|
|
Киев - градот на вечноста и христијанството |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – УКРАИНА (2) Црквата „Света Софија“ претставува прекрасен споменик, чии 13 куполи покриени со 19 килограми златни листови ги симболизираат 12-те апостоли, заедно со Исус Христос и 13-те области што ги обединува Украина. Киев, пак, често го нарекуваат: град на вечноста, контрастите, цвеќето, студентите, на минатото, сегашноста, иднината, на љубовта... Киев опстојувал како еден од најстарите градови во Источна Европа. Најверојатно, градот постоел пред петтиот век и претставувал трговски центар, како и место кое претставувало значаен трговски дел помеѓу Скандинавија и Константинопол. Градот бил престолнина на Киевска Русија за во 1240 година целосно да биде разрушен во времето на монголската инвазија. Во следните векови, градот го изгубил своето значење и станал провинцијален град во рамките на Големото Литванско Војводство, Кралството на Полска и Руската Империја. Градот значително започнал да се развива кон крајот на деветнаесеттиот век во рамките на Руската Империја. Во 1917 година, откако Украинската Народна Република прогласила независност, градот станал престолнина на новата држава. Во 1921 година, Киев станал дел од Советскиот Сојуз и престолнина на Украинската Советска Социјалистичка Република од 1934 година. Во текот на Втората светска војна, градот бил значително разрушен, а по војната повторно бил целосно обновен. По распадот на Советскиот Сојуз и добивањето на украинската независност, Киев станал главнен град на Украина. При посетата на Киев патникот намерник се среќава со старата традиција преку црквата „Света Софија“ што ја подигнал киевскиот владетел Јарослав Мудри во 1037 година. Црквата претставува вистински споменик и прекрасен монумент чии 13 куполи покриени со 19 килограми златни листови ги симболизираат 12-те апостоли заедно со Исус Христос и 13-те области што ги обединува Украина.
Внатрешниот дел на црквата е многу интересен, особено мозаиците кои се изработени со единствена техника која до денес останува неизменета, а мозаиците воопшто не се реставрирани. Во централниот внатрешен дел на куполата доминира света Богородица, а во долниот дел на црквата се чува саркофагот на големиот градител владетелот Јарослав Мудри. За време на престојот ја посетивме надалеку познатата Киевско-печерска лавра која е изградена во 1051 година во текот на владеењето на напредниот владетел Јарослав Мудри, кој бил вљубеник во уметноста и културата. Многу се интересни старите пештери, за кои се верува дека во една од нив се наоѓа и гробот на познатиот руски патописец Нестор, кој ја забележал и легендата за градот Киев. Овој стар интересен манастир во 1926 година бил претворен во голем историско-културен музеј. Денес тој е дел од Киевската патријаршија и во него започнал да се развива украинскиот црковно-духовен живот. Со право се вели дека најсвето христијанско место во Киев е Печерската лавра или манастирот на пештерите и катедралната црква „Света Софија“, и истите можеби претставуваат едни од најпознатите места во градот, кои во текот на историјата биле посетувани од страна на милиони аџии. Денеска овие комплекси се вклучени во списокот на светското и културно наследство на УНЕСКО и претставуваат најголеми туристички атракции на градот. Освен во списокот на УНЕСКО, овие две атракции се вклучени и во списокот на Седумте чуда на Украина.
Киев е познат и по театарскиот живот во Источна Европа. За време на нашата посета посетивме неколку од големиот број познати театри, и тоа: Националната опера на Украина, Националниот академски драмски театар „Иво Франк“, Националниот академски театар на руската драма, Киевскиот академски театар на операта, Киевскиот академски куклен театар, Националната филхармонија на Украина и други. Во 1946 година, градот Киев имал четири театри, една оперска куќа и една концертна сала. Овие културни објекти во голема мера биле наменети само за најпривилегираните луѓе од градот. Нивниот број денеска е значително зголемен. Други значајни културни центри во градот се Фимското студио и Киевскиот циркус. Исто така, во градот се наоѓаат четириесетина музеи, од кои најпознати се: Националниот музеј на жртвите од Големата патриотска војна, Националниот музеј на уметноста на Украина, Музејот на Богдан и Варвара Карненко, Музејот на народната архитектура, Музејот на културното наследство, Националниот научно-природен музеј на Украина, а еден од најинтересните во градот е и таканаречениот. Рециклирачки музеј, поради својата единственост, и често пати се нарекува Музеј на бескорисни работи. Киев, посебно се гордее со Маринската палата која е официјална резиденција на претседателот на Украина. Таа е изградена во стилот на украинскиот барок и претставува значајно архитектонско остварување, со кое граѓаните на Киев се гордеат. Продолжува
|