|
|
Јубилеј за почит на „Канадско - македонското историско друштво“ |
На 12-ти ноември 2016 година, во големата сала на Катедралната македонска православна црква “Свети Климент Охридски” во Торонто, а по повод 25. годишниот јубилеј на „Канадско - македонското историско друштво“, се одржа гала вечера. На прославата присуствуваа околу 400 македонски иселеници од сите делови на Македонија и гости од други канадски асоцијации, кои срдечно ги поздрави предсетателот на Друштвото -Тодор (Тони) Марковски, а присутните со убава македонска музика ги забавуваше оркестарот “Децата од Bуф“. Инаку, „Канадско-македонското историско друштво“ е асоцијација во која членуваат Канаѓани од македонско потекло од сите делови на етничка Македонија кои се занимаваат со македонската историја, култура, јазик, литература и воопшто со македонската вистина во минатото и сегашноста. Тоа е формирано во 1991 година од група ентузијасти чиј број постојано расте и привлекува други професионалци и ентузијасти да ги негуваат македонските придобивки „Канадско - македонското историско друштво“.е многу значајна македонска иселеничка организација која има за цел да ја развива свеста и гордоста меѓу членовите и пошироко во канадското општество со цел тие да дознаат од каде им се корените, какво било нивното минато, сегашност и иднина. Затоа, Друштвото собира и ја регистрира потребната документација и материјали за македонскиот национален идентитет, традициите, културата, религијата, јазикот и други области. Друштвото е единствена асоцијација од ваков вид во Канада и пошироко во македонската дијаспора. Тоа игра значајна улога во севкупната научна и културолошка активност на голем број македонски интелектуалции од Канада и има своја библиотека, Тоа работи во состав на Домот за стари лица „Канадско-македонски центар“, познат како „Старски дом“, каде старите лица нашле среќно катче. Овој центар со стотина апартмани, трпезарија, и други потребни простории е пријатно место за живеење за голем број Македонци и Канаѓани. Тој е една од старите и значајните македонски институции во Канада.
Целта на „Канадско-македонското историско друштво“ е да остави траен белег за македонското историско минато. Притоа да ги сними членовите на Друштвото и други Македонци од постарата генерација, со цел тие да се претстават со материјали од своите области, како што се: пред с’е историјата на Македонците во Канада, нивната култура, традиции, јазик, религија во Македонија и во Канада, како и прашања и од други области поврзани живото во нивните родни места во етничка Македонија и во Канада. Оваа значајна канадско-македонска асоцијација е непрофитна, доброволна, формирана согласно законските одредби на провинцијата Онтарио. Затоа Друштвото е поддржано од бројни волонтери и нивни спозори кои ги финансираат програмите на Друштвото. Исто така, Друштвото придонесува да се соберат на едно место и членовите на Канадско македонската асоцијација на ветераните, што е голема придобивка во развивањето на односите меѓу ветераните од Македонија и Канада. Посебен акцент во работата на Друштвото е ставен на развојот и промовирањето на македонските историски и археолошки истражувања, како и воспоставување и одржување на библиотечен и музејски фонд, кои значат проширување на знаењата на членовите и афирмација на македонската вистина во демократското канадско општество. Затоа, „Канадско-македонското историско друштво“ е место каде се одржуваат броини предавања, трибини, промоции и други манифестации во врска со историската вистина за македонскиот народ и Македонија.
|