Среда, 10 Август 2016   
Џан (Ване) Кузев - бизнисменот кој ги донесе македонските вина во Канада (31)

vane-kuzev

ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Џан (Ване) и Дана Кузеви, се Македонци кои пред педесетина години свиле глездо во Торонто, во демократска и мултикултурна Канада. Тие се сега пензионери, меѓутоа во минатото Џан беше познат и признат канадски бизнисмен од македонско потекло, кој во подолг период негуваше и  продлабочуваше деловни врски со бројни претпријатија во Македонија. Меѓу другото, Кузев е бизнисменот кој прв го донесе македонското вино во Канада. Но, се чини, најважно од сè е тоа што Дана и Џан се честити граѓани, пријатни соговорници, гостопримливи, имаат македонски и канадски манири и навики во бизнисот, а се вљубеници и поддржувачи на сè што е македонско.

Ваквиот патриотки однос на брачната двојка Кузеви се покажа и  докажа во текот на нивниот бизнис во работните простории до самата фабрика на авенијата „Мидланд”. Тоа беше место на средби и разделби и свратилиште на бројни посетители од стариот крај и од македонската колонија во Торонто, најголемата и најзначајна метропола на Онтарио. Затоа, голем број дојденци и случајни намерници од сите делови на Македонија кога пристигнуваа во Торонто, задолжително ја посетуваа фирмата „Јунајтед глас”, чии сопственици беа Џон (Ване) и Дана Кузеви. Денес, пак, нивната македонска куќа во Скарборо е како дом на пензионери и место за средби и другарувања.

Авторот на овие редови, Славе Катин имал повеќе средби со брачната двојка Кузеви и како бизнисмени и како пензионери, меѓутоа, овој пат ке се задржиме на врмето кога тие го водеја бизнисот во фирмата „Јунајтед глас”. Во разговорот што при нашата тогашна посета на Торонто го водевме во просториите на „Јунајтед глас” или во „македонската фабрика”, како што Македонците често ја нарекуваа оваа фирма во Канада, бевме повеќе информирани за животот и работата на оваа македонска брачна двојка.

kavadarci
Кавадарци

Меѓу другото, дознавме дека покрај бизнисот, тие се дарител на поголеми парични и материјални средства за македонските православни цркви, организации, радио и телевизиски часови, како и весници што се печатат на македонски јазик во Торонто. Џан беше активен во општественото живеење на македонската колонијаво Торонто, а е член и бил во управите на МПЦ „Свети Илија” и на „Свети Климент Охридски”, каде бил и претседател на црковната управа. И сега како пензионери се активни членови на овие цркви, а се активни посетители и на македонските православни цркви „Свети Димитрија” во Маркам и на „Света Недела” во Аиџекс.

Инаку, Ване Кузев е роден во селото Мрежичко, Кавадаречко, од каде што потекнува и неговиот татко, додека мајка му е од Воденско, во Беломорска Македонија. Одраснал во Горна Бошава, Кавадаречко, каде што и го завршил осумгодишното училиште. По војната се запишал во Медицинското училиште во Битола, за потоа да се префрли во Шумарското училиште во Скопје. По завршувањето, се здобил со знаење од дрводелството и шумарството. Работел како магационер во Кавадарци и како столар во Ѓорче Петров.

Во 1966 година, заедно со својот животен сопатник Дана, која потекнува од преспанското печалбарско село Подмочани, заминува за Франција, од каде што по две години стасува на канадската почва и се населува во бисерот на Канада – Торонто. Во новата средина работел на разни места и со разни занимања, но најмногу како дрводелец, а Дана како шивачка. Од 1972 година, го отовориле дуќанот за стакло под име „Кавадар јунајтед глас инкорпорејшн”, кој подоцна прераснува во фабрика за стакло и алуминиумски производи, за кои имаат добиено бројни пофалби и признанија. Таа канадско-македонска фабрика, како често ја нарекуваа имаше значајни зделки и соработки со бројни фирми во Македонија, особено со поранешна „Алумина” од Скопје

