|
|
Славе Катин и неговите дела посветени на македонското иселеништвото (20) |
ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ Славе Николовски-Катини е познат, меѓу другото, по неговите 16 објавени публикации посветени исклучиво на македонското иселеништво. Почнувајќи од првото дело за иселеништвото „Македонски холокауст“ до 50-то дело во неговото творештво „Светот на дланка“, во шеснаесетте публикации тој го претставува значајниот придонес во натамошното проширување на сознанијата за драмата на македонскиот народ во дијаспората. Така, делото „Македонски холокауст“ непосредно и аргументирано ги прикажува животните судбини на Македонците. Во секој презентиран текст читателот го чувствува присуството „на последное целивание“ на Македонецот со родната грутка, со најблиските во родниот крај и со гробовите на починатите. Никој од насилно отселените од родниот праг не верувал нити пак ќе поверува дека латинската поговорка: „Ibi bene ibi patria“ (Таму каде што ти е убаво, таму ти е и татковината) претставува вистина. Затоа и за на век вака ќе се одгласуваат како вистина испеаните песни: „Бог да бие кој прв спомна Америка“, „Туѓината пуста да остане“ и други македонски песни. Втората публикација во која е опишан дел од македонското иселеништво е насловена „Во Австралика како дома“. Во неа авторот ги пренесува неговите творечки преокупации како патописец, портретист, репортер и хроничар на дел од настаните во македонските колонии во Австралија. По структура тие се репортажи, портрети, белешки, разговори, записи. По содржина овие новинарските текстови обработуваат прашања и проблеми од областа на животот и активностите на македонските доселеници, особено на Македонците од Беломорска Македонија кои живеат и работат во демократска и мултикултурна Австралија. Книгата "Македонскиот иселенички печат" од Славе Николовски - Катин е резултат на неговата долгогодишна истражувачка работа во областа на печатот и новинарството и достигнувањата на македонските иселеници во прекуокеанските земји - Австралија, Канада и САД, како и во голем број земји во Европската Унија и пошироко. Таа го опфаќа периодот од 1945 година, односно од конституирањето на НР Македонија од 1992 година, времето кога Македонија стана самостојна суверена и независна држава. Таа е прв обид за дело од ваков вид во Македонија кое има за цел да пополни една празнина во историска анализа на печатот и новинарството на македонските иселеници. Публикацијата „Печалбарски копнеж“ на своите страници опфаќа вкупно 44 новинарски и публицистички текстови за македонски иселеници во Канада и во САД. Всушност, преку овие написи авторот раскажува за своите бројни средби со Македонците во тие две прекуокеански земји. Тие чести средби се резултат на неговите патувања и престои по разни поводи и во подолг временски период, но поголемиот број од овие текстови ги одразуваат контактите, средбите и разделбите на авторот со македонските иселеници. Во книгата „Македонски иселенички паноптикум“ низ прилозите кои својата прва промоција ја имаа на бројни симпозиуми, конференции и трибини во земјата и светот, Славе Катин открива еден навидум познат, а, всушност, недоволно осознаен феномен на Македонците во дијаспората: способноста за нивно брзо адаптирање и интегрирање во новата средина; изостреното чувство за прифаќање на новите општествени норми и стандарди и успешното вклучување во новите економски и социјални процеси. Таквиот modus vivendi им овозможува да го свртат вниманието на тамошниот естаблишмент врз сопствените цивилизациски вредности и врз својот автентичен геокултурен автопортрет, со кој Македонецот е препознатлив, речиси, на сите меридијани. Македонските доселеници во САД и Канада секаде и во секоја пригода го истакнуваат своето македонско битие изразено преку сопствената богата, културна, национална и црковно-духовна историја. Во таа насока е и публикација “Македонското иселеништво во САД и Канада”.Таа претставува значаен придонес во проширувањето на сознанијата за македонското иселеништво во Северна Америка. Во неа е дадено духовното, црковното, националното, општественото и културно-образовното живеење на Македонците. Посебен акцент е ставен на црковното живеење на Македонците од нивното доаѓање до денес во САД и Канада. Трудот го опфаќа периодот од доаѓањето на доселениците во новите средини до денес, што претставува макотрпна, но и одговорна самоиницијативност да се создаде таква публикација. Таа го одбележува најважниот период на македонските православни црковни општини и активностите на македонските доселеници во новите средини, а со тоа ја отсликува македонската вистина на иселениците. „Иселеничките хоризонти“, пак, е книга која се чита во еден здив, зашто раскажувачката парадигма на Славе Катин пленува со стилот и начинот на трансформацијата на настаните што се нижат како на лента од возбудлив филм кој не води од континент на континент. Светот што ни го