е втора најнаселена област во австралиската држава Нов Јужен Велс, кој уште го нарекуваат „градот на Христовата црква“. Тој е сместен на околу 160 км северно од Сиднеј и е развиен индустриски центар на брегот на Тихиот Океан. Њукастел е град со околу триста илјади жители, претежно англиско население, а покрај бројни доселеници од Европа и Балканот, таму се доселиле и околу пет илјади Македонци од етничка Македонија. Нив ги има претежно од Пелагонија, Преспанско, Охридско, Костурско, Скопје и други места. При нашата посета на Њукастел, заедно со нашиот пријател Кире Циревски се сретнавме со поголем број пријатели од Преспа, Битолско и Леринско, каде се запознавме со историскиот развој на овој убав град во северниот дел на Нов Јужен Велс. Така, во литературата се вели дека во минатото овој дел на Австралија бил населен со Абориџани и домородното население ја нарекувала оваа област Малубимба. Меѓутоа, животот на Абориџаните се изменил кога во септември 1797 година, полковникот Џон Шортланд, првиот Англичанец дошол на тие простори и започнал да ја истражува таа област богата со јаглен. Њукастел се стекнал со репутација на голем простор богат со јаглен и затвореници, затоа и го завикале "пеколна дупка", бидејќи таму биле испратени најопасните осуденици кој копале во рудниците за јаглен. Њукастел во почетокот на формирањето бил еден од најголемите затворенички центри. Во тоа време градот бил именуван како Кингтаун, по името на гувернерот Кинг, а потоа во 1804 година преименуван во Њукастел. Тоа било повод на централното подрачје, на маркантно места да започне да се гради старата англиканската Христовата катедрална црква, чиј денешен објект е духовен и архитектонски споменик на градот. Затоа, често Њукастел е нарекуван „место на Христовата црква“. Како одминувале годините, така и доаѓале промените во живеењето на тие простори на петтиот континент. Тие промени во почетокот на 18. век направија Њукастел да не биде само казнена населба, туку и простор што ги отворил вратите и за другите дојденци кои запоцнале да се занимаваат со земјоделие и други гранки. Македонците во Њукастел и околината започнале да се доселуваат меѓу двете светски војни во минатиот век, кога и започнало нивтото организирање. Меѓутоа, активностите на поголемо организирање започнале по Втората светска војна, со формирањето на огранокот „Балкан“ на Македонско-австралискиот сојуз (МАНС), што беше конституиран при крајот на 1949 година. Една од активностите на МАНС во тие повоени години беше и собирањето средства за изградба на Болницата во Скопје, меѓу кои најактивни била групата Македонци на чело со иселениците: К. Мурџев, К. Каранфилов, С. Соболев, С. Кукуловиќ и други.
Следејќи го примерот на Македонците во Мелбурн, кои уште во 1960 година, со големи напори и жртви и љубов ја формираа првата македонска православна црква во дијаспорат „Свети Ѓорѓи“, во истиот период и во Њукасел митрополитот на МПЦ Наум, во сослужение со македонските свештеници Нестор Поповски и Ѓорѓи Ангеловски ја отслужил првата богослужба на мајчин македонски јазик во овој град. Тој чин беше од големо значење за Македонците во Њукастел, за подигање на нивниот морал и националниот дух. Како резултат на тоа подоцна беше основана црковната општина, во почетокот како Македонски дом, а потоа како Црковна општина „Света Богородица“. Според делото „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“ на авторот на овие редови, во 1961 година Македонците во Њукасл купиле место за изградба на црква и дом, кои пред австралиските власти биле регистрирани како македонски асоцијации со Статут на Општина. Меѓутоа, подоцна, настапил период на застој во активностите; иселениците биле поделени на две групи: една околу црковната управа, а другата околу спортското друштво “Славија”. Меѓутоа, со помирувањето на групациите во 1967 година дошло до обединување и забрзани подготовки за изградба на црквата „Света Богородица“. Тогаш биле собрани голем број средства за црквата, а била избрана и црковна управа во која влегле иселеници од дотогаш поделените групи, на чело со Петар Шабалев, како претседате и Раде Евтимовски, како секретар, двајцата истакнати македонски општественици на петтиот континент. Исто така, според делото „Македонците во Њукастл“ од проф.Трајче Бошковски, покрај големиот број лични податоци за Македонците на тие простори, се вели дека посебно место во почетните години им припаѓа и на членовите на првата управа: Никола Сазданов, Џон Фотев, Лале Дафов, Блаже Јовановски, Стево Георгиев, Панде Бабамовски, Ѓорѓи Манговски, Ристо Илков, Ристо Пандов и многу други кои дале голем труд, средства и време во изминатите педесетина години.
Инаку, еден од најзначајните датуми во историјата на оваа црковна општина ќе остане 25 април 1969 година, кога надлежниот архиереј за Австралиската епархија, митрополитот Кирил го осветил местото за црквата „Света Богородица“. Потоа започнале големи активности. Како резултат на заедничкото живеење на сите Македонци во Њукастел, црквата била изградена до крајот на 1969 година. Големо осветување на црквата „Света Богородица“ го извршил митрополитот Кирил во сослузение со свештениците Методи Гогов (подоцна архиепископ на Македонската православна црква, г.г.Михаил) и Методи Лазаревски, на 28 мај 1971 година, со што отпочна еден нов црковен и национален живот на Македонците од овој дел на демократска и мултикултурна Австралија. Црквата „Света Богородица“ во Њукастел како објект и една од поубавите македонски православни цркви во Австралија. Таа има голема сала за собири, за вечеринки, за приредби и за други манифестации. Објектот со своите архитектонски решенија претставува убав прилог во архитектурата на Њукастел. Во состав на црквата работи Македонскиот културен центар. Во овој период од педесетина години во состав на црковната општина голем придонес имаат КУД “Стив Наумов”, ФК “Македонија”, Македонското училиште “Гоце Делчев”, Пензионерското друштво, Женската секција, Студентска и младинска организација. Македонска театарска група, Австралиско-македонска асоцијација за култура и човекови права и други секции, кои пртставуваат место за собирање, забава за другарување, за продолжување на традициите и обичаите, како и за зачувување на македонскиот мајчин јазик и сопствениот идентитет на Македонците од сите делови на Македонија. Продолжува
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|