|
|
Врската меѓу голема Русија и Македонија |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – РУСИЈА (1) Беше пладне кога ја напуштивме Прага и заминавме за Москва, главниот град на Русија. А таму ни се потврди она дека кога човек повторно ќе се врати во едно место, држава, град или метропола, дури тогаш најдобро ќе ги осознае реалностите. Таков е и нашиот случај со големата Русија. Ова голема земја отсекогаш била предизвик за секој намерник, патник или вљубеник во нејзините постигнувања на културен и друг план. Таа е држава со најдолга граница, се граничи со Норвешка, Финска, Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Белорусија, Украина,Грузија, Азербејџан, Казахстан, Кина, Монголија и Северна Кореја. Русија се доближува до Соединетите Американски Држави, кај Беринговиот Премин. Северната и источната граница ѝ сè до Атлантскиот, Северниот Леден Океан, и Тихиот Океан. Исто така, Русија има излез и на Црното, Балтичкото и Каспиското Море. Според географските податоци со кои се запознавме пред нашето тргнување, на територијата на Русија се наоѓаат најразлични природни зони, од пустинските брегови на Каспиското Море до поларните мразеви на Нова Земја и Новосибирските Острови. Широко застапени се степите, тајгите и тундрите. Релjефот на Русија е различен. Околу 70% од територијата на земјата е опфатен со рамнини, од кои најголема е Источноевропската Низина. На нејзината источна страна се наоѓа планината Урал со највисокиот врв Народнаја (1895 метри). На исток од Урал се наоѓа Западносибирската Рамнина, Средносибирското Блато и Јакутската Рамнина. Планинските области се наоѓаат на источниот и јужниот дел од државата, како и на северните делови од Голем Кавказ каде се наоѓа и највисоката точка во Русија, врвот Елбрус кој е висок 5642 метра, Јужносибирските планини вклучувајќи го Алтај со највисокиот врв Белуха од 4506 метри, Западен и Источен Саја. Најголемите реки во Русија се Северна Двина, Печора, Енисеј, Лена, Индигирка, Амур, Анадир, Дон, Кубан, Нева и други. Познати езера во Русија се Каспиското Море, Бајкалското Езеро, Ладошкото Езеро и други.
Нашата посета на оваа интересна и по многу нешта контроверзна земја ја искористивме да се запознаеме со сето она што еден намерник сака да види, да чуе, да се запознае со многу вистини... Затоа се интересиравме за Руската Федерација или Русија, за земјата која се протега на огромни пространства од Источна Европа до Северна Азија. Така, во информациите е запишано дека Русија има површина од 17.075.400 километри квадратни, таа е најголемата земја во светот (зафаќа околу 11,5% од вкупната светска површина), покривајќи речиси двапати поголема територија од Канада, Кина или Соединетите Американски Држави. По бројот на население (144.526.378 жители) Русија е седма сила во светот, по Кина, Индија, Соединетите Американски Држави, Индонезија, Бразил и Пакистан. Русија е независна земја и влијателен член на Заедницата на независни држави од распадот на Сојузот на Советските Социјалистички Републики во декември 1991 година. Таа се смета за наследник на Советскиот Сојуз како во економски, така и во политички и дипломатски рамки. Поголемиот дел од површината, популацијата и индустриското производство на Советскиот Сојуз, една од двете велесили, се наоѓаат во денешна Русија, поради што, таа игра значајна улога на светската сцена. Оваа улога, иако е значајна, е далеку од улогата на некогашниот Сојуз на Советските Социјалистички Републики. Денес Руската Федерација е земја која прави големи чекори во сите области од општественото живеење; во неа се прават големи стапки на раст во сите државни сфери од која највлијателна е економијата. Русите се едни од најуспешните спортисти во светот, кои секогаш се наоѓале на самиот врв од Олимписките игри. Доколку се признаат медалите кои Сојузот на Советските Социјалистички Републики ги освоил, и се префрлат на нејзината наследничка Русија, таа на вечната ранг листа е на второ место по бројот на златни медали на Летните олимписки игри и прва на Зимските олимписки игри. За време на советската ера, националниот олимписки тим настапил 18 пати и бил најуспешен тим во историјата на спортот. При што гимнастиката, атлетиката, дигањето тегови, борењето, боксот, мечувањето, стрелањето, шахот, уметничкото лизгање се спортовите во кои Сојузот на Советските Социјалистички Републики и Русија имаат освоено најмногу медали.
По распаѓањето на Советскиот Сојуз, руските спортисти продолжиле со својата доминација во овие спортови. Земјата била организатор на Летните олимписки игри во 1980 година, кои се одржале во престолнината Москва, а освен тоа во 2014 година била организатор на Зимските олимписки игри, најскапите во историјата на спортот кои се одржаа во Сочи. За нас, исто така, беше значајно да ја најдеме врската, блискоста и различноста меѓу Русија и Македонија, меѓу македонскиот и рускиот народ, не само на економски и општествено-политички план, туку и на религиски, јазичен, културен и сестран план. Затоа, почнавме да истражуваме низ литературата од времето на праисториската епоха, кога во огромните степи во Јужна Русија биле населени номадски племиња. Во класичната антика, народите на Понтиските степи биле познати како Скити. Градот Гелон бил опишан од страна на Херодот како еден од најголемите во тоа време во Европа. Помеѓу III и VI век пр.н.е., на тие простори опстојувало Босфорското Царство, кое се растурило по инвазијата на Номадите. Хазарите, пак, долго владееле на територијата помеѓу Каспиското Море и Црното Море. Се чини дека врската меѓу рускиот и македонскиот народ датира уште од времето на Александар Македонски и трае до ден-денес. Во тоа се уверивме при посетата на споменикот на Бородинската битка во Москва каде е прикажан еден начин на војување како во античко време. Видовме како Наполеон и Кутузов ги воделе своите војски во најпознатата битка, по угледот и тактиката на оние познати битки што Александар Македонски ги водел за да ја прошири границата на Македонија зад Каспиското Море. Христијанството во Русија, исто така, било пренесено преку Македонија во Русија, по доаѓањето на Апостол Павле за првпат на европска почва во Македонија. Христијанството го прошириле македонските и сесловенските учители свети Кирил и Методиј и нивните ученици свети Климент Чудотворец и свети Наум Охридски од Охрид. Затоа, со право се вели дека Охрид е православен Ерусалим од каде зрачело Сонцето на Исус Христос на просторите на голема Русија. Значајно е и тоа што врската меѓу Русија и Македонија е и на јазичен план. Рускиот јазик е најраспростра-нетиот географски јазик на просторот на Евроазија и најзборуваниот словенски јазик. Корените на овој старома-кедонски, сесловенски јазик се протегаат од Македонија до Русија. Темелите на денешниот руски јазик ги поставиле светите браќа Кирил и Методиј од Солун, од Македонија. Затоа блискоста меѓу македонскиот и рускиот јазик, а и со другите славјански јазици е голема. Продолжува
|