Четврток, 10 Ноември 2016   
ЈАВНА ТРИБИНА ВО МЕЛБУРН

grbСВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС

ЈАВНА ТРИБИНА ВО МЕЛБУРН

9 ноември 2016 година, Мелбурн, Австралија - Синоќа во “Фераро рисепшан“ во општина Камбефелд, за северните преградија на Мелбурн се одржа јавна трибина на која обраќање имаше претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров. Во прилог Ви го пренесуваме поздравниот говор на претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров на оваа јавна трибина.

- Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, Ви носам искрени и топли поздрави од татковината. Ви носам искрени поздрави од Светскиот Македонски Конгрес како неформален светски парламент на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет. Ви посакувам здравје и живот, мир и љубов, радост, среќа и бериќет, Вам и на вашите семејства.

Третпат сум меѓу вас овде во Австралија. Во 1994 година за првпат во историјата на Македонската заедница во Австралија во македонскиот центар Саншајн, го организиравме и одржавме Светскиот Македонски Конгрес за Австралија кој ги обедини на едно место речиси сите македонски организации и црковни општини на овој континент. Во 1998 година, како никој досега од Македонија, ги посетив сите црковни општини од Перт до Голд Кост и на 19 јули во Фудбалскиот клуб “Престон“ во Мелбурн, ја организиравме и одржавме Првата и единствена Национална конференција за помирување и обединување во една и единствена Македонска православна епархија за Австралија и Нов Зеланд. За жал, после моето заминување од Австралија, поради субјективни причини, Светскиот Македонски Конгрес не продолжи соодветно на својата мисија. Националната конференција за помирување и обединување во една и единствена Македонска православна епархија за Австралија и Нов Зеланд, иако постигна согласност од сите македонски православни црковни општини по сите отворени прашања: сопственоста врз црковните имоти, регистрацијата на црковните општини, изборот и статусот на свештениците и митрополитот, и разрезите за митрополијата и архиепископијата, како и за крај на сите судски постапки и повлекување на сите тужби, не ги даде очекуваните резултати, затоа што Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква не ги разгледа резолуциите што ги донесовме. Иницијатива за продолжување на арбитражата на Светскиот Македонски Конгрес не дојде ниту од македонските православни заедници и црковни општини во Австралија, а расколот продолжи, со сите последици по единството во Македонската заедница во Австралија до денес. Самите Вие сте сведоци за тоа.

Се надевам дека македонските организации и заедници повторно ќе се обединат во единствен Македонски Конгрес за Австралија во рамките на Светскиот Македонски Конгрес, за почеток со именување на координатори за врски во секое населено место во Австралија каде што живеат Македонци. Се надевам, исто така, дека помирувањето и обединувањето ќе се случи и по македонското црковно прашање во Австралија, но сметката ќе ја платите сите вие заедно. Митрополитите и свештениците доаѓаат и си одат, Македонците остануваат овде во Австралија, со сите последици меѓу себе...

Како и да е, како Господ никој не е. Како ни било пишано и како самите ќе решиме, така и ќе страдаме или ќе се радуваме.

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, годинава, Македонија одбележува еден многу значаен јубилеј, 25 години од возобновувањето на суверенитетот и самостојноста на државата Македонија, од распаѓањето на поранешна СФР Југославија. Во изминатите 25 години Македонците и Македонија беа исправени пред многубројни предизвици и искушенија: Референдумот за “суверена и самостојна држава Македонија“ на 8 септември 1991 година; приемот на Македонија во Обединетите Нации на временото обраќање “поранешна Југословенска Република Македонија“ на 8 април 1993 година; Времената македонско-грчка согласност од 13 септември 1995 година; Војната во 2001 година; Референдумот за општините на 7 ноември 2004 година...

Што и да ви кажеме, Ваше е правото да верувате или да не верувате. Нели, за секој светот почнува од неговите две очи. На крајот на краиштата секој си ја носи главата на своите рамења. Сега повеќе не е потребно писмото да патува преку седум мориња и океани, да прочитаме како се мама и тато, баба и дедо, во стари крај. Современите технологии и телекомуникации светот го претворија во едно големо село. Денес, секој може од интернет да прочита се’ и за секого, за дома и во светот. Се разбира, секој вели, јас сум во право. Никој на пазар не вели подобри се патлиџаните на комшијата, туку моите. А кој што ќе си купи на пазар, тоа дома и ќе си џвака, кој како ќе си здроби, така и ќе си срка.

