|
|
„Свети Кирил и Методиј“ – прв црковен и национален центар во Сиднеј (14) |
ДЕЛ ОД АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА Печалбарството, односно преселувањето од Македонија во прекуокеанските земји е карактеристично за традиционално иселеничкит краишта: Леринско, Битолско, Преспанско, Костурско, Охридско, Воденско, Прилепско, Струшко, Солунско, Тетовско, Скопско и други делови на Македонија. Иселеничките движења од овие краишта започнале уште во 19 век. Се знае дека првите печалбари од Македонија пристигнале на северноамериканскиот континент во 1865 година, првата поголема група претежно од селото Буф, Леринско, во 1898 година, а во истата година и една помала група од Долна Преспа и од Битолско. Првите Македонци – печалбари, пак, пристигнале во Австралија по Првата светска војна, додека првите групи во 1924 година. Првата светска војна наместо слобода од петвековното ропство, на Македонците им донесе тројна поделба, угнетување, асимилација, денационализација и физичко уништување, што ги спроведувале порано ослободените соседи, Бугарија, Кралска Југославија, Грција и Албанија. За разлика од она што се случувало во минатото, во периодот од неколку векови, по Првата светска војна за релативно кусо време во одделни делови на Македонија настанале крупни миграциони движења и етнички измени кои имале долгорочни катастрофални последици за македонското население. Според делото „Македонскиот иселенички печат“ од авторот на овие редови, иселувањето уште повеќе се засилило по Втората светска војна, особено по поразот на Демократската армија на Грција во Граѓанската војна, на чија страна масовно учествуваше и македонското население од егејскиот дел на Македонија, со надеж дека конечно ќе ги добие своите национални и социјални права. Поради репресалиите и другите смислени постојани притисоци на грчките власти врз македонското население, во тој период, голем број Македонци присилно беа принудени на преселување и мораа да ги напуштат своите родни места. Ваквите појави особено беа изразени во леринско-костурскиот крај, каде што постоеле десетици агенции што се „грижеле“ за откорнување на македонското население од нивната родна грутка - Македонија. Карактеристичен е периодот и по 1960 година, кога со отворањето на СФР Југославија кон светот и со вклучувањето во меѓународната поделба на трудот, паралелно со создавањето на аграрно население во градовите и либерализацијата на политиката за одење на работа во други земји, дојде до иселување на илјадници работници и интелектуалци од тогашна СР Македонија на петтиот континент. Преселничките движења од етничка Македонија кон Австралија и Нов Зеланд и во други светски центри, не престанаа до денес, меѓутоа нивниот интензитет е различен зависно од економско-политичкиот момент во Македонија, на Балканот и во светот. Со доаѓањето на Македонците во Нов Јужен Велс започнаа нивните активности и заедничко живеење. Меѓутоа, поорганизиран живот на Македонците во Сиднеј започна во 1946 година со формирањето на огранокот на МАНС (Македонско-австралиски народен сојуз) под име “Весела Македонија”. Членовите на оваа организација развиле широки активности во националното, културното и духовното живеење на Македонците од сите делови на Македонија на тие демократски австралиски простори, организирајќи вечеринки, пикници и други активности. Тоа резултираше да се зголемат активностите и да се започне со формирање на македонска православна црковна општина, исто како случајот со црквата „Свети Ѓорѓи“ во Мелбуср. Така, Македонците од Сиднеј, кои беа претежно од егејскиот дел на Македонија, решија нивната црква да биде посветена на големите учители „Свети Кирил и Методиј“, од Солун, а да се изгради во населбата Розбери. Управниот одбор на Општината, во чиј состав влегоа голем број истакнати македонски иселеници, чиј претседател беше познатиот Мик Веловски, со помош на тогашниот свештеник Методи Гогов, (подоцна архиепископ и поглавар на Македонската православна црква г.г. Михаил) купиле една методистичка црква во населбата Розбери. Набргу црквата беше преуреден во православен духовно-национален дом и адаптирана за вршење богослужби, венчавки, крштевки и други црковни обреди кои за македонските доселеници во Сиднеј значеле пресвртница во нивниот национален и црковен живот. Тогашните активности помогнаа да почне значаен црковен живот што услови црквата „Свети Кирил и Методиј“ да биде осветена на 30 август 1970 година. Чинот на осветувањето го изврши тогашниот надлежен архиереј, на Австралиската епархија митрополитот Кирил, во сослужение на бројни македонски свештеници од Австралија, голем број верници, претставници на Светскиот сојуз на црквите, на Одделот за емиграции, југословенскиот конзул, како и македонски доселеници од Мелбурн, Њукастел, Квинбијан, Порт Кембла и Вулунгонг. Новоадаптираната црква служеше како македонски храм цели шест години, но бидејќи беше мала по простор и неможеше да ги задоволи потребите на македонската заедница, како и да одговори на потребните културно-просветни барања, во 1976 година се пристапи кон изградба на нова црква во истото место. Темелите за новиот храм беа исто така осветени од митрополитот Кирил, а потоа се отпочна со акција за собирање средства за црквата. Црковната управа и сите Македонци имаа одговорна должност што во целост ја исполнија, собирајќи голем број донации за изградба на оваа катедрална македонска православна црква и прв храм во Сиднеј. Изградбата на црквата беше завршена во 1977 година, кога на 16 октомври беше свечено отворена. На тој значаен ден присуствуваа голем број иселеници од сите делови на Македонија, а вратите на црквата на симболичен начин ги отвори премиерот на Нов Јужен Велс, г. Н.К.Бранс, додека осветувањето на храмот го изврши првиот поглавара на МПЦ, неговото блаженство митрополит охридски и македонски г.г. Доситеј, во сослуженија на митрополитот Кирил и сите македонски свештеници во Австралија, а во присуство на десетина илјади посетители. За прв претседател на Управниот одбор беше избран Драган Размовски, а прота Владо Поповски беше назначен за парохиски свештеник. Интересно е да се одбележи дека црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Сиднеј има два престола, два олтара: еден посветен на св. Кирил и Методиј, а вториот на св. Ѓорѓи, кој бил осветен од архиерејот г-дин Тимотеј за време на Божиќните празници во 1989 година. Црквата има сала, помошни простории, канцеларии и библиотека. Во неа се формирани: Македонското фолклорно друштво “Даме Груев”, КУД “Илинден”, КУД “Македонка”, Фудбалскиот клуб “Македонски орел”, Неделното училиште, Женската и други секции кои играат важна улога во севкупното живеење во општината. Црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Сиднеј е еден од најголемите, најзначајните и најпосетените македонски храмови во Австралија, а е единствен надвор од Македонија кој има два престола, два олтара со што привлекува голем број Македонци и други христијани во Сиднеј. Продолжува
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|