|
|
Во Москва како во Охрид |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – РУСИЈА (3) Пристигнавме на аеродромот „Шереметјево“, кој не се разликува од другите светски авионски дестинации по изгледот и бројот на патници. Шереметјево е најголем аеродром по обем за меѓународен сообраќај и е влезна точка за најголем дел од туристите што ја посетуваат Москва. Аеродромот е пуштен во употреба во 1960 година, на него денес е забележан сообраќај од над дванаесет милиони патници. По завршените царински процедури, се упативме кон градот и брзо стасавме во хотелот „Белград“ во централниот дел на Москва, каде ја потврдивме врската помегу Русија и Србија. Имавме доволно време да се одмориме и да се запознаеме со вековните карактеристики и споменици од историјата, културата и повторно да го почувствуваме пулсот на животот на велеградот. Овој пат Москва дишеше со новиот здив на капитализмот. Во Москава има огромен број музеи од сите типови. Едни од најпознатите и најпосетените секако се: Третјаковската галерија, Пушкиновиот музеј на ликовна уметност, Политехничкиот музеј и други. Третјаковската галерија е националното богатство на руската фина уметност, а воедно претставуваи еден од најголемите музеи во светот. Збирката на галеријата се состои целосно од руска уметност и артисти кои дале придонес кон историјата на руската уметност или имале блиска поврзаност со неа. Колекцијата содржи повеќе од 130.000 дела, слики, скулптури и графики, креирани низ вековите од неколку последователни генерации на руски уметници. Пушкинскиот музеј на ликовна уметност, пак, содржи милиони предмети и уметнички дела од древниот Египет, Македонија, Елада, Рим, Асирија и Вавилон. А во посебен дел е сместена голема колекција од европски дела како што се: Ван Гог, Матиз, Пикасо, Сезан, Моне, Кандински, Реноар и други. Русија е земја во која постојат околу 160 етнички групи кои зборуваат на околу 100 јазици. Рускиот јазик е едниствениот официјален државен јазик на земјата, но Уставот овозможува на поединечните етнички групи во републиките да го користат својот мајчин јазик како ко-официјален веднаш до рускиот јазик. И покрај неговата голема раширеност, рускиот јазик е во голема мера хомоген во цела Русија. Денес рускиот јазик е еден од шесте официјални јазици на ООН.
Стариот руски фолклор, пак, се заснова на корени од паганските верувања на старите Словени, кој денес најчесто е застапен во руските бајки. Руските епоси заземаат важен дел од словенската митологија. Најважните и најстарите епоси од времето на Киевска Русија, всушност се создадени во денешниот северозападен руски федерален округ. Голем број на бајки и епоси биле приспособени и претставени во анимациски филмови од страна на многу познати режисери. Некои руски поети направиле голем број познати поетски интерпретации на класичните руски бајки. Меѓу овие се вклучува и Александар Сергеевич Пушкин кој, исто така, создал целосно оригинални бајски песни кои до ден-денес ја задржале својата голема популарност. Центар на образованието на државата и пошироко е Ломоносовиот универзитет кој е формиран во 1755 година. Во Москва има и други бројни универзитети, високи воени и други школи, академии, институти и секаков вид институции. Најпознатата туристичка атракција во градот е, секако, Црвениот плоштад каде што се лоцирани Кремљ, црквата „Свети Василиј“, мавзолејот на Ленин, Големиот Кремљиски дворец и многу други мали манастири и споменици на културата и општественото живеење. Оттука може да се види и најголемиот хотел на светот, хотелот Русија, како и седиштето на вселенскиот патријарх- црквата на Исус Христос. Плоштадот е познат и по воените паради кои се одржувале на него во времето на Советскиот Сојуз, особено во времето на Сталин. Москва е главен град на Русија, а воедно претставува и нејзин политички, економски, образовен и транспортен центар. Во исто време тој е културно, управно и индустриско средиште, тој е најголемиот, најзначајниот, најубавиот, најфреквентниот и главeн град на Русија. Во минатото градот бил престолнина на Царска Русија и главен град на Советскиот Сојуз. Тој е најбројниот христијански велеград, а во исто време, поради атеизмот и најконтроверзниот центар на православието. Седиштето на Руската православна црква, исто така, се наоѓа во Москва, во манастирот „Свети Данило“. Со повеќе од 10 милиони жители Москва претставува руска убавица и најголем град во Европа.
При нашиот престој во Москва посетивме поголем број цркви и манастири, притоа бевме примени во седиштето на Руската православна црква и разговаравме со нејзините претставници. Во разговорите посебен акцент беше ставен на односите на Руската православна црква и Македонската православна црква, како и проширувањето на христијанската љубов и заедничката соработка. Притоа, домаќините беа информирани за прашањето или (не)христијанскиот однос на Српската кон Македонската православна црква, како и за други аспекти врзани со христијанството во Македонија. Од посетите на бројните руски духовни храмови во Москва, ќе ја издвоиме визитацијата на црквата на Христос Спасителот која е седиште на Вселенскиот патријарх на Руската православна црква. За неа е врзана долга и интересна историја. Имено, црквата постоела сè до 5 декември 1931 година, кога била срушена со цел на тоа место да се изгради огромна градба - статуа на Ленин. Но, поради недостигот на фондови, а и проблемите со поплавите од околната река, местото било претворено во огромен отворен базен. Меѓутоа, оригиналната скица на црквата била зачувана и во февруари 1990 година Руската православна црква добила дозвола за реизградба на храмот, по што се започнало со собирање на средства и донации во 1992 година и со градење на црквата во 1994 година. Црквата конечно била завршена на 19 август 2000 година. Според информациите што ги добивме од литературата, меѓу другото се вели дека метрополата Москва за првпат се спомнува во пишаните записи како мало гратче во 1147 година. Десетина години потоа кнезот Јуриј Долгоракиот го изградил првиот ѕид околу градот. Меѓутоа, во 1237 и 1238 година монголската Златна орда го ограбила и запалила градот, убивајќи го целото население. Благодарение на извонредната местоположба градот бил обновен и бргу закрепнал. Неговиот подем, сепак, бил ограничен од страна на Монголите, кои во тоа време собирале даноци од најголем дел од руските територии преку своите вазали. Но, поради подемот на Литванија и Полска, Монголите сакајќи да балансираат дозволиле Москва да прерасне во моќно кнежество и да биде еден од најважните руски градови во тоа време. Ослободувањето на Русија од монголска доминација траело сè до 1480 година, кога по Големата битка на реката Угра, татаромонголите се повлекле и засекогаш била отфрлена нивната власт над руските територии, а престолнината на Русија која многупати била менувана, конечно била префлена во Москва. Продолжува
|