|
|
Пред споменикот на Исус Христос – Спасителот во Рио де Жанеиро |
Над Рио се вишнее највпечатливата височинка од која можат да се видат спомениците на оваа метропола на контрасти. Корковадо е имиџ на Исус Христос со раширени раце кој е заштитник на Кариоките и симбол на Рио де Жанеиро. Споменикот на Исус Христос - Спасителот се наоѓа на самиот врв на планината Корковадо. Тоа е дело на архитектот Хелтор да Силва Коста, а скулптор бил Французинот Паул Ландовски. Овој значаен, впечатлив и по многу нешта уникатен споменик од светската култура, е поставен на надморска височина од 710 метри, а бил изграден во 1931 година на највисокото плато. Само статуата е висока 30 метри, пречникот на раширените раце е 28 метри, а вкупната тежина на споменикот е 1.145 тони. Низ него минува тунел од околу 30-тина метри (во просторот на раширените раце на Исус Христос) во кој е сместена мала христијанска црквичка со капацитет за околу 150 посетители. До споменикот на Исус Христос се доаѓа со автомобил и со воз. Отидовме со возот, кој од подножјето кон врвот на Корковадо (се движи како стариот воз од Кичево до Охрид) стигнува за дваесетина минути. Од подножјето до споменикот се качувавме по 225 скалила и дојдовме до статуата и панорамската платформа од која се гледа голем дел на градот. Најпрвин паѓа во очи мостот Нитерој, еден од најдолгите мостови на светот, кој го поврзува растојанието од Рио до поранешната престолнина Нитерој, град со околу еден милион жители. Потоа се забележува Шугер Лоф, Ботаничката градина, Клубот за јахти, а во далечините се бранува Атлантскиот Океан. Покрај Корковадо, Рио е познат и по гранитниот масив Шугер Лоф, кој се издига на околу 400 метри надморска височина на самиот брег од северната страна на Копакабана. На ова чудесно место може да се дојде само со жичарницата, бидејќи ридот стрмо се спушта кон океанот. Некоја Англичанка уште во 1817 година, на чудесен начин се искачила на овој масив и го поставила англиското знаме. Потоа тоа знаме било симнато, па потоа и заменето со знамиња од друга група планинари.
Меѓутоа, се смета дека 1912 година е роденденот на овој значаен споменик, кога Германците ја монтирале жичарницата, најпрвин до првото возвишение Ирка, а потоа до Шугер Лоф. Кабините можат да соберат по 72 патника, кои понекогаш на патникот му приредуваат изненадување но, и страв. Кога се движат, се гледа голем дел од градот, како и плажите Леблон и Копакабана и двата аеродрома на северната страна. Стадионот Маракана, пак, е имиџот на спортското живеење во Рио и во светот. Тој е најголемиот фудбалски стадион во светот со капацитет од 180 илјади гледачи, изграден за Светското првенство во 1950 година. Го посе-тивме во обичен ден кога нема фудбалски натпревари, меѓутоа без оглед на тоа, беше исполнет со народ, зашто Рио живее за фудбалот, а фудбалот живее за Рио. Вниманието ни го привлече и манастирот „Свети Бенедикт“, еден од најдобрите примероци на барок стилот во религиозниот Бразил, изграден во 1691 година. Кога Португалците пронашле големо богатство во оваа земја не го штеделе златото за изработка на храмот во кој се позлатени речиси сите делови од олтарот до натриксот. Затоа, овој огромен и значаен манастир претставува богат католички храм во Рио. Исто така, и црквата Канделарија од 1775 година, која е лоцирана во строгиот центар на Рио, е значаен еклизијастички центар. Го запознавме градот на самбата и на февруарскиот карневал што се одржува на температура од 40°C, неколку денови и кога во градот и на плажите не може да се најде слободно место, не само во хотелите, туку и на песокот. Го запознавме градот во кој живеат голем број богати луѓе од целиот свет, а во кој, во исто време, живеат едни од најсиромашните на планетата Земја. Рио е гнездо на сиромаштијата што се шири во фавелите во кои тешко може да се одреди што е улица, а што е куќа.
Имавме прилика да направиме споредба меѓу овие контрасти кога посетив една фавела на западната страна на Рио, еден километар на брегот од океанот. Хотелот „Интерконтинентал“, пак, е „база“ каде луѓето живеат во еден друг свет, во светот на наследеното богатство и благосостојба. Рио има древна историја. Тој е исполнет со бројни монументи од минатото и сегашноста, безброј паркови, плажи и други интересни места кои се мета на посети-телите. Во оваа пригода ќе ги споменеме неколкуте културно-историски и други споменици кои ги посетивме за време на нашиот престој: Кариока аквадуктот, Националниот музеј, Фламенго паркот, Тујука национал-ниот парк, црквата Глорија и катедралната црква „Свети Себастијан“, преку кои се запознавме со еден сегмент од богатата историја и култура на еден од најубавите градови во светот – Рио де Жанеиро. Во Рио ги почувствуваме тропските ноќи кога се палат илјадници светилки околу најубавиот залив на светот. Посетителот на Рио ужива во неговата панорама, но, се чини, најмногу ужива во самракот. Тогаш може да се видат три слики на Рио: Рио преку ден, кога контрастот меѓу синилото на заливот и белите облакодери е најубав; во вечерниот самрак, кој во тропските предели трае премногу кратко време, но, сепак, доволно панорамата на Рио да добие нови тонови од бои. Веќе по неколку минути самрак, над Рио се спушта вистинска ноќ. Тогаш се палат стотици илјади електрични контрасти, убавини, предизвици и специфични карактеристики што го прават Рио де Жанеиро еден од најинтересните, најубавите и најпривлечните градови на светот.
Последниот ден го искористивме во прошетка во околните места на Рио. Домаќините нѐ однесоа во националниот парк „Тујука“, кој е непрегледен и, веројатно, најпростран во светот. Се шетавме со авто-мобилот низ сите делови каде успеваат голем број видови цвеќиња, растенија, плодни и неплодни дрва. Се насладувавме на зимските банани, кои се двојно помалечки од обичните, како и со некои други тропски плодови. Ги посетивме просториите кои се покриени со густа тропска шума и мочуриштата во кои живеат крокодили. Продолжува
|