|
|
Дел од историскиот развој на Британското Кралство (2) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ВЕЛИКА БРИТАНИЈА Кога се зборува за Велс, треба да се нагласи дека Кардиф е главен и најголем град, во кој живеат околу 250.000 жители и е деветтиот најголем град во Обединетото Кралство. Тој е главен трговски центар на земјата и место за повеќето национални културни и спортски институции, центар на велшките национални медиуми, како и седиштето на Националното собрание на Велс. Кардиф е значаен туристички центар и една од светските туристички дестинации во сегашноста. Белфаст, пак, е административен центар, главен град и најголем град на Северна Ирска. Тој е осумнаесеттиот најголем град во Обединетото Кралство и вториот по големина на островот Ирска, со околината брои околу половина милион жители. Белфаст одигра клучна улога во индустриската револуција, како глобален индустриски центар до втората половина на XX век. Денес, Белфаст е значаен центар на индустријата, уметноста, високото образование, бизнисот и економијата на Северна Ирска. Во исто време, градот е центар на унионистите, кои се противници на внатрешната управа. Всушност, проблемот е религиското прашање изразено преку нетрпеливоста помеѓу протестантите и католиците.
Инаку, Велика Британија е предизвик за голем број ројалисти, капиталисти, спортисти, авантуристи, бизнисмени, уметници, писатели и други глобалисти. Сите тие се информирани дека Велика Британија или Британија, како често ја нарекуваат, е деветтиот најголем остров во светот и најголемиот европски остров, како и најголемиот од Британските Острови. Со население од околу 60 милиони жители тој е трет најнаселен остров во светот, по Јава (во Индонезија) и Хоншу (во Јапонија). Британија е остров кој е опкружен со повеќе од 1000 помали острови и островчиња. Кралството Велика Британија како политичка унија на кралствата Англија и Шкотска било формирано на 1 мај 1707 година, за време на владеењето на кралицата Ана. Во 1801 година, пак, со новиот Закон на Унијата, ова Кралство се споило со кралството на Ирска по што се создало Обединетото Кралство на Велика Британија и Ирска. По Ирската војна за независност поголемиот дел на Ирска се одделил од Унијата и се формирало Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Во богатиот историски развој на Велика Британија постојат повеќе сојузи од што произлегле повеќе имиња. Покрај тоа што со Актот на Унијата Англија и Шкотска формирале Обединето Кралство на Велика Британија, тоа било нарекувано и со имињата „Едно Кралство“, „Обединетото Кралство на Велика Британија“ и „Обединетото Кралство“. Сепак, државата основана од Унијата на Англија и Шкотска во 1707 година, се однесувала на кралството на Велика Британија од кога се смета дека Велика Британија станала доминантна колонијална сила во светот. Заедно со Франција и Шпанија биле главните ривали за освојување на „новиот свет“. Обединетото Кралство, составено од Велика Британија (Англија, Велс и Шкотска) и Северна Искра е уставна монархија чиј владетел воедно е владетел на државата и шеф на Владата. Власта е поделена меѓу Парламентот кој ја има законодавната власт, Кабинетот на министрите (составен од 20 министри и премиерот) кој ја има извршната власт и судското тело. Културата на Обединетото Кралство е насликана преку четирите земји кои го обединуваат кралството во политичка унија. Секоја земја придонесува со сопствените традиции, обичаи и симболика. Благодарение на Британската Империја, британското влијание може да се види со своите траги во јазикот, културата и правниот систем на многу од нејзините поранешни колонии, како што се Канада, Австралија, Индија и САД. За културата, уметноста, традициите, религијата и другите посебности на Велика Британија може многу да се пишува. Меѓутоа, ние ќе споменеме, меѓу другото, некои важни аспекти на англискиот јазик. Имено, тој е мајчин јазик на најголемиот број луѓе во Австралија, Искра, Канада, Комонвелтот, Карибите, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и САД, кој често се нарекува како англосфера. Во голема мера се користи како втор јазик и како службен јазик низ светот, особено во земјите од Комонвелтот како Индија, Пакистан и Шри Ланка и од многу различни меѓународни организации. Англискиот е доминантен меѓународен јазик во комуникациите, науката, деловното работење, воздухопловството, медиумите, дипломатијата и друго. Влијанието на Британската Империја е главната причина за првичното проширување на јазикот далеку од Британските Острови. По Втората светска војна, растечкото економско и културно влијание на САД значително го забрза ширењето на англискиот јазик без кој не може да се замисли денешното живеење.
Нашето патување од Македонија до Велика Британија беше со цел да се посети и да се престојува во Лондон, „центарот на цветот“, како обично го нарекуваат. А да се посети Лондон значи посетителот да се запознае со еден голем дел од вистината на денешната вистина на животот. Лондон е главен и најголем град на Англија и на Обединетото Кралство, а според некои показатели тој е и најголемата урбанизирана зона во Европската унија, каде се кројат многу државнички судбини од светот. Се наоѓа на реката Темза на подрачје каде постојат населби веќе два милениума. Историјата на овој велеград датира уште од времето на Римската Империја за кој се смета дека бил основан од Римјаните кои го нарекле „Лондиниум“. Античкото јадро на Лондон во голема мера ги има задржано своите граници. Лондон е еден од водечките глобални градови со развиена уметност, трговија, образование, забава, мода, финансии, здравство, медиуми, професионални услуги, истражувања, развој, туризам и транспорт, кои придонесуваат за неговата важност како светска метропола. Продолжува
|