|
|
Во Барселона – престолнината на Каталонија и градот на фудбалот (3) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ШПАНИЈА Главниот град на Каталонија Барселона и втор град по големина во Шпанија после Мадрид, го посетивме во пролет, кога во Македонија беше сè расцветано. Од Скопје до Софија патувавме со автомобил. На границата на брзина ги завршивме царинските церемонии и се упативме кон пиринскиот дел на Македонија. Пријатно беше чувството кога ни се редеа пиринските населени места. Имавме време на патот да се одмориме и да се освежиме во една кафеана каде вриеше од патници, од кои поголемиот број беа од Македонија, кои претежно се враќаа од купување од Истанбул. Од Софија за Барселона патувавме со бугарска авиокомпанија. Патувањето беше пријатно исполнето со убави мигови. Аеродромот во Барселона е еден од поголемите во Европа. Таму бевме пречекани од нашиот пријател, кој како канадски Македонец работи како менаџер во една канадска фирма и живее во еден убав и луксузен дел на Барселона.. Во Барселона, прекрасната метропола на шпанската Каталонија, се уверивме дека таа се бори како да се извлече од чадорот на Мадрид, како да се ослободи од вечната сенка дека е вториот град на таа ибериска земја. Поради гордоста на Каталонците и европскиот имиџ што успеале да го создадат, апсолутно е пожелна дестинација на намерниците од целиот свет. Не случајно нашиот пријател ни рече дека можеме да ја крстосуваме Шпанија, но доколку не се почувствува магијата Барселона, треба да заборавиме дека сме биле во таа земја. Во право беше нашиот канадски пријател, бидејки набргу се уверивме во неговата голема приказна, кога дојдовме во главниот град на Каталонија. Од Олимписките игри во 1992 година, Барселона му испрати на светот една поинаква, можеби дотогаш помалку позната културна, цивилизациска, спортска, политичка и национална порака. Архитектурата, боите, иновациските предизвици, спојот на минатото и сегашноста, индустрискиот и култур-ниот подем, и уште многуте други белези и каракте-ристики, ја прават поразлична, поинаква, посамосвојна личната карта на градот. Повеке медитерански отколку шпански, со своите историски турбулентни но и триум-фални страници, како важен центар на поморското трговско царство од дамнина, со еден голем развоен залет, Барселона станува модерен амбициозен град, кој уште во многу далечната 1274 година ги втемелила првите ’ркулци на свој начин на првиот европски парламентарен систем, на евродемократијата. Кога стапнавме во оваа метропола, таа блескаше на секој чекор, и обземени од сè околу нас, не можеше а да не нè понесе сета преубава и динамична атмосфера што е „гозба“ за сите сетила на намерникот. Низ „Ла Рамбла“, главната авенија, за која велат дека е една од најдолгите па и најубавите не само на Иберискиот Полуостров туку и на стариот континент, ве мамат на сите страни да не ги заобиколите, туку да минете часови и часови загледани во луксузните бутици, обичните продавници, рестораните и таверните, музеите, галериите, шеталиштата за рекреативците и опуштените. Готиката ве ѕирка од сите страни. Специфичните градби, исто така. Особено привлечна е црквата „Санта Марија дел Мар“, во која спокојот и мистиката, духовното и овоземното, чудно, неосетно, се испреплетуваат, а сето тоа многу или макар само малку, ама сигурно ќе допрат до посетителот. Антони Гауди спектакуларно ја обележал својата епоха и својата Барселона оставајки големи градбени аманети но и недовршени дела. Саграда фамилијата станала најпознатата од недовршените, која долго ги распламтува дискусиите на архитектите, на градителите, естетите, политичарите и граѓаните, на кој начин да се доврши. Тешко би одела таа работа, тешко дека некогаш ќе се усогласат хоровите од различни опции, предлози и видувања, зашто делот на Саграда фамилијата кој е дополнително изграден, е далеку од визиите на Гауди. Живеел 74 години и водичот вели дека уникатниот креатор го прегазил трамвај. Но, никако не смеевме да ја пропуштиме приликата да го разгледаме музејот на големиот мајстор Пабло Пикасо, каде е спојот на неговите временски не врамени сликарски правци, каде се наоѓаат неговите ремек-дела, неговите колку необични, толку и провокативни остварувања. Својата младост ја минал во Барселона, но и своите слики ги отстапил како дар на градскиот музеј. Сакал тука во Каталонија да останат засекогаш. Колекцијата од него-вите дела е постојано достапна, а бројни туристи постојано доаѓаат за да го видат творештвото на генијалецот.
Барселона е фасцинантен град. Пулсираат во неа сите деноноќија, во сите 365 дена со една голема динамика, посебност, шарм и убавина. Шпанската музика, ритамот, убавите танчерки и танчери на оригиналното фламенго кога останувате без здив на виртуозната младост, игра, убавина, карактеристичната сангрија што ќе ја дегустирате додека уживате во песните и танцот, сето тоа е незаборавно доживување од престојот во Барселона, во вториот, или како би рекле тие, првиот град во Шпанија и на Полуостровот, сеедно. Престижот и докажувањето им го оставаме на домаќините, ние оттаму заминавме презадоволни и со авион се упативме кон големиот Мадрид. Продолжува
|