|
|
Пред Ајфеловата кула – „Дамата на Париз“ (2) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ФРАНЦИЈА Без Ајфеловата кула Париз и не може да се замисли. Ајфеловата кула му припаѓа на Париз. Таа е негов бренд, негова атракција и знак. Понекаде сè уште се слушаат протести дека таа ја загрозува сликата на градот. Позната е онаа анегдота за човекот кој не можел да ја поднесе Ајфеловата кула и, само затоа, секој ден се качувал на неа зашто кулата е единственото место во Париз од кое не се гледа Ајфеловата кула. „Дамата на Париз“ станува објект на литературата и на уметноста. За „смешната креатура која предизвикува бесознание“ не се говори, туку се зборува, пред сè, за еден вид трогателна завист од овој сведок на создавањето на железниот период кој £ припаѓа на сликата на градот Париз, иако во ерата на атомската физика и на вселен-ските патувања веќе не претставува никаква техничка сензација. Во центарот на Париз крај старите убави зданија, Французите изградиле и по нешто ново, каков што е Културниот центар на Париз. Таа огромна зграда, висока колку десеткатница и сместена на простор колку неколку фудбалски игралишта, по сè има чуден облик. Целата е изградена од стакло и од некакви огромни разнобојни цевки, сите во живописни бои. Низ внатрешноста на зградата се движат разни скали - ескалатори, и тоа во разни правци, пренатоварени со народ. Луѓето си уживаат низ некакви проѕирни тунели, а во внатрешноста врие од народ. Поради изгледот на градбата и нејзината конструк-ција, главно, од цилиндрични елементи, парижаните ја викаат „Рафинерија“. И, навистина, таа личи на некаква огромна рафинерија. Центарот е изграден како пандан на Ајфеловата кула, но со многу поголема практична примена. Сега е јадро на богатата култура и културните активности што секојдневно се случуваат во многумилионскиот град. Таму непрекинато се прикажуваат филмови во повеќе киносали, се приредуваат голем број изложби, се одржуваат разни приредби, таму има библиотеки, центри за изучување на разни странски јазици, театри, опери и многу други дејности. Накратко, објектот е вистински центар на културата и културните настани во Париз и пошироко.
Во Париз, една ноќ, кога градот се будеше, со автомобил се движевме по десниот брег на реката Сена. Се возевме бавно, полека, крај раскошно осветлените мостови, додека минувавме крај: Гранд Палас, Бурбонската палата, Лувр, Институтот, црквата „Нотр Дам“, Библиотеката... Таму се кејовите поврзани со 36 мостови. Најстар е мостот Понт Неуф, а најблескав е познатиот мост изграден во 1900 година, посветен на рускиот цар Александар Трети. Меѓутоа, се чини најдобро е човек да остане во Париз подолго и да пешачи секојдневно за да го почувствува здивот на вековите на Елисејските полиња, каде велосипедистите ја завршуваат трката околу Франција, која го спојува египетскиот обелиск на плоштадот Конкорд и гран-диозниот Славолук на победата на плоштадот Етоал, започнат по наредба на Наполеон во 1806 година. Оттаму не е далеку Трокадеро од каде најубаво се гледа Ајфе-ловата кула, Претседателската палата, американската и британската амбасада, како и извонредно убавите паркови на улицата „Риволи“. Меѓу булеварите многу чудесно се истакнува „Периферија“, најфрекфентната улица во Европа, потоа шестолинискиот прстен околу Париз, долг 36 км во кој се слеваат десетици автопатишта.
Во текот на нашиот престој во градот на спомениците, како често го нарекуваат Париз, неколку пати ја посетивме Триумфалната порта. Сребрено-сивиот џин со височина од 49 м, широчина 45 м и длабочина од 22 м, денес се смета за мајсторско дело на неокласичниот стил. Студена и величествена, оваа градба се стреми кон височините на париското небо, во центарот на Етоал - раскрсница на 12 големи авении, кои со облик на ѕвездени краци тргнуваат од овој плоштад. Река блескави автомобили се слеваат во авенијата „Шанзелизе“. Гробот на незнајниот јунак се наоѓа под сводовите на Триумфалната порта. Од 11 ноември 1920 година, овде почива непознат војник кој паднал во битката за Верден, каде над гробот гори вечниот син пламен. Идеја која од Французите ја презедоа многу земји, меѓу кои и Македонија и изградија слични или исти градби. Исто така, го посетивме Монтмартр, посебното собиралиште на сликарите и поетите, каде бројни Македонци ги пробале и понудиле своите знаења, умеења и сопствената среќа. А Пигал и Мулен Руж се предизвик за новодојдениот и го ставаат во искушение! Меѓутоа, најдолго се задржавме крај Богородичната црква. Таа импозантна катедрала, изградена од делкан камен, ја красат високи камбанарии, со високи шилести врвови во готски стил. Внатре црквата изобилува со прекрасни мозаици од стакло во разни бои и има многубројни оригинални скулптури на Исус Христос, на света Богородица и др. Светата Богородична црква е и своевиден музеј. И таму забележавме масовно присуство на голем број туристи од разни земји. Најверојатно, за популарноста на таа црква во голема мера придонел и најголемиот француски писател Виктор Иго, опишувајќи ја извонредно во својот роман „Богородичната црква во Париз“. Кај нас силен беше впечатокот и восхитот кои засекогаш остануваат колку пати и да ја посетите оваа духовност. Продолжува
|