|
|
Романија – пријателската земја на Македонија и на Македонската православна црква |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – РОМАНИЈА (1) Романија е земја во југоисточна Европа, а се граничи со Украина и Молдавија на североисток, со Унгарија и Србија на запад и со Бугарија на југ (по должината на реката Дунав), додека на исток има мал излез на Црното Море. Источните и јужните Карпати минуваат низ централниот дел на земјата, чиј главен град е Букурешт. Таа е членка на НАТО од 2004 година. На 25 април 2005 година, пак, Романија го потпиша договорот за членство во Европската унија, а нејзин полноправен член е од 1 јануари 2007 година, заедно со Бугарија. Со својата површина Романија е најголема држава во Југоисточна Европа и дванаесетта по големина во Европа. Голем дел од романската земја граничи со Србија и Бугарија, односно со реката Дунав, а реката Прут ги дели Романија и Молдавија. Во Романија се влива реката Дунав која ја прави втората најголема и најдобро зачувана делта во Европа. Името Романија доаѓа од романскиот збор - роман (român) кој, пак, потекнува од латинскиот назив Romanus. Во XVI век повеќе автори нагласиле дека населението се нарекувало како „романи“. Првиот документ напишан на романски јазик било писмото неакшу каде за првпат во пишана форма бил употребен зборот „романски“. Според пишаните историски информации територијата на денешна Романија низ раната историја повеќе пати била населувана од најразлични племиња како Даките, Гетите и голем број други индоевропски племиња. Во 106 година Дакија била заземена од страна на римскиот император Трајан, за што, според романските историчари, романскиот етнос настанал со мешањето на Даките и римските колонисти по долината на реката Дунав.
Во XIV век било создадено кнежеството Молдавија кое станало центар на романската држава Влашка. Стратешката положба на кнежевствата Молдавија и Влашка во долниот тек на реката Дунав и на планинскиот превез на Карпатите овозможувале големи предности во текот на владеењето на Османлиската Империја. Бидејќи се наоѓале на север од Балканот, Влашка дури на почетокот од XV век, а Молдавија на крајот од XV век станале должни да плаќаат даноци на Османлиската Империја, а веќе на почетокот на XVI век биле и анектирани. До средината на XIX век, официјален јазик во Влашка било кирилското писмо, додека во 1861 година била воведена латиницата. Интересно е да се нагласи дека по паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година, во Букурешт избувнале демонстрации за поголеми права и слободи на романскиот народ. Диктаторот Чаушеску, заедно со неговата сопруга Елена биле фатени во бегство и заробени на 25 декември 1989 година. Набргу потоа биле стрелани. Инаку, во Романија има 20 етнички малцинства, на кои им се загарантирани сите права според меѓународните конвенции. Меѓу другото, на секое од нив Уставот им гарантира по едно пратеничко место во романскиот парламент. Меѓу признатите малцинства во Романија се и Македонците. Романија отсекогаш имала мегаломански ставови спрема ароманското (влашкото) население на Балканот, а тие ставови останале непроменети до денес. Имено, иако Романија ги „признава“ Ароманците исклучително како Романци, од друга страна, пак, не им ги признава нивните основни права. Официјален јазик во Романија е романскиот јазик, кој го зборуваат околу 91% од населението. Покрај романскиот, поголеми малцински јазици се унгарскиот и ромскиот јазик. Таа е секуларна држава и нема национална религија. Најголема религиска организација е Романската православна црква во која членуваат над осумдесет проценти од романското население. Покрај православието, други позначајни религии се католицизмот со околу пет посто и протестантството со околу четири посто верници. Во Романија живее и малобројно турско население кое е дел од исламската религија.
Инаку, Романија е доста богата земја, особено со нафта, со што по Русија таа го зазема второто место во Европа. Црното злато особено го има во околината на градот Плоешти, во кој видовме бројни машини за вадење на нафтата од плодното поле на кое му нема крај. Меѓутоа, обработливите површини во Влашко тогаш беа во општествена сопственост и припаѓаа на едно минато поврзано со колективниот систем на обработка на земјиштето. Се очекува во иднина производството да се зголеми и таа да биде житница за Европската унија, во која таа е членка. Романија ја посетивме заедно со министерот Владо Наумовски, како гости на Министерството за религија и соработката на Комисијата за односи со верските заедници, со учество на симпозиум за религијата. Таму бевме во едно ново, поинакво време, во нови услови, но во различни околности кога се измешало старото со новото, комунистичкото со капиталистичкото... Во Романија, односно во Букурешт престојувавме неколку дена, кога нашето патување се совпадна со посетата на една делегација на Владата на Република Македонија на оваа земја. Пристигнувањето на аеродромот „Венеаса“ во Букурешт, буди спомени за долгите патешествија на македонските печалбари при доаѓањето во оваа, за нас блиска, а за нив далечна, земја по разни траси и патишта. По сместувањето во вилата во која сопругата на бившиот романски претседател Елена Чаушеску поминала голем дел од својот живот и во која е сè големо: од дневниот простор до спалните соби, бевме запознати дека се наоѓаме во квартот во непосредна близина на плоштадот „Авијаторилор“ и паркот „Жерастру“ во кој долги години живеел кремот на поранешниот систем. Зградата е сместена во еден парк во кој со години се одгледувале разновидни цвеќиња и растенија. Вилата беше оградена со високи ѕидини и кога човек е во дворот на прекрасното здание тешко е да каже дали се наоѓа на исток или на запад. Внатрешниот дел, особено приемните простории на вилата, беа исполнети со голем број уметнички дела, резби, скапи килими и класичен мебел, голем дел од нив донесени од странство. Продолжува
|