|
|
Од историскиот развој на МПЦ „Свети Димитрија Солунски“ во Вулунгонг (17) |
Често пати се вели дека Австралија е земјата на бизнисот и религијата. Тоа се потврдува со фактот што на тие богати простори век векуваат еден крај друг многубројни народи и нации од сите расни групи со различни религии и од сите континенти во светот. Меѓу нив, значајно место имаат и Македонците, кои ги уживаат сите права и слободи за развивање на своите национални чувства, на својата култура, религија и на сè она што ја карактеризира нивната самостојност и самобитност. Во минатото Македонците на петтиот континент биле во поподредена положба во споредба со емиграцијата на соседните земји на Балканот. Затоа биле постојана цел на туѓите пропаганди. Соседните земји, со своите освојувачки и асимилаторски апетити, настојувале со сите сили и перфидни средства, да ги придобијат и да се наметнат на неорганизираните Македонци, со цел да ја деформираат и да ја потиснат нивната национална свест. Така заразени од туѓите пропаганди, за жал, како религиозни луѓе некои се приклучиле кон (про)бугарски, (про)српски, (про)грчки православни цркви и други организации и клубови. Меѓутоа, положбата рапидно се сменила по конституирањето на Република Македонија во 1944 година и особено по обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Како резултат на тие придобивки, Македонците во Австралија формирале многу македонски православни цркви, македонски друштва, клубови и различни асоцијации, отворија радија и ТВ-програми, започнаа да печатат весници, списанија и други информативни гласила на македонски јазик. Тоа придонесе во новите средини тие да се претстават како засебна нација, со своја држава, со длабоки корени, со национална црква и со сите други атрибути на еден народ во светот. Македонските иселеници од сите делови на Македонија застанаа на страната на вистината, со цел да го афирмираат македонската вистина, народ и Република Македонија.
Беше прекрасен пролетен ден, наоколу со распослани зелени килими, а низ нив опојни разнобојни цветови. На начин на кој животот се буди и развива убаво чувство на љубов кон природата. Сонцето, чии бои се прелеваа во далечините на исток од каде започнуваше новиот ден, беше како огромна топка или балон што едвај се движи во просторот. Глетката беше прекрасна. А автомобилот на нашиот пријател Ѓорѓи (Гоче) Баковски брзаше од населбата Рокдеил кон градот Вулунгонг. Тргнавме по автопатот кој воиди долж Океанот, од кој уште на излезот на Сиднеј се гледаа убави пошумени предели, заливи и современи куќи по должината на брегот. Нашето патување беше уште попријатно кога се искачивме на планинскиот гребен кој како ѕид од дрва се протега на југ и го дели континенталниот од песочните окенски простори. На патот, на дваесетина километри до Вулунгонг забележавме сообраќаен знак со ознака „Мелбурн 1,000 км“. Далечини што за еден Европјанин се необични. Потоа застанавме во еден респоран лоциран на високиот гребен на планината, од каде како на дланка се гледа Вулунгонг со сите населби околу него. Во тие моменти уживавме на прекрасната глетка која Тихиот Океан ја збогатува со својата недогледна водена шир. По кусиот престој, одмор и задоволство од панорамата, која наликува како онаа кога се набљудува од Галичица над Трпејца, од каде се гледа сината езерска шир на Охридското Езеро и рамниот дел кон манастирот „Свети Наум“, го продолживме патувањето кон Вулунгонг. Тогаш се уверивме дека не случајно Вулунгонг се збратимил со Охрид.. Тоа е како резултат на бројноста на македонското иселеништво кое потекнува претежно од Охридско-струшкиот регион и кое претставува значаен чинител во севкупното живеење и голема алка на синџирот меѓу Австралија и Македонија, кои имаат блиски и присни меѓусебни односи. На просторот на Илавара постојат две македонски православни општини; „Свети Димитрија Солунски“ и „Свети Климент Охридски“. Првата црква е сместена во тесното градско подрачје на Вулунгонг, во непосредна близина на брегот на Тихиот Океан. Таа е изградена во форма на буквата „Г“, која денес е реновирана, приширена. разубавена и адаптирана за нејолку стотини верници. Во состав на црквата работи КУД “Вардар”, Женската секција, фудбалска и други секции. Црквата „Свети Димитрија Солунски“ е една од првите македонски православни цркви во Австралија. Почетните активности за формирање на оваа црква беа од времето кога се формираше првата црква „Свети Ѓорѓи“ во Мелбурн. Меѓутоа, во 1967 година Македонците од овој дел на Австралија го регистрираа првиот црковен одбор, кој успеа во наредните години да купи место за изградба на црквата. Местото беше осветено од митрополитите Методиј и Кирил, во сослужение на свештениците Методи Лазаревски, Владимир Поповски и Живко Поповски, кои на 4 април 1971 година го положија и осветија камен-темелникот на црквата. Со тоа почна акција за собирање материјални средства во која се вклучија голем број Македонци од сите делови на Македонија и затоа црквата беше изградена за кус период. Според делото „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“ на авторот на овој текст, во аналите на оваа црква е запишано дека осветувањето на Храмот беше извршено на 27 август 1972 година. што го изврши на симболичен начин градоначалникот на Вулунгонг, кога беа собрани голем број средства.Тоа беше голем и значаен ден за Македонците, кога го прославиај својот празник во присуство на неколку илјади македонски иселеници, на претставници на Парламентот на државата Нов Јужен Велст, Министерството за емиграција, претставници на Англиската црква и други пријатели. На тој ден беа собрани голем број средства. Посебно место во дарителството му припаѓа на Злате Танески од Белчишта, Охридско. Исто така, придонес во дарувањето имаат Мијал Стефановски, Ангеле Ристиќ, Димко Димитровски (кој беше прв претседател), Ангеле Брглевски, Димче Николовски, Каранфил Кочовски, Спасе Ложенковски и други. Посебно место во духовно живеење имаат свештениците: Љупчо Милошевски (првиот свештеник), Васил Сламков, Васко Димитровски, Климе Џепаровски и други. Црквата „Свети Димитрија Солунски“ во Вулунгонг е убав македонски дом што го изгради поголема грума Македонци кои беа патриотски ориентирани и припаѓаа на Движењето за обединување на Македонија (Македонците). Затоа, во една пригода со еден член на оваа црква бев информиран дека тој се гордее дека е Македонец и дека во изминатите илјадници години, период богат со настани,само два народа се нарекле Македонци: античките Македонци и сегашните Македонци, кои денес живеат на просторот на етничка Македонија и на сите континенти во светот. Затоа со право се вели дека на многу народи судбина им била историјата, а на Македонците историјата им била судбина. Продолжува
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|