|
|
Москва – светската метропола и градот на Пушкин |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – РУСИЈА (4) Во текот на нашиот престој бевме запознати со голем број историски факти кои го отсликуваат минатото на таа славјанска земја. Така, од нашиот водич, во лицето на една убава, културна, знајна Русинка, која прекрасно зборуваше на македонски јазик, а која била само еднаш во Македонија на Семинарот за македонски јазик во Охрид, добивме многу информации за минатото и сегашноста од историјата, културата, религијата, политиката, напредокот на државата, разликите, предностите и негативностите во живеењето на познати личности, како и на обичните смртници во Русија. Таа нè информира дека развојот на царскиот автократски апсолутизам својот врв го достигнал за време на владеењето на Иван IV познат и како Иван Грозни. Тој е првиот владетел што се прогласил за цар на цела Русија, во 1547 година. Тој ја зајакнал позицијата на монархот до највисоко ниво. Исто така, во негово време биле направени едни од најголемите реформи на Русија. Иван Грозни успеал да ги заземе Казанското, Астраханското и Сибирското ханство. Овие освојувања ја прекинале до тогаш постојната миграција на азиските народи до Европа преку Волга и Урал. По смртта на Иван Грозни, негов наследник станал син му Фјодор I. Во текот на неговото владеење следувал период на граѓански војни и „странска“ интервенција позната како „Време на проблемите“. Екстремно ладните лета довеле до голем глад и зголемување на социјалната неорганизираност. Владеењето на Борис Годунов, било проследено со големи бунтови и востанија, и покрај тоа што тој извршил големи реформи во Русија. Бевме информирани дека Руската Империја е наследник на т.н. Руско или Московско Царство, во која како цареви владееле наследниците на Иван IV. Но, се чини дека Империјата се родила со Петар I, кој извршил реформи и во војската, а според западните стандарди и реформи во земјоделството и индустријата. Црквата, исто така, претрпела промени. Патријархот на руската црква бил заменет со Синод, кој бил под директна контрола на царот. Во 1699 година, Петар го напуштил традиционалниот руски календар, во кој годината започнувала на 1 септември и го прифатил јулијанскиот календар, каде годината започнува на 1 јануари. Од доаѓањето на власт, па сѐ до неговата смрт, Петар без прекин водел војни, од кои зависела целата негова политика.
Тој војувал против Османлиското Царство, за потоа да го освои пристанишниот град Азов и на Русија ѝ осигурил излез на Црното Море. Тој војувал и против Персија, со што освоил и територии на западниот и јужниот брег на Каспиското Езеро. Тие територии, Русија ги загубила многу бргу по неговата смрт. Меѓутоа, најважна од сите војни кои ги водел, била онаа против Шведска, која траела 21 година. Значаен период за руската историографија е, секако, појавата на рускиот престол на еден од амбициозните и безмилосни владетели - Екатерина II, која била германска принцеза и се омажила за руски наследник на престолот. Таа имала право во Русија да ги заштитува интересите на христијаните во Османлиската Империја, а Кримското ханство добило независност од султанот. Екатерина својата земја ја претворила во една од најсилните и најголемите земји во Европа и светот. Територијалните проширувања продолжиле во времето на нејзините наследници Александар I, кој ја зазел Финска од ослабнатата Шведска и Бесарабија од Османлиската Империја. При посетата на споменикот на Бородинската битка бевме информирани дека Наполеон Бонапарта направил голема грешка, кога, по конфликтот со цар Александар I пошол во освојување на Царска Русија во 1812 година. Оваа кампања на воени походи на крајот била со катастрофални последици за Наполеон, од причина бидејќи руската армија постојано го избегнувала директниот удар и тактиката на Наполеон. Поради страшно студената руска зима, илјадници француски војници умреле од студ во снегот. Спроведувајќи герилски начин на војување, Русите ги натерале Французите да се повлечат, а по најавеното повлекување, руските војски отишле до таму што ги гонеле низ цела Централна и Западна Европа, додека не пристигнале во Париз. Ако во 1812 година бил запоседнат од Наполеоновата наезда на Русија во Втората светска војна во 1941 година, на истото место пред Москва била сопрена германската војска и принудена да се повлекува, а Хитлер го положил оружјето на истото место кое на симболичен начин е одбележано и служи за поттик и сеќавање на рускиот народ, кој на свој многу патриотски начин, карактеристичен и единствен,знаел да ја одбрани својата земја. Во Москва, градот на големиот поет Пушкин е неодминлива посетата на Кремљ. Тој е централен утврден дел на градот подигнат во XV век, кој има основа на триаголник и е опкружен со ѕидини 12 метри високи и 2 200 метри долги. Во него, меѓу другото, се наоѓа дворецот Терем, Гранитната палата и Успенската црква во која се крунисани руските цареви. Кремљ во градбата поседува типично руски стил и се разликува од другите акрополи. Денес во него се наоѓаат зградата на врховната управа на Русија и Конгресната палата, а под ѕидините на Црвениот плоштад е мавзолејот на Ленин. Денес во Москва можат да се видат огромни промени. Ако во еден период од седумдесетина години се изградија бројни монументи и нови, карактеристични градби за тој период, по 1991 година со распаѓањето на Советскиот Сојуз во Москва можат да се видат радикални промени. Се извишуваат современи градби, трговски центри и ноќни клубови за забава. Затоа Москва наликува на главен град на некоја западна земја. Тоа е град со бурна историја и еден од најстарите градови во Русија кој се споменува во средината на XII век. Во средниот век тој бил престолнина на Руското Кнежевство и на Руското Царство, сè до 1712 година. Тогаш Петар Велики ја преместил престолнината од Москва во Петроград (поранешен Ленинград), денес Санкт Петербург, кој како значаен стратешки центар бил мета на сите воини, војски и освојувачи. Веројатно е здодевно да се кажуваат примерите дека Русите читаат во јавниот превоз и не фрлаат отпадоци по улиците. Можеби тие се и најбројни во светот кои ги посетуваат театрите и библиотеките, а во овие нови времиња и кафеаните. Таква е руската нација, со сите позитивности и со сите пороци. Ваквите убавини и контрасти, интересни историски настани, споменици на културата, карактеристики и контроверзи на Русија и на рускиот народ, на одреден начин, ги видовме и почувствувавме во Москва. Меѓутоа, сè има почеток и крај, па и нашиот престој кој траеше неколку дена. Ја напуштивме Москва во делник, во вечерните часови кога сонцето тонеше над непрегледните рамни пространства на Русија. На аеродромот „Шереметјево“ имаше вообичаена мешаница. Луѓето брзаа за своите дестинации. А патувањето со авион во Русија е неопходно заради големите оддалечености што ги чекаат патниците по инаку големата земја.
Од авионот беше пријатно да се гледаат панорамите на убавата Москва и на нејзините предградија. Во тие моменти најдовме време да ги резимираме впечатоците за средбите, за настаните, за сè она што го видовме, почувствувавме и доживеавме во московските дни и вечери. Не се задржавме во овој приказ на прошетките низ музеите, во најпознатиот театар „Бољшој“ и чудесното „Лебедово езеро“ на Чајковски. Ниту на прекрасните Подмосковски вечери, на дружбите и кафетериите. Москва е интересен спој, метропола која дочекува и испраќа на само нејзин своевиден руски начин. Продолжува
|