kavadarci2

Кога ја посетивме фабриката на Џан и Дана Кузеви, тие не запознаа со нивното производство, со успехот и проблемите. Притоа, во тие тогашни услови Џан ни рече: „Еве, извесен период, не само на Балканот, туку и кај нас во Канада се чувствува кризата, безработицата, стагнирањето на производството... Работа има сè помалку, затоа имаме извесен прекин во производството, а отпуштивме и поголем број работници. На тоа му погодува и есенскиот и зимскиот период што наближува кога нашиот бизнис опаѓа. Но, таков е овој занает. Има скокови и падови. Ние имаме верба дека ќе се надминат тешкотиите и дека ќе продолживме со нашата работа како во минатото. Но, како што гледате, имаме поголем број простории кои можат да се користат за разни намени. Но, ние имаме желба овој деловен простор да го дадеме бесплатно, за наше македонско дипломатско или друго претставништво, сè со цел да воспоставиме добри дипломатски, економски, културни и други врски меѓу нашата втора татковина, Канада и Македонија”, ниизјави Џан Кузев.     

Фирмата „Кавадар импорт”, чиј сопственик беше Џан Кузев, имаше ексклузивно право да увезува македонски вина и алкохолни пијалоци во Канада. Тој беше единствениот кој успеа „Кратошија” и други вина да станат дел од големото семејство вина во Канада. Од почетокот на формирањето на фирмата, Џан беше претседател на таа увозна корпорација која, поради воените состојби на бившите југословенски простори, имаше застој во увозот на македонското вино подолг период. Меѓутоа, со осамостојувањето на Република Македонија, тој канал меѓу Кавадарци и Торонто се отвори и во специјализираните канадски дуќани за алкохолни пијалоци повторно пристигнаа поголеми количини македонски вина Бевме сведоци на чинот на пристигнувањето на виното, кога Џан Кузев со својот партнер-Англичанец донесоа едно пакување во просториите на фирамата. На радоста ù немаше крај. Тогаш Дана нè послужи со „Кратошија”, месо и со старокрајско сирење. Притоа, наздравивме за подобри и успешни зделки, за успех, за подобри врски со Македонија.

tikves

Во врска со купувањето на македонските вина и жестоките пијалоци, Џан ја посетил Република  Македонија многу пати, при што склучи нови договори. Така, тој ги посетуваше  винарските визби во Кавадарци, Неготино, Охрид, Демир Капија, Ѓевгелија и во други градови, бидејќи беше заинтересиран за пласман на поголем број македонски вина и алкохолни пијалоци во Канада, каде што државата строго ги контролира и е многу тешко да се пробијат туѓи вина и алкохолни пијалоци на богатите трпези во Канада. На тоа им кумуваше грчкото лоби кое има пуштено расипани корени со цел да го спречи  бизнисот со вино и други алкохолни пијалоци од Македонија.

Меѓутоа, Џан Кузев успеа не само „Кратошијата” туку и голем број други македонски вина и алкохолни пијалоци да станат дел од канадскиот државен бизнис. Подолг период од пензионирањето на Кузев, бизнисот со македонското вино е даден на д-р Енди Плуков член на „Македонско-канадскиот комитет за човекови права”, една од значајните македонски асоцијации во Торонто која е фор­ми­рана пред триесетина години се бори и ги штити човековите права, особено на Македонците во соседните земји на Република Македонија.

toronto
Со македонското знаме пред парламентот во Торонто

Една од првите задачи на Комитетот беше да се запознае јав­­носта со не­­говите цели и задачи; со барањето на Комитетот за почи­ту­ва­ње на човечките права на Македонците во Егејска Македонија, а во прв ред, за признавање на македонското национално малцинство во Грција. „Ма­ке­дон­скиот комитет за човековите права” деј­ствува надвор од границите на Македонија, со што македонското прашање доби светски размери, а посебно прашањето за заштитата на правата на мал­цин­ствата во Грција, Бугарија и Албанија.

Продолжува

slave-katin-2
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
www.slavekatin.com

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.