|
|
Од Будим до Пешта со весникот „Македонски извор“ (7) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – УНГАРИЈА Во Будимпешта се сретнавме со главниот уредник на весникот „Македонски извор“, Коста Андреов, кој беше присутен на прес-конференцијата на Меѓународниот симпозиум „Улогата на црквите во новите општества“. Тој нè информира за животот и активностите на Македонците во Унгарија, како и за значајното информативно гласило „Македонски извор“. Меѓу другото рече: „Од самото име на гласилото се гледа дека сакаме да ја разлееме нашата вистина како од извор. И покрај скромните можности се трудиме да ги информираме Македонците во Унгарија и другите во светот. Се трудиме на читателите да им ја зацврстиме љубовта кон Македонија и да ги запознаеме особено со настаните кај егејските Македонци раселени ширум светот. Ние сме релативно далеку од Македонија, но со срцето сме во нашата Македонија. Тоа особено го почувствував кога присуствував на иселеничката средба што ја организираше Матицата на иселениците од Македонија. На неа се сретнав со бројни иселеници од сите делови на Македонија, а особено ми беше мило што ги видов и разговарав со највисоките личности на политичкиот и културниот живот на Република Македонија“, рече Коста. Будимпешта е град со околу два милиона жители, со исклучително богата и бурна историја, но и со големо културно и градителско наследство. Посебно треба да се одбележи впечатливиот број цркви градени во разни периоди, како и најголемата синагога во Европа, каде го видовме дрвото со имињата на Евреите од холокаустот изградено од родителите на познатиот артист Тони Кертис. Од градителските зафати посебно се издвојуваат деветте мостови на реката Дунав, која минува низ градот, а во неа посебна атракција се двата острова. Оваа дунавска убавица се состои од два дела, кои некогаш биле посебни градски населби, а тоа се Будим и Пешта. Будим е историскиот, а Пешта деловниот и административно-управниот дел на метрополата. Будим е „претоварен“ и е културно-историски резерват. Според своето историско значење, монументалноста и специфичните архитектонски белези, се издвојуваат царската палата и црквата „Матијас“, една од најпознатите во Будимпешта, па и во Унгарија, стара 750 години. Нејзината највисока купола, која е висока 85 метри, доволно кажува за неа и за нејзиното значење. Сите места, објекти и други урбани локации од секаков вид до коишто допира окото, тонат во светлина, чиј блесок посебно ја нагласува монументалноста и атрактивноста на мостовите на реката Дунав, зградата на Парламентот, како и некои други впечатливи зданија. Покрај Париз, според многу атрибути, и Будимпешта, без претерување, може да се нарече град на светлината, така барем ја опишуваат некои од патеписците. Инаку, меѓу другите главни знаменитости на Будимпешта се Неоготскиот парламент, кој ја поседува Светата круна на Унгарија, Базиликата „Свети Стефан“ (или Свети Иштван), каде што се чува Светата десна рака на пронаоѓачот и оформувач на првата унгарска држава (или Иштван), исто така, е голема атракција. Унгарската кујна како и кафе културата се дел од главните знаменитости на Будимпешта. Кремеш е првата кремпита направена специјално за кралицата Сиси. Денеска уште постојат римски остатоци во „Музејот Аквинкум“ како и остатоци од историски мебел во Замок-музејот „Нагитетени“ и реката Дунав, како и нејзините два брега кои се официјално признати и заштитени како светско наследство на УНЕСКО. Поранешната Кралска палата, исто така, е еден од симболите на Унгарија. Денеска на ова место се наоѓаат два импресивни музеја како и „Националната библиотека на Унгарија“. Соседната палата содржи канцеларии како и официјалната вила на претседателот на Унгарија. Друго обележје на Будимпешта е црквата „Свети Матијас“ која е стара околу седумстотини години. Веднаш до неа се наоѓа споменикот на првиот крал и пронаоѓач на Унгарија свети Стефан, а зад него се наоѓаат Рибарските кули, од каде што се добива голем панорамски поглед врз целиот град. Статуите на Турул, митската птица која е заштитник на Унгарија, се наоѓаат во округот замок и дванаесеттиот округ.
Во Пешта, пак, најголема знаменитост претставува авенијата „Андраси“. Булеварите „Кодали“ и „Октогон“ од двете страни се оградени со големи продавници и згради кои се споени едни до други. Помеѓу нив и Плоштадот на хероите, куќите се одделени и поврзани заедно. Под сево ова се наоѓа најстарата континентална европска метро-станица, станица од која повеќето денешни станици го презеле изгледот. Плоштадот на хероите доминира со статуите на сите унгарски кралеви и врвни луѓе значајни за историјата на Унгарија, како и со Гробот на непознатиот војник. Од страните се наоѓаат „Музејот на убавите уметности“ и „Палатата на уметноста“, а зад нив е Градскиот парк. Еден од бисерите на авенијата „Андраси“ е Унгарската оперска куќа. Паркот на статуите, чија тема се статуите од комунистичката ера е сместен надвор од центарот и до него може да се стигне со јавен транспорт. Будимпешта ја напуштивме во попладневните часови. Вагонот на Македонски железници беше приклучен за композицијата што се движеше кон Суботица, Скопје и Атина. Не ни остана ништо друго, освен да ги гледаме непрегледните полиња на Панонската Рамнина и да уживаме во убавата глетка што постојано се менуваше како на филм. Ја напуштаме Унгарија со помислата и желбата нашите браќа Македонци од егејскиот дел на Македонија, што останаа да живеат во оваа богата и демократска земја, да го добијат заслужениот третман и од унгарските и од македонските власти како дел од народот кој припаѓа на една од најстарите европски цивилизации. Зашто Македонците кои останале да живеат во Унгарија ја одбрале оваа демократска земја за свој дом, во кој ќе се множат македонските поколенија. Крај
|