|
|
Меѓународниот симпозиум „Улогата на црквите во новите општества“ одржан во Будимпешта (6) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – УНГАРИЈА Во Будимпешта, градот на Дунав, живеат околу два милиона жители и градот располага со исклучително богата и разновидна туристичка понуда. Во Будимпешта има голем број ресторани, хотели и други угостителски објекти во кои можат да се задоволат вкусовите на сите категории гости. Исклучително богата е и културната забава. Токму затоа, не е воопшто случајно што последниве неколку години Будимпешта прераснува во вистинска туристичка мека за посетителите од бившите социјалистички европски земји, но не само за нив, туку и за голем број туристи и вљубеници во убавината на Унгарија. Тоа го почувствувавме сите учесници на Меѓународниот симпозиум, бидејќи бевме сместени во хотелот „Хелија“, кој е изграден над една стара бања, хотел од висока категорија во кој покрај бројните сали, национални ресторани, три базени има и друга интересна понуда, за гостинот да се чувствува прекрасно. Не случајно Будимпешта е првиот град во Европа, во кој е направен базен и во кој започнало капењето во топлите води, што за тоа време во минатиот век значело помодарство и снобизам. Меѓународната конференција на тема „Улогата на црквите во новите општества“ се одржа под покровителство на премиерот на Република Унгарија, на Комисијата за човекови права, за малцинствата и религијата, во соработка со Меѓународната асоцијација за слобода на религиите од САД и други европски асоцијации. На овој значаен научен собир за религијата учествуваа бројни источноевропски експерти, од балкански и европски држави, како и од САД и авторот на овие редови како претставник од Република Македонија. Официјалните претставници на овој меѓународен форум, претставниците на угледните институции и организации за слободата на религијата и човековите права од Европа и светот, со големи симпатии гледаа на авторот Славе Катин од Македонија и на Македонската православна црква, а беше поднесен рефератот насловен како: „Улогата на Македонската православна црква во дијаспората“. Во рефератот, беше укажано дека, благодарение на мултикултурната политика во Австралија, Канада, САД, Европската унија и други демократски земји, со исклучок на соседните балкански земји, македонските иселеници со голем ентузијазам и инспирација ги негуваат своите национални традиции, богатиот фолклор, своите народни песни, игри и обичаи донесени од нивната дедовска земја Македонија. Мултикултурните програми помагаат да се прошири соработката и еманципацијата на иселениците во многу области на нивното живеење, особено во културата, образованието, спортот, информирањето и во целина восоцијалниот и хуманитарниот живот. Сите овие активности ја зацврстуваат врската на Македонската православна црква-Охридска архиепископија со верниците не само во државата, туку и во Канада, САД, Австралија, Европа и други земји. Во исто време, ваквиот позитивен црковно-национален напредок и верски живот придонесуваат за развојот на односите помеѓу овие земји и Република Македонија. За разлика од средините во САД, Канада и Австралија, Македонците во Унгарија цели 40 години немаат свое здружение или некоја слична асоцијација. Не поради тоа што тие не сакале, туку поради приликите што владееле во Унгарија до 1990 година, како и агресивната и негаторската политика на грчкото лоби во оваа денес демократска земја. За среќа, по започнувањето на демократските процеси, во периодот на транзицијата во Унгарија, се создале услови и Македонците во април 1995 година да формираат Здружение на егејските Македонци, со седиште во Будимпешта. Се претпоставува дека во Унгарија денес живеат од пет до седум илјади, главно, Македонци од Беломорието. Македонската колонија се наоѓа, главно, во Будимпешта, Мишколц, селото Белојанис, Брашов и други места. Здружението на Македонците во Унгарија во кое членуваат триесетина македонски патриоти, не добива никаква помош од Владата на Унгарија, така што сите манифестации тоа ги организира само со средства на членовите и со помош на македонските иселеници во прекуокеанските земји. Нивната најзначајна манифестација е Средбата на Македонците во Унгарија, што традицонално, секоја година се одржува на 24 мај, на која редовно присуствуваат по стотици Македонци од повеќе градови во Унгарија. Тој ден се пеат македонски песни, се играат македонски ора, се евоцираат спомени од најраното детство, се дискутира за нивните проблеми, истовремено тагуваат и се радуваат за Македонија. Инаку, во историјата за Македонците во Унгарија е забележано дека во август 1949 година, како нивно гласило излегло од печат списанието „Македонче“. По една година се појавил и билтенот „Нов Живот“ („Неа зои“), во почетокот на грчки јазик, а подоцна и со подлисток на македонски јазик. Тоа било гласило со политички карактер, а заедно со списанието „Македонче“ се занимавало и со прашања од културата, литературата, јазикот, организираното живеење... Денес таа улога ја има весникот „Македонски извор“, кој се печати на македонски и унгарски јазик, како издание на Здружението на егејските Македонци во Унгарија и е орган на Македонскиот информативен центар во Будимпешта. Започнало да излегува во 1993 година и во текот на нашиот престој славеше пет години. Весникот се појавил како излив на силната љубов и почит кон Македонија и како информатор на Македонците во Унгарија и афирматор на македонската вистина, особено за Егејска Македонија која, за жал, често е горка и тешка.
Во овој значаен подолг период од постоењето на весникот „Македонски извор“ биле отпечатени дваесет и осум броеви, обично на 16 страници, исполнети со прилози од историјата, јазикот, човековите права, црковниот живот, активностите на одборите на децата-бегалци (одродени) од Егејска Македонија во Канада, Австралија, Грција, Република Македонија и за други активности на Македонците во Унгарија и ширум светот. Објавени се и бројни новинарски текстови позајмени од други гласила на македонски јазик. Продолжува
|