открива не е имагинарен, туку реален и непосредно доживеан, во кој авторот е соучесник и сведок, а не само посматрач. Неговите оценки и констатации извираат од живиот контакт и фактографијата со која го соочуваат неговите соговорници и затоа треба да се прифатат како релевантни факти и една продлабочена анализа за македонското иселеништво. Во делото „Илинден 1903-2003 и македонското иселенишво“ се вели дека Македонците како библиски народ, своето постоење и опстанокот низ историјата, најверојатно му го должат, меѓу другото, и на празникот Илинден, издигнувајќи ја неговата верска и национална симболика до ниво на маѓија која ги поврзува, независно дали се наоѓаат во Австралија, САД, Канада, Европа или на други простори. Овој македонски празник е ден над деновите, симбол над симболите, магнет над магнетите, со кој националното ткиво има своја резонанса и планетарна шифра, по која светот Македонците ги распознава. Илинден во дијаспората најсилно се доживува во текот на илинденските иселенички празнувања. Во тој период најголемо внимание привлекуваат Илинденските пикници, како најмасовни манифестации на иселеништвото. На тие денови се одржуваат бројни црковни осветувања, полагање камен темелници на нови духовни храмови и одржување на национални, културни, црковни, спортски и други манифестации. Овие празнувања, особено во Австралија, САД, Канада и Европската Унија, се одржуваат повеќе од шест децении, што значи дека тие се веќе традиционални Заедничкото дело „Поетски иселенички меридија“ на Славе Катин и Фиданка Танаскова , пак, е сбир на поетските остварувања на Македонците во Австралија, Америка, Канада и Европа. Презентираните стихови длабоко ја изразуваат својата духовност – тагата и љубовта, надежите и верувањата, желбите и сеќавањата, испреплетени со новото во животните крстопати и со она што ја следи нивната судбина во далечните простори. Книгата е прв труд од ваков вид, во кој на едно место се собрани стихови на сто и педесетина Македонци – творци од Австралија, САД, Канада и Европа, од кои авторите успеаја да дојдат во нивното повеќегодишно трагање. Исто така и монографијата за македонскиот клуб "Илинден 1903" во Хамбург е заедничко дело на Славе Катин и на новинарката Фиданка Танаскова. Таа е монографија објавено кога клубот ја одбележуваше дваесетгодишнината од основањето во 1998 година. Во 1978 год. беа удрени темелите на институцијата што ја продолжи традицијата и континуитетот на одржувањето на македонскиот национален субјективитет и интегритет. Овој пат во една друга национална средина, во срцето на Европа, во пазувите на еден пријателски народ со долга историја и култура, во Германија. Во рамките на патувањата ширум светот, Катин има објавено многубројни текстови и публикации за македонските иселеници. Притоа, покрај разговорите за нивната животна голгота, не беа заобиколени ни типичните интимни прашања и проблеми. Карактеристична е нивната генетска поврзаност со семејството. Потврда за тоа е книга под наслов “Иселеничка вртелешка”, која содржи 20 исповеди на наши луѓе од разни возрасти, со различен социјален статус, без оглед во кој дел од светот живеат, а кај кои не згаснува нивната љубов кон родната земја Македонија. Тоа значи дека македонскиот човек се судрува со фактот дека во дијаспората главен проблем не е само голиот опстанок туку и изборот на животниот сопатник, односно формирањето семејство, што за секој Македонец е света работа, за што се поднесуваат и големи жртви. Интимните приказни содржани во оваа книга на Славе Катин најдобро го потврдуваат овој факт. Тие се објавени и на англиски јазик во делото “Love stories” (Љубовни приказни). На турски јазик, пак, е објавено делото на Катин под наслов „По трагите на Евлија Челебија“, во кое се дадени неговите парувања и трагања ширум Турција. Притоа посебно место во книгата имаат средбите и разговорите на авторот особено со Македонците муслимани и Турците кои водат корени и се тесно поврзани со Румелија, односно Македонија. Репортерските записи насловени како “Моите патувања по светот”, всушност се описи на краишта, предели, градови, држави, во кои новинарот патувал и го опишува она што на тој пат го привлекува неговото внимание. Во новинарското обликување на репортажите кај авторот доаѓа до израз неговата автентичност, документарност и конкретно прикажување на она што е најбитно. Слична е темата и во шеснаесеттот дело посветено на македонските иселеници, а јубилејно 50-то дело на авторот Славе Катин. Сето ова наведува на заклучокот дека Славе Николовски-Катин е репортер со енциклопедиски познавања и информации за градовите и за земјите што ги посетил и преку оваа збирка репортажи несебично се прикажуваат на читателската публика во Македонија земјите кои авторот ги посетил, притоа барајќи ги Македонците на тие простори, со цел да го го збогати историскиот преглед на македонските иселеници ширум светот. Продолжува „Македонска нација“
|