|
|
Во престолнината Париз – „Градот на светлината, љубовта ...“ (1) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ФРАНЦИЈА Франција, е демократска држава која се простира во Западна Европа. По површина e најголема во Европската унија, а по бројот на население е на второ место Земјата е составена од збир на прекуморски острови и територии лоцирани на други континенти. Франција се граничи со Белгија, Луксембург, Гер-манија, Швајцарија, Италија, Монако, Андора и Шпанија. Франција со своите острови, исто така, се граничи и со Бразил и со Суринам (во делот на границите на Француска Гвајана), со Антилите (во делот на Сен-Мартен) е поврзана со Британија преку Ламанш. Франција е демократска држава, организирана како унитарна полупретседателска република. Таа е развиена нација чија современа и напредна економија е петта по големина во светот. Нејзините главни вредности се изразени во Декларацијата за правата на човекот и на граѓанинот. Франција е најголемата франкофонска држава во светот по број на говорители. Франција е една од земјите основачи на Европската унија, една од основачите на НАТО и на ОН и е постојана членка на Советот за безбедност при ОН. Таа припаѓа на еврозоната и на шенгензоната, членка е на Франкофонијата и на Латинската унија, дел од групата Г8 најразвиени земји во светот и на Организацијата за соработка и економски развој (OCDE). Како воена сила, ја поседува главната војска во Европската унија и е една од седумте земји кои официјално поседуваат атомско вооружување. Доколку не ви се вкрстат патиштата во преубавиот Париз, кој не случајно е обележан со предзнакот „Град на светлината“ исто како да не сте ја виделе Европа. Многу песни, опери, драми, посвети, ремек-дела, многу воздишки се создале за Париз и останале во него.. ... „Париз е главата на Земјината топка, мозок кој пука од генијалност и ја предводи човечката цивили-зација, великан, уметник кој непрекинато твори, далеку-виден водител кој мора да има бразди во мозокот, пороци на голем човек, мечти на уметник и рамно-душност на политичар“. Ова го рекол и го запишал големиот Балзак, кој целиот свој живот го поминал во овој прекрасен град на верата, надежта и љубовта. А парижа-ните за својот град велат дека е центар на светот. Ако им забележите дека тоа звучи тенденциозно, бидејќи многу велегради во светот се користат со тој пиетет, ќе ви дадат сосем логичен одговор. Доколку сакате да патувате од која било земја во светот во некоја друга, на друг крај, убаво е да минете низ дванаесетмилионскиот Париз. И не само тоа, на кого не му е желба да го види градот на соништата; градот кој е далеку од морето, а на грбот има едрилица која потсетува дека трговијата се одвива само по воден пат. Париз како да е рожба на реката Сена, на чиј остров е изградена галската населба Лутеција, која се споменува во 52 година пред Исуса Христа, кога ја освоиле Римјаните, и која со векови се шири за да биде денес најпозната во светот како метропола на светлината. Времето кога го посетивме Париз (министерот во Владата на Република Македонија, Владо Наумовски, митрополитот Горазд, надлежен за Европската епархија на Македонската православна црква и авторот на овие редови како заменик-претседател на Комисијата за односи со верските заедници) беше во зима. Тогаш Македонците во француската престолнина со низа пригодни манифестации достојно ги одбележуваа петте години од формирањето на првиот македонски светиклиментов духовен храм во оваа земја, Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“.
Временски скромно врамен јубилеј, но многу значаен по својата духовна, национална и афирмативна мисија и по амбициозните најави на неговите втемелувачи и ентузијасти, кои остварувале богати активности речиси на сите полиња. Тие не пропуштаат, а да не го одбележат секој позначаен настан од историјата на Македонија, на македонскиот народ и Црквата. Така, 8 декември, патрониот празник на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во оваа европска метропола се прослави достоинствено и мошне оригинално. А одбележувањето на петте лета на оваа национална духовна и културна македонска асоцијација во Париз беше можност да се проговори за дотогашното работење и бележито дејствување, кое со оглед на околностите и низата лимитирачки фактори, си трасирало свои патеки и обезбедило свое место во еден таков мегаполис каков што е Париз. Меѓутоа, едновремено, се укажа и на многуте проблеми, тешкотии, слабости и особено делбите, кои се разорни доколку не се надми-нуваат етапно, разумно и ефикасно. Прославата и овој пат беше фокусирана на афирма-цијата на националните и духовните вредности. Вредните домаќини од Управниот одбор на Македонската право-славна црковна општина „Свети Климент Охридски“, вложиле големи усилби и понудија ефектни содржини кои побудија видлив интерес кај многуте присутни меѓу кои имаше и Французи и други националности. Во Париз бевме сместени во хотелот „Холидеј ин“, кој се наоѓа на стотина метри од Ајфеловата кула и реката Сена. А „Дамата на Париз“, како што обично се нарекува кулата на инженер Ајфел, била изградена во 1889 година по повод Париската светска изложба. Иако оттогаш минало многу време Ајфеловата кула не загубила ништо од својот шарм, од своето техничко значење и од сопствената симболика. Напротив, во текот на сите овие години со старите лифтови до пространите платформи на челичниот џин се искачиле милиони луѓе. Продолжува
|