Ви се обраќаме, во едно време невреме, кога светот е соочен со Студената војна меѓу Соединетите Американски Држави и Руската Федерација, што може да предизвика Трета светска војна. И не дај Боже тоа да биде. Се молиме пред Бога за мир во светот, се молиме пред Бога за мир во Австралија и во Македонија.

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, нам секогаш нешто ни фали и кога сме без одговор, вината кај друг ја бараме, бегајќи од огледалото пред себе. Би додал, каде и да сте, каде и да сме, никогаш не прашувајте, што Македонија стори за мене, секое утро кога ќе се погледнете во огледалото, запрашајте се, што јас вчера сторив за Македонија, што јас денес ќе сторам за татковината? Впрочем, никој не го паметат по тоа што имал при живот, туку по тоа што оставил по смртта. Бидејќи сите сме гости на овој свет! За нас сведочи Господ, тој ќе ни суди и пресуди!

Македонија е наш код, наша историја, сегашност и иднина. Со сите разлики меѓу нас овде и во татковината, наш единствен заеднички именител и содржател е само и ништо друго, освен Македонија! Ние не сме иселеници, каде и да сме, ние сме Македонците во светот! Ние сите заедно сме дел од македонскиот свет, како универзален систем на вредности! Затоа што Македонија е основа на Балканот, Македонија е основа на Нова Европа, Македонија е основа на современиот културен глобализам, којшто подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам, кој врз профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, се’ до нивна физичка ликвидација од земјината топка. Британскиот империјализам избриша стотици етноси, јазици религии и култури од планетата Земја!

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, Македонија веќе две години е во длабока политичка криза, Македонија е жртва на специјална војна со единствена цел рекомпонирање на власта заради промена на името на државата и идентитетот на нацијата! Други и туѓи, за свои сфери на влијание на Македонскиот полуостров, на Балканот, прават симулации за дестабилизација и контролирана нестабилност и во Македонија, со намера да формираат марионетска влада која треба да го смени името на државата и идентитетот на нацијата. Во таа намера не се избираат средства да се постигне целта. Така беше и со војната во 2001 година. Одговорно тврдам дека војната во 2001 година не беше војна меѓу Македонците и Албанците, ниту војна меѓу православните и муслиманите, туку симулација на војна за имплементација на американските интереси за свои сфери на влијание на Балканот и во Македонија. Терористички формации од територијата на Косово подготвувани во американската база Бонд Стил до Урошевац, предизвикаа агресија врз Македонија. Имено, Американците 2001 година почнаа да градат воената база Гризли на Скопска Црна Гора, на котата Кодра Фура до македонското село Танушевци, на границата на Македонија со Србија односно сега Косово, каде што требаше да се инсталира најсофицтицирана опрема за прислушкување на целиот Балкан, се разбира и на Македонија. Таа база, беше главен оперативен штаб на терористичката организација ОВК или УЧК од Косово и на нивната инсталација ОНА во Македонија. Се разбира, денес од таа база останаа само зградите, опремата се инсталира на друга дестинација, но повторно во Македонија.

Денес, Македонија е под притисок на американските интереси, имено и Македонија да се приклучи на ембаргото кон Руската Федерација и да го откаже учеството на Македонија во руските гасоводи Јужен Тек и Турски тек и на кинеската инвестиција за изградба на железничка линија од Будимпешта до Атина. Во сите земји каде што треба да проаѓаат руските гасоводи Јужен тек и Турски тек, САД предизвика дестабилизација и криза: Во Турција, Грција, Македонија и Србија. И бегалската криза е дел од тоа сценарио за дестабилизација на регионот во целина.

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, своевремено, претседателот на Републиката, покојниот Киро Глигоров рече: “Ние сме Словени, дојдени од зад Карпатите, за да не не’ нарекуваат Срби и Бугари, се нарековме Македонци, поради територијата што ја населивме. Ние не сакаме да го присвојуваме културно-историското наследство на Александар Велики.“ Рече и остана жив. Ја прелажа нацијата во 1993 година дека временото обраќање “поранешна Југословенска Република Македонија“ во Обединетите Нации ќе остане само три месеци, ама додека беше жив не им се извини на Македонците за таа лага. Тоа времено обраќање не остана три месеци, туку до денес, цели 23 години.

Ние не сме Македонци поради името на нашата држава Македонија! Туку, како Македонци ја нарековме и државата што ја формираме на земјата каде што од праискона сме живееле - Македонија, во континуитет, во време и простор, од пред нашата ера, до денес! Ние не сме Словени доселени од зад Карпатите во Македонија, со трски в уста преку Дунав. Тие приказни ги правеа Србија, Грција и Бугарија, за да ја оправдат окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година до денес.

Името на државата е нераскинливо врзано за името на нацијата и обратно, името на нацијата нераскинливо е врзано со името на државата! По меѓународно право името на националноста произлегува од името на државата! Секоја промена на името на државата значи трајна промена на името на државата Македонија! Затоа, Македонците отфрлаат референдум, бидејќи нов референдум не значи одбрана на името на државата, туку негова трајна промена! Македонците отфрлаат промена на Уставот и ратификација на меѓународен договор заради промена на името на државата Македонија!

Македонија нема композитно или сложено име што се состои од два и повеќе збора! Македонија нема име за внатрешна или домашна употреба и име за надворешна или меѓународна употреба! Македонија не договара во Обединетите Нации ново меѓународно име, туку разговара за разликата за државното име со Владата во Атина. Поранешна Југословенска Република Македонија е само времено обраќање додека траат разговорите за разликата за државното име со Владата во Атина само во системот на Обединетите Нации. Резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите Нации од 1993 година, не прејудицираат договор за промена на државното име Македонија... И Меѓународниот суд во Хаг со пресудата од 5 декември 2011 година, по тужба на Македонија против Грција од 17 ноември 2008 година, потврди, дека Македонија има право да го користи своето име во меѓународните односи, организации и заедници, дека Грција нема право на вето на членство на Македонија во меѓународни организации, туку само право да протестира доколку другите ни се обраќаат како Македонија и Македонци!

Македонија нема име за дома и за светот! Името на нашата држава се состои од еден единствен збор - зборот Македонија, од секогаш, за секогаш!

Никогаш не смееме да заборавиме дека, Македонија повторно е суверена држава, Македонците повторно се суверена нација, македонија е одржлива демократија, Македонците се посветена нација и таа историја и вистина повеќе никој и никогаш не може да ја смени!

Македонците од сите делови на Македонија и во целиот свет бараат безусловен крај на разговорите за разликата за државното име со владата во Атина, сега и веднаш, и безусловно продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија со можност за употреба на уставната додавка "Република" како јасна разлика од истоимената провинција Македонија во северна Грција и југо-западна Бугарија, без латинична транскрипција на Македонскиот јазик (Republika Makedonija) туку на англиски јазик (Republic of Macedonia), со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на Македонскиот народ и Македонскиот јазик, независно од историските хипотеки - разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, и окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година до денес.

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, заради крај на политичката криза во Македонија, Собранието на 19 октомври донесе одлука за самораспуштање и за одржување на вонредни парламентарни избори на 11 декември 2016 година.

Македонските државјани имаат избирачко право, државата е должна да го организира остварувањето на тоа право за сите, и за тие во Македонија и за тие во светот. 2008 година, на барањето на Македонците во светот, Владата на ВМРО-ДПМНЕ формира три изборни единици за избор на по еден пратеник, за Австралија и Азија, за Европа и Африка, и за Северна Средна и Јужна Америка. На изборите во 2010 година тројцата избрани пратеници во седмата, осмата и деветтата изборна единица беа кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ.

Во рамките на догоровите за надминување на политичката криза, СДСМ побара целосно укинување на трите изборни единици и правото на избор на тројца пратеници за македонските државјани во светот, кој сака, да гласа само во Републиката. СДСМ бараше укинување на трите изборни единици, седма осма и деветта за избор на тројца пратеници на македонските државјани во светот, надвор од територијата на Република Македонија. СДСМ бараше укинување на правото на избор на пратеници надвор од територијата на Република Македонија. Крајно, се постигна договор, за македонските државјани во светот да има само една изборна единица, но со цензус за избор на тројцата пратеници. За избор на еден пратеник мора да гласаат најмалку 6.500 македонски државјани, за избор на двајца пратеници мора да гласаат најмалку 13.000 македонски државјани, за избор на треојца пратеници мора да гласаат најмалку 19.500 македонски државјани. Доколку не излезат да гласаат најмалку 6.500 македонски државјани, Државната изборна комисија да констатира дека не е исполнет условот за избор на пратеници од седмата изборна единица, дека Парламентот ќе брои само 120 пратеници. Истовремено, со измените на Изборниот законик, по барање на СДСМ, само за македонските државјани во светот, во седмата изборна единица, важи обврската за пререгистрација во избирачкиот список пред секои парламентарни и претседателски избори. Светскиот Македонски Конгрес иницираше постапка пред Уставниот суд на Македонија за укинување на таа обврска како дискриминаторска во однос на избирачите во Македонија, но Уставниот суд ја отфрли нашата иницијатива. И покрај се’, остана обврската, тие што сакаат да гласаат, пред секои претседателски и парламентарни избори мора повторно да се пререгистрираат. Последен рок за пререгистрација на македонските државјани за вонредните парламентарни избори на 11 декември е заклучно со 24 часот на 11 ноември годинава.

Светскиот Македонски Конгрес и ВМРО-ДПМНЕ испратија мисија во Австралија од 4 ноември, во неа сме јас како претседател на Светскиот Македонски Конгрес и градоначалниците на Демир Хисар Љупчо Блажевски и на Новаци Лазар Котевски, со цел, да анимираме што поголем број македонски државјани во Австралија, заклучно со 11 ноември, да извршат електронско пријавување на службената страница на Државната изборна комисија на Македонија http://dijaspora.sec.mk или во македонската амбасада во Камбера и македонскиот конзулат во Мелбурн во Австралија и да гласаат на 10 декември на вонредните парламентарни избори во Македонија. Што и да ви кажеме, како и да ветите јавно, со било чија партиска книшка да се декларирате, гласањето е лично и тајно, секој сам решава на гласачкото место за кого ќе го даде својот глас на денот на гласањето. Наше е да ви кажеме дека секој глас е важен, секој пратенички мандат е важен, за формирање на парламентарно мнозинство кое ќе може без уцени да формира Влада на Република Македонија. Ваше е да ја разберете сериозноста и одговорноста на моментот во кој се наоѓа државата Македонија, посебно во услови кога опозицијата нуди федерализација и двојазичност на целата територија на државата, со катастрофални последици по државноста и суверенитетот на Македонија. Ќе биде голем срам, ако поради апстиненција и покрај 13% во вкупното население во Македонија, пратеник во седмата изборна единица биде Албанец а не Македонец.

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, животот во заедница не подразбира само права и привилегии, туку и обврски и одговорности. Една од нив е учеството на парламентарните избори, затоа и нашиот апел за масовна регистрација и остварување на избирачкото право на престојните парламентарни избори на 11 декември 2016 година. Без сомневање дека има незадоволство од неажурноста во добивањето на државјанство или пасоши, до 11 ноември нема многу да се изменат работите, но барем тие што имаат македонски пасош и австралиски пасош или возачка дозвола, да се регистрираат во избирачкиот список, и да излезат на гласањето за вонредните парламентарни избори во Македонија.

Не дојдовме пред Вас и меѓу Вас, за да некого ослободиме од одговорност за неделата кои против народот и државата ги извршил. Никој не побегнал од судот на правдата, народот и историјата. Секој ќе го стигне судот на правдата, народот и историјата!

Судбината е во нашите раце, а од дома и со апстиненција ништо не се менува, од дома и со незаинтересираност ништо нема да промениме!

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, бидете лојални државјани на Австралија, но никогаш не заборавајте ги Вашите корени во Македонија и останете достојни и горди Македонци! Останува нашето барање, некогаш, сите иселени Македонци, да се вратат на родните огништа во својата света земја Македонија!

И покрај се’ и после се’, апелираме на семакедонско помирување и обединување, заради одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата! Силата е само во единството! Независно од сите разлики меѓу нас, да бидеме единствени во постигнувањето на една многу важна цел, овде во Австралија, иако оваа земја е наш пријател, најбрзо што може, Австралиската влада да ја признае нашата држава под единственото историско име Македонија, да не’ признае како Македонци и така да не’ именува во сите државни евиденции во Австралија, бидејќи тоа е универзално човеково право - правото на самоопределување и самоидентификација!

Нека Господ Бог Ве благослови! Нека Господ Бог ја благослови Македонија! Ви благодарам на вниманието.

ttttttt

tttttt

ttttt

tttt

t

tt

ttt

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.