|
|
ПРОТЕСТ ЗА УНИТАРНА МАКЕДОНИЈА ПРЕД ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ВО ЖЕНЕВА! |
МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО ШВАЈЦАРИЈА ПРОТЕСТ ЗА УНИТАРНА МАКЕДОНИЈА ПРЕД ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ВО ЖЕНЕВА! 24 февруари 2016 година, Женева, Швајцарија - Македонците во Швајцарија на 26 февруари 2017 година (недела) со почеток во 12 часот, ќе одржат мирен протест на плоштадот пред зградата на Обединетите Нации во Женева. Организатори на мирниот протест се органиазциите “Рефрама“ од Женева, Македонското друштво “Александар Македонски“ од Ивердон, органиѐцијата “Македонска Дијаспора“ од Лозана и Македонското училиште во Швајцарија. Mирниот македонски протест во Женева е насловен “Македонците за унитарна Македонија!“ Од мирниот протест на којшто се очекуваат повеќе стотици Македонци од цела Швајцарија ќе биде упатена Декларација за унитарна Македонија до Организацијата на Обединетите Нации, Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Руската Федерација, Народна Република Кина, Република Франција и Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска, како и до властите во Швајцарија и Македонија. Декларацијата гласи: “Македонците во Швајцарија, како нераскинлив дел од Македонскиот народ, изразуваат загриженост за унитарноста и државноста на Македонија, за името на државата и идентитетот на нацијата! Македонците во Швајцарија отфрлаат федерализација и службеност на албанскиот јазик на целата територија на Македонија и во меѓународните односи! Македонците во Швајцарија го повикуваат демократскиот свет да ја поддржи унитарноста и државноста на Македонија! Македонците во Швајцарија сметаат дека Македонија е држава на Македонскиот народ како единствен носител на државноста, во која сите се еднакви пред Уставот и законите, независно од социјалниот статус, етничкото потекло, верското уверување и партиската припадност! Македонците во Швајцарија бараат крај на разговорите за разликата за името Македонија со Владата во Атина и безусловно продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија, без латинична транскрипција на македонскиот јазик туку на англиски јазик Republic of Macedonia, со можност за употреба на уставната додавка “Република“ како јасна дистинкција од истоимената северна провинција во Грција и југо-западна провинција во Бугарија, со меѓународниот код МК односно МКД, и нотификација на Македонскиот народ и Македонскиот јазик, независно од историските хипотеки - окупацијата вр Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година кој се уште трае! Македонците во Швајцарија отфрлаат промена на името, знамето, грбот и химната! Македонците во Швјацарија бараат попис на населението! Македонците во Швајцарија отфрлаат владина коалиција којашто нема да ја почитува оваа Декларација! Македонците во Швајцарија повикуваат на семакедонско помирување и обединување, затоа што силата е во единството за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата! Да живее Македонија! Сите Македонци еден за друг!